1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Писмо” од Горан на скопски билборд

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
8 април 2024

Дали тие што ја избрале мислата на Горан Стефановски за голем билборд имаат намера да се фалат со неа себеси или да му изразат заслужена почит нему, како на вистински македонски и европски писател? Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4eXEn
Драмскиот писател Горан Стефановски (архивска фотографија од 2016 година)
Драмскиот писател Горан Стефановски (архивска фотографија од 2016 година)Фотографија: EU Info Center Skopje

Во кусиот престој во Скопје пред една недела, неколкупати на еден голем билборд прочитав цитат од Горан Стефановски. Иако не ги сакам пораките од билбордите, ме трогна што  токму Горановата мисла  ме пресретнуваше неколкупати додека шетав низ центарот на Скопје. Чудно, не го гледав во истиот миг и него на улиците во Скопје. Како и јас, така и Горан не би се чувствувал пријатно во ова Скопје. Тој навистина би се чувствувал како неговиот Одисеј во Македонија-Итака. Сепак, секогаш кога ќе ја прочитав реченицата на билбордот, ја доживував како загадочно „писмо” од Горан токму за мене. За да  ме потсети дека своите собрани дела  во ПДФ-формат ми ги испрати две  години пред да почине, со забелешката: „да ти се најдат!” Затоа додека ја читав неговата порака среде Скопје, качена високо на билбордот, небаре беше слетала од небото, се засрамив и се натажив. Се сетив дека одамна не сум ги препрочитала неговите драми. И не сум напишала нешто  ново за него. Иако таа забелешка во меилот со  собраните дела, „да ти се најдат”, уште во истиот миг ја разбрав и како „завет”.

Со тага ја гледав хаотичната слика  на скопскиот центар и си признав дека пребрзо ги забораваме починатите. Да не беше така, тогаш  пораката на билбордот ќе  беше од Министерството за култура или од  Факултетот за драмски уметности, каде што Горан многу години предаваше. Билбордот не беше ниту пред влезот на некој од театрите во кои порано се изведуваа  неговите драми.  Под мислата на Горан дека „ни треба востание на визија”, ми падна в очи само името на една голема телекомуникациска фирма. Беше ли Горановата мисла реклама за таа фирма? Или реклама на некоја македонска партија? Се прашав, знаејќи дека наскоро ќе започне кампањата  за претседателските избори. Во Македонија денес многумина повторуваат дека се за европска Македонија, небаре таа Македонија во која тоа го изговараат не и‘ припаѓала на Европа. А Горан пишуваше во таа Македонија, која сега пропаѓа во хаос и распад на сите вредности, небаре беше во Лондон или во Париз. Затоа се прашувам дали тие што ја избрале мислата на Горан за голем билборд имаат намера да се фалат со неа себеси или да му изразат заслужена почит нему, како на вистински македонски и европски писател?

Горан Стефановски не би се чувствувал пријатно во ова Скопје
Горан Стефановски не би се чувствувал пријатно во ова СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

Во постојан дијалог со „своите Македонци“

Да беше Македонија вистински европска земја, разбирливо ќе беше во една од погоре во текстов споменатите културни институции да се одржеше во овие неколку години од смртта на Горан Стефановски симпозиум за тоа што тој им кажува со своите дела на Македонците. Од првата своја драма Горан беше во постојан дијалог не само со македонското минато, туку, пред се‘, со своите Македонци. Впрочем, тој сето свое творештво го создаде на македонски.  Не само додека пишуваше во Скопје, но и кога се пресели во Англија, во Кентербери, тој беше во непрекинат творечки и личен дијалог со Македонија. Не знам дали има  друг македонски творец кој толку ја сакаше Македонија како што ја сакаше Горан. Притоа неговото творештво е, во исто време, и македонски дијалог со сиот свет. Тој милуваше да каже дека ние треба да му ја раскажеме на светот „нашата приказна”, но на тој начин што ќе ја запишеме небаре ја раскажуваме само за нас. Кога еднаш го прашав зошто не пишува на англиски, тој само се насмеа и ми рече дека нема што да и‘ каже на Англија.  Навистина, тој секогаш им говореше, пред се‘,  на своите Македонци.

Притоа се чини дека кај малите народи, особено кај Македонците,  е обичај секој да сака да му каже  нешто важно  на „големиот свет”. Ако не друго, барем својата критика затоа што, според македонската културна меморија, тој  свет ја кроел судбината на неговата земја. „Светот” за Македонците отсекогаш беше Европа. Иако и Балканот е Европа, „големиот свет” во македонското минато беше Западот на Европа. Можеби затоа што нашите предци во минатото од пристаништата во Западна Европа заминува уште подалеку, во Америка и во Австралија. Европа и Западот за Македонците отсекогаш беа и „ветената земја” и тагата на печалбата. Горан веруваше дека доколку „нашата приказна”  ја  напишеме добро, според занаетот на писателството што сме го научиле дома, читајќи ги делата на големите европски и светски писатели, тогаш ќе ни успее да му ја „преведеме”  на  Западна  Европа „мудроста” на оној дел на Европа од кој таа се отуѓила – Балканот. Тоа е една од главните идеи во драмата „Огнени јазици”. Во последното дело, „Одисеј”, овој прв модерен носталгичар и дијаспоричен лик од темелниот мит на светската литература, ја изговара и  тажната мудрост на Горан: преведувањето на мудроста од едниот на другиот дел на светот е безнадежен проект. Западна Европа не може да ја разбере „мудроста”  на балканска Европа. И обратно! Но модерниот Одисеј, слично на Хомеровиот Одисеј, сознава враќајќи се „дома”  дека во меѓувреме тој станал  туѓинец за домашните, но и тие  за него. Тој копнеел да ги види такви, какви што тие биле пред тој да замине на долгото патување. Одисеј, Хомеровиот и Горановиот, сака да го види непознатото, но, притоа, тоа не смее да го измени, тој не смее да остари, како што ниту тоа „дома”, што го оставил зад себе, не смее да се промени. Напротив, реалноста е најчесто тажна.

Во Македонија денес многумина повторуваат дека се за европска Македонија, небаре таа Македонија во која тоа го изговараат  не и‘ припаѓала на Европа.
Во Македонија денес многумина повторуваат дека се за европска Македонија, небаре таа Македонија во која тоа го изговараат  не и‘ припаѓала на Европа.Фотографија: DW/M. Maksimovic

Во Горановиот „Одисеј” таа тажна вистина ја изговара Посејдон кога му вели  дека во таа Итака, по којашто копнеел „сè што било свето, сега е смешно.” Тоа може да е израз на Горановата горчлива вистина за Македонија, но тоа е вистината и за секој творец што по долги години се враќа во татковината. Во животот далеку од неа, дури и најсамокритичниот човек паѓа во замката на меланхолијата, која неминовно од напуштената татковина прави „изгубен рај“, затоа што  таму останало детството. Дека Горановата Итака е Македонија говори  репликата на неговиот Одисеј за дома како  „место кај што сè е мое.” Тоа за Горан значеше Македонија. Пред неколку години, во еден разговор,  го прашав дали понекогаш чувствува дека Македонија му станува сè потуѓа. Знаев дека кусо пред тоа престојуваше во Скопје. Горан извика: „Ма, каква туѓост! Таму, бре, сè е мое!”  Се прашувам, што се беше променило во меѓувреме кај Горан или во неговата Итака-Македонија, што тој во последната своја драма го опиша тоа свое копнеено „дома“   како  „место-неместо", како илузија и химера: „Итака е место промаја. Овде нема ништо. Всушност, не дека нема ништо. Овде има – ништо!” 

Рајско „дома"

Заминатиот нема повеќе каде да се врати, дури и ако си изгради нов дом во својата Итака. За модерниот Одисеј сиот свет е дома, а тој, сепак, никаде  повеќе не е „дома“. Во „Одисеј“ Горан оди уште понатаму и го  разобличува и копнежот по непознатото како мит за  рајот,  но  и идеализираното  „дома” на заминатите.  И рајот  и „дома“ на печалбарите  се „таму кај што тече мед и млеко. Три пати раѓа грозјето и пет пати пченката. Од три страни сонце сјае, од четврта месечина. И сите пеат: нека биде кој кај сака, само ние да сме си овде, дома.” Горан  не го разобличува само механизмот на „идеализирањето” на напуштената татковина. Тој покажува дека и тие што сакаат „да си бидат само дома” не се во „рајот“. Тие знаат дека во модерниот свет ништо  повеќе не е тоа рајско „дома". Во глобализираниот свет сите сме талкачи, ако не поинаку, барем во носталгијата по изгубената слика за светот како топос на копнежот. Кога се‘ ни е достапно, ништо повеќе нема тајна.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.