Исламистичкиот напад во Берлин - пропусти со кобни последици
19 декември 202011 лица однесе во смрт исламистот Анис Амри кога на 19 декември 2016 со украден камион влета во божиќен пазар во Берлин. Амри, по потекло од Тунис и со статус на бегалец во земјата, претходно го убил возачот на камионот. Преку 60 посетители на пазарот беа тешко повредени. Тоа бешеисламистички терористички напад со најстрашни последици што до тогаш се случил во Германија - и можел да биде спречен. Тоа на почетокот на октомври годинава го изјави Ханс Георг Масен кој во време на нападот беше претседател на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок.
Поранешниот шеф на германската контраразузнавачка служба своевремено беше повикан и како сведок во парламентарната истражна комисија. Гремиумот од март 2018 се обидува да открие кој е виновен за грешките направени во однос на Амри. На безбедносните служби подолг период им било познато дека тој не е само ситен дилер на дрога и одбиен барател на азил. Сепак нападот не беше спречен. „Нападот не мораше да се случи и тоа е за мене посебно трагично”, призна Масен четири години по настанот. Тој не можеше или не сакаше пред истражната комисија да потврди дека самиот направил грешка, или пак службата со која раководел до октомври 2018 година.
Пратеникот Бенјамин Штрасер затоа во разговор со ДВ вели: „Грешките секогаш се бараа само кај другите, ретко во сопствената служба”. Пратеникот од ФДП смета дека е време „конечно јасно да се признае одговорноста за потфрлањето на службите во случајот со Амри.”
БКА И БНД признаваат дека имало грешки
Во некоја мера тоа и се случи по настапот на Масен кој не беше критикуван само од страна на Штрасер. По него како сведоци сослушувани беа и претседателите на Службата за разузнавање (БНД), како и на Сојузната полиција (БКА).
Притоа шефот на БКА, Холгер Минх, отворено призна дека во случајот Амри имало значителни недостатоци во размената на информации меѓу безбедносните служби во Германија, но и на европско ниво. Наод кој беше потврден и од шефот на БНД, Бруно Кал. Неговата служба, како и сојузната полиција во септември и октомври 2016, односно неколку месеци пред нападот, добиле информации од мароканската тајна служба во врска со исламистички активности на Амри. Кал отпосле смета дека било грешка што тоа не го споделил веднаш со Службата за заштита на уставниот поредок. Вели, имало простор сопственото делување да биде предмет на „самокритична проверка”. Со тоа, барем реторички, ги исполни очекувањата на истражната комисија.
Експерт за тајните служби: ситуацијата беше „исклучително опасна”
Сепак пратеникот од редовите на ФДП, Штрасер вели: „И четири години по нападот не се научени суштинските лекции”. На владата за такво нешто очигледно и недостигала политичка волја. Социјалдемократскиот претседател на гремиумот, Фриц Фелгентрој, не отиде толку далеку. Но, и тој им префрла на безбедносните служби тешки пропусти. „Спој од грешки му овозможи на Амри некако да се протне меѓу шавови”.
Подоцнежниот напаѓач Амри дефинитивно бил на радарот на Центарот за спречување тероризам со седиште во Берлин. Таму сите централни безбедносни служби, како и 16-те покраински разменуваат свои сознанија. Амри во 2016 повеќе пати бил тема. Ситуацијата тогаш била „исклучително опасна”, изјави во сведочењето пред комисијата поранешниот координатор за тајните служби во кабинетот на канцеларката, Клаус-Дитер Фриче.
Постоеле сознанија за повици од Исламска држава за напади во Европа на „прослави за крајот на годината”.
Паралели со нападот во Ница
Министерството за внатрешни работи било свесно за постоењето на таква опасност. Експерт задолжен за меѓународен тероризам и екстремизам во тој контекст и експлицитно спомена божиќни пазари кои како христијански симбол за исламистички терористи биле „особено атрактивни мети”.
И покрај тоа барем на нападнатиот божиќен пазар не биле преземени заштитни мерки кои на Амри во најмала рака би му отежнале непречено да влета со камионот. Половина година пред нападот во Берлин, во Ница според истата шема имаше и многу повеќе жртви. Преку 80 лица го изгубија животот во јули 2016 кога еден исламист исто како и Амри по потекло од Тунис, со неговиот камион на францускиот национален празник влета во толпа луѓе на променадата. По тој случај во Германија веќе се размислувало што би можело „разумно” да се преземе за спречување на такви напади, рече експертот за тероризам од Министерството за внатрешни работи пред истражната комисија.
„Службите за државна безбедност немаа доволно персонал”
Покрај други заштитни мерки, се разговарало и за бетонски огради. Денес ги има насекаде во Германија, на пример во фреквентни пешачки зони. И плоштадот Брајтшајд на кој Амри го изврши нападот, сега е ограден со такви масивни пречки. А, кои беа политичките последици? Сенаторот за внатрешни работи на Берлин, Андреас Гајзел, веднаш по нападот назначи специјален истражител кој својот конечен извештај го претстави есента 2017-та. Заклучокот гласи: безбедносните служби целосно потфрлиле.
Една недела пред Божиќ социјалдемократот Гајзел е сведок во Парламентарната истражна комисија. Меѓу другото комисијата прашува и зошто Покраинската полиција (ЛКА) неколку недели пред нападот престанала да го следи подоцнежниот сторител Амри. Одговорот на Гајзел е дека „тоа било чиста грешка“. Службите за државна безбедност немале доволно персонал. Тоа во меѓувреме се сменило. Сенаторот за внатрешни работи посочува на над 1000 нови вработувања во полицијата. Но, и додава дека „не постои апсолутна безбедност.”
Томас де Мазиер сноси „целосна одговорност“
Како последен сведок беше испрашуван тогашниот министер за внатрешни работи Томас де Мазиер. „Ми се свртеа во глава сликите од Ница,“ изјави тој на почетокот. Почуствувал „бескрајна тага“ и „голем бес“. Се прашувал дали атентатот можел да биде спречен? Немало уверлив одговор – само обид да се научи од грешките. Сепак не бара оправдување. Како министер за внатрешни во тоа време, немал дилеми дека „за сѐ сноси целосна одговорност“.
Атентатот изнел на виделина слаби точки, вели де Мазиер. Но, вели дека стои и зад безбедносните служби. Колку трауматично го доживува атентатот и четири години подоцна можеше да се почувствува кога спомена разговор со роднини на жртвите на средба организирана од тогашниот претседател Јоаким Гаук. „Тоа беше еден од најпотресните разговори што сум ги водел за време на мојот мандат.“