1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставни измени: Ќе падне ли „седмица“ на собраниското лото?

21 јули 2023

На јавноста не ѝ е до уставни промени кога гледа дека институциите на државата пропаѓаат со неповратна брзина, а со нив и авторитетот на Владата и нејзините главни политички фигури. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4UCdr
Собрание Протест
Во втората половина на август ќе гледаме во бројчаникот на пленарната сала како да е њујоршката берзаФотографија: picture-alliance/AP/B. Grdanoski

Во втората половина на август ќе гледаме во бројчаникот на пленарната сала како да е њујоршката берза. Дали при гласањето бројката ќе застане на 80 или нема да успее да се искачи на толку. Поверојатно е да застане на 72-73 без да ги обезбеди преостанатите седум гласа до двотретинско мнозинство, што според сите предвидувања ќе биде вовед во нова катастрофа за Северна Македонија. Овдешната опозиција тоа ќе го смета, пак, за победа над бугарскиот диктат преточен во преговарачката рамка која ја усвоија и другите 26 земји членки на Европската унија. Но едно е сигурно, Македонија и нејзините евроинтеграциски амбиции се сигурниот губитник, заедно со околу два милиони граѓани, од кои многумина ќе се упатат кон бугарскиот конзулат во Скопје во очаен обид да добијат бугарско (читај европско) државјанство.

Самата процедура за уставните измени тргна во мачна атмосфера. Ниту европската тројка министри за надворешни работи од Австрија, Чешка и Словачка успеа да го зголеми расположението за уставните измени, ниту вајмарскатата министерска тројка на Франција, Германија и Полска не доведе до напредок на тој план. Уставните измени остануваат непосакуван политички чекор дури и по цена тоа да ја втурне земјата во нова неизвесност и пад по сите параметри. Процесот го придружуваат многу контрадикторности: анкетите бележат огромно противење на граѓаните за овој потфат, но истовремено и желба земјата да стане дел од Европската унија. 

Граѓанска разочараност  

На што се должи таквата контрадикторност и дали има недоволно свест дека земјата дефинитивно ќе биде истуркана од европскиот воз доколку Бугарите заедно со уште неколку други етнички заедници (хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ) не бидат внесени во Уставот?   

Анализата на овој феномен веројатно нема да им се допадне на многумина. Би почнале со чувството на изневереност од ЕУ и САД дека промената на името е последната отстапка што се бара од Македонија. Но да разработиме и уште неколку други можни причини зошто македонските граѓани се противат на уставните промени, а сакаат земјата да влезе во ЕУ. 

Влада Ковачевски
Изворот на разочараност на граѓаните е корупцијата која стана заштитен знак на оваа властФотографија: Government of North Macedonia

Првиот одговор би бил дека граѓанската разочараност не може да води кон конструктивност или кон рационалност. Изворот на таа разочараност несомнено е корупцијата која стана заштитен знак на оваа власт, поради чија распространетост веѓите ги поткренува и самото членство на владејачките СДСМ и ДУИ и нивните верни поддржувачи. Од таа причина граѓанското (не)расположение може да се протолкува и како порака до власта дека „нема да ве слушаме што зборувате бидејќи ве гледаме што правите“. 

Освен корупцијата тука и се непотизмот, клиентелизмот, партизацијата на сите сегменти од општеството, хаосот во здравството и во образованието. Колапсот на правниот систем кој е евидентен низ довербата помеѓу нула и еден отсто, е уште еден фактор, а можеби и пресуден за граѓаните да ја гледаат Владата како незаинтересирана група на луѓе, на која јавното добро ѝ е последна грижа во политичката агенда. 

Кој сака, а кој не сака уставни промени? 

Или накратко кажано - на јавноста не ѝ е до уставни промени кога гледа дека институциите на државата пропаѓаат со неповратна брзина, а со нив и авторитетот на Владата и нејзините главни политички фигури кои агитираат за уставните промени.

Притоа не ја доведуваме во прашање искрената желба на социјалдемократите од власта да заминат со уште еден трофеј по оној од НАТО: ефективен почеток на преговорите со ЕУ. Меѓутоа, политиката не е само еден процес, туку збир на процеси, однесувања и чекори кои го прават вкупниот впечаток кај јавноста за една власт и врз основа на кои јавноста и граѓаните одлучуваат дали ќе „соработуваат“ или не во болни хируршки операции како што е промена на Уставот поради притисок од трети земји, како што беше и промената на името. Секој политички аналитичар ќе каже дека референдумот за промена на името собра 610 илјади гласови затоа што се случи во 2018 година, година и три месеци по доаѓањето на коалицијата на Заев на власт, кога сѐ уште беше присутен ентузијазмот за квалитативни промени во општеството. И кога граѓаните не слушаа секојдневно за лукративните шеми на претставниците од власта.  

Слабостите на власта му помогнаа на ВМРО-ДПМНЕ да изгради наратив дека нема да дозволат уставни измени под бугарски диктат. Наратив кој е обична фразеологија без никаква политичка тежина. Впрочем како и формулацијата дека Владата на последните парламентарни избори не барала мандат за уставни измени, која што не спаѓа во ниту една категорија на сериозни политички причини за да не гласаат за уставните измени. Останатите пораки им се за корупцијата, клиентелизмот и лошото владеење на СДСМ и ДУИ. 

Христијан Мицкоски Димитар Ковачевски
Дали Христијан Мицкоски ќе попушти? Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Судејќи според анкетите за популарноста на водечките политички партии и можниот победник на следните парламентарни избори, граѓаните го присвоија тој опозициски наратив и во Владата гледаат неефикасен механизам да управува со која било од областите кои директно го засегаат нивното секојдневно живеење: образование, здравство, правна држава. Логиката на граѓанството е дека ако на Владата граѓанскиот интерес ѝ е последен на листата, на граѓаните исто така последни на списокот им се уставните измени. Оттука, социјалдемократите не можат да ја избегнат одговорноста доколку уставните измени бидат одбиени од парламентот, затоа што со своето поведение како владејачка структура градеа амбиент на недоверба кон институциите, па и кон Западот, кој ги поддржуваше во политиката која не доби преодна оцена кај мнозинството од домашната јавност, и затоа што во шестгодишното владеење не успеаја да консолидираат ниту еден од разурнатите вредносни системи од страна на нивниот претходник. 

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе попушти? 

Доаѓаме и до клучното прашање: дали ВМРО-ДПМНЕ ќе попушти?  

Бездруго ќе биде погубно ако Северна Македонија ја испушти оваа шанса не само поради неможноста да бидат мобилизирани седум или осум пратенички гласови колку што недостасуваат за двотретинско мнозинство. Тоа би било надвор од секоја општествена логика. Затоа, ако треба да разгледуваме повеќе сценарија за можниот исход, тогаш не треба да се изостави и сценариото Мицкоски да замижи пред гласањето на шест-седум пратеници од парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа варијанта ќе му овозможи колку-толку да го сочува образот пред своето членство, да не си ги затвори европските врати и да не падне во немилост на САД, а целата операција да добие позитивен епилог со гласање на неколку „непослушни” пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, притоа и власта би се откажала од својата позиција да го заврши мандатот во редовен календар и да се согласи на предвремени избори.  

Но, тоа е само теорија која е возможна на хартија, а многумина ќе ја отфрлат велејќи дека Мицкоски веќе има едно такво искуство со гласањето на уставните измени за внесување на новото име во Уставот по Преспанскиот договор, и сега нема да дозволи ситуацијата повторно да му излезе од контрола.   

САД во нивен манир веќе пратија предупредување дека тие што ќе бидат против уставните измени се всушност и против пријателството со САД. Во играта на стапот и морковот на противниците на уставните измени им се покажува патот дури и кон Русија, што само демонстрира колку ќе биде жесток политичкиот процес на убедување и чии политички глави ќе биде сервирани на масите кога САД и ЕУ ќе разговараат со силите во Скопје што се противат на уставните измени. Нема никаква дилема дека домашните играчи покажувајќи мускули на ЕУ и САД кришум погледнуваат кон Косово и Србија и инструментариумот на меѓународните претставници во арсеналот за дисциплинирање на непослушниот Курти. Љубопитноста е оправдана бидејќи мерките што ќе бидат применети таму може да се пресликаат и овде, со таа разлика што ВМРО-ДПМНЕ не е власт и нема механизми да им биде испорачана цена за некооперативноста. Барем засега, додека се во опозиција. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи