1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обезбедувањето на германските аеродроми- „несфатливо наивно“

6 ноември 2023

Како може еден човек со обичен автомобил да влезе на пистата на аеродромот во Хамбург и да предизвика хаос? Што ќе се случеше да беа терористи? Критиките од експертите не стивнуваат.

https://p.dw.com/p/4YSKO
На аеродромот во Хамбург заложничка драма
На аеродромот во Хамбург се случи 18-часовна заложничка драмаФотографија: Daniel Bockwoldt/dpa/picture alliance

Во неделата полицијата конечно успеа да го убеди 35-годишниот маж да се предаде откако осумнаесет часа ја држеше како заложник својата четиригодишна ќерка во автомобил на аеродромот во Хамбург.
Претходно тој вооружен упадна на аеродромската писта и се паркираше до авион. Целиот аеродром беше блокиран. Драмата подгреа дебати за безбедноста на германските аеродроми.
За разлика од други места, каде има столбови кои може да се спуштат или да се подигнат и така да спречат автомобили да пристапат до најобезбедуваната зона, за киднаперот во Хамбург очигледно црвено-белите рампи биле единствената пречка до таму. Ова не е прв пат неовластени лица да навлезат на аеродромски простор. Летоска активисти на „Последната генерација“ ја исекоа металната ограда и се залепија на аеродромската писта.

Аеродромот не гледа пропуст

Раководството на аеродромот не гледа можни пропусти. „Безбедноста на аеродромскиот простор е во согласност со законските одредби, па дури оди и подалеку од пропишаното“, изјави портпаролката за ДПА.
Таа додаде дека на толку голем аеродром, кој има површина од приближно 800 фудбалски игралишта, не може да се исклучи дека „некој сериозен криминалец ќе си обезбеди пристап до заштитеното подрачје со примена на брутална сила“.
Оваа портпаролка додаде дека постои алармен систем за ваквите ситуации, „кој се активирал беспрекорно“.
Како што додаде таа, по протестите на климатските активисти, зголемен е бројот на патроли во близина на оградата на аеродромот, а се тестираат и нови камери и сензори.
Не сакаше да каже ништо за рампите кои лесно биле пробиени. „Ве молиме за разбирање дека не даваме подетални информации за нашиот безбедносен концепт“, вели портпаролката.

 аеродромот во Хамбург  заложничка драма
Обезбедувањето на аеродромот во Хамбург не гледа пропустиФотографија: Martin Ziemer/Getty Images

Застарени прописи

Андреас Роскопф, претседател на полицискиот синдикат, на Првата програма од јавниот радиодифузен сервис на Германија, го отвори прашањето дали концептот за безбедност на аеродромот во Хамбург е соодветен на актуелните потреби.
„Итно треба да креираме безбедносен концепт што одговара на денешната состојба“, вели Роскопф. Тој додава дека не сака ниту да помисли што можело да се случи да се работело за тероризам.
Роскопф нагласува дека стандардите за безбедност на аеродромите денес наложуваат камери за надзор и детектори за движење во чувствителните области. „И на приодните патишта мораме да работиме со бариери и пречки кои барем обичен автомобил не би можел да ги пробие", вели Роскопф и додава дека  опасноста во тој поглед се зголемува во Германија,  но нагласува дека аеродромите сепак работат според важечките безбедносни прописи.
„Законодавниот дом треба да донесе многу јасна регулатива во оваа област, за аеродромските управи да бидат принудени да воведат такви заштитни мерки и изложеноста на опасноста што во моментов ја имаме, да биде што е можно помала“, заклучува Роскопф.

Немарен однос

Професорот на Полициската академија Рафаел Бер, како и заменик-претседателот на германскиот полициски синдикат Хајко Тагац, бараат поголема заштита за безбедноста на аеродромите.
„Тешко е да се сфати дека дури и  божиќните пазари се обезбедуваат со бетонски барикади,  а дека аеродромските компании имаат таков однос кон нашите аеродроми во строго заштитените зони“, рече Тагац за новинската агенција ДПА.
Професорот Бер изјави за НДР дека  концептот за безбедноста  дефинитивно мора да се преиспита. „Не можам да разберам дека аеродромската компанија сега се крие зад законските одредби кои не предвидувале построги мерки“, вели професорот.
Тој вели дека едно е исполнувањето на законските обврски, „но ако погледнеме во светот околу нас, ќе видиме дека на сторителите не им е грижа кои прописи се почитуваат, а кои не. Едноставно кажано, тој чувствителен проток на сообраќај мора да биде подобро заштитен. Затоа сето тоа неминовно мора да се преиспита“.

„И другите аеродроми не се безбедни"

Експертот за воздухопловство Хајнрих Гросбонгарт, кој претходно работел за Луфтханза, Боинг и синдикатот на пилоти Кокпит со алармантна оценка во неделникот „Шпигел“ предупредува дека „аеродромот во Хамбург не е безбеден - но ниту другите германски аеродроми не се“.
Според него, тоа е скандалозно, бидејќи аеродромите „со децении се познати како омилени  мети на терористите.  Авионите со десетици илјади литри керозин и стотици патници чекаат да полетаат“.
Поради сето ова, Гросбонгарт ги нарекува аеродромската управа и институциите „несфатливо наивни“.