1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија во црно по трагедијата во Белград

БГ /АФП
4 мај 2023

Србија тагува откако 13-годишно момче смртно застрела осум свои соученици и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Граѓаните се прашуваат што се случува со општеството.

https://p.dw.com/p/4Qsg0
Србија е во тага откако 13-годишно момче смртно застрела осум свои соученици и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“
Србија е во тага откако 13-годишно момче смртно застрела осум свои соученици и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“Фотографија: Antonio Bronic/REUTERS

Трагедијата предизвика шок и голема тага во Србија. Вооружено насилство во училиштата во Србија е многу ретко, а претседателот изјави дека масакрот во училиштето е „еден од најтешките денови“ во историјата.  

Во четвртокот, училиштата низ цела Србија оддржуваа едноминутен молк, додека Институтот за ментално здравје во Белград отвори кризна линија за да им овозможи психолошка помош на ученици, наставници и семејства погодени од трагедијата. 

„Вчера цел ден плачев. Мојот син одеше во тоа училиште“, вели Милева Милошевиќ, 85- годишна пензионирана адвокатка која живее до училиштето.

„Никогаш нема да го заборавам ова, затоа што морам да поминувам оттука секој ден, додека можам“.

Училиштето Владислав Рибникар во населбата Врачар во центарот на Белград остана затворена во четвртокот, а полицијата и натаму го чува влезот во зградата.  

Србија Белград
Граѓаните оставаат цвеќиња, играчки и палат свеќи на импровизираниот меморијал на тротоарот пред училиштето.Фотографија: Nemanja Rujevic/DW

Граѓаните оставаат цвеќиња, играчки и палат свеќи на импровизираниот меморијал на тротоарот пред училиштето.

„Каде сме ние како луѓе, каде е нашата емпатија? Како не успеавме да го видиме проблемот, како со лицето кое го стори ова, така и со сите други луѓе кои доведоа до тоа ова да се случи?“, се прашува белграѓанката Ана Ѓуриќ, додека минува покрај училиштето. 

Лекарите велат дека две од повредените деца се уште се во критична состојба откако биле подложени на серија операции. 

Скица од хорор филм 

Во Србија од петок започнува тридневна жалост.

Министерството за внатрешни работи побара од сопствениците на оружје да ги заклучат во сефови, и предупреди дека на оние кои нема да го сторат тоа ќе им биде одземено оружјето.

За време на обраќањето до нацијата во средата, претседателот Александар Вучиќ предложи серија мерки за намалување на вооруженото насилство, вклучително и двегодишен мораториум за издавање дозволи.

Вучиќ соопшти дека напаѓачот, кој е малолетен и не подлежи на кривичен прогон, ќе биде сместен на психијатриско одделение. Полицијата вели дека тој со себе носел два пиштола- едниот кој го користел и уште еден во ранецот. Шефот на белградската полиција Веселин Милиќ рече дека „осомничениот го планирал убиството еден месец и имал листа на деца кои планира да ги убие“. 

„Скицата изгледа како нешто од видео игра или од хорор филм, што укажува дека планирал до детаљ, по одделение, кого да убие“, рече тој.