1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Убиството на Дугина: Војната се сели на руска територија?

БГ /АП
22 август 2022

Ќерката на влијателен руски политички теоретичар познат и како „мозокот на Путин“ беше убиена во експлозија на бомба во нејзиниот автомобил на периферијата на Москва. Што значи атентатот за Русија?

https://p.dw.com/p/4Fr8f
Русија Дарија Дугина
Местото на атентатот врз Дарија ДугинаФотографија: Investigative Committee of Russia via REUTERS

Според досегашните сознанија, 29-годишната телевизиска коментаторка Дарија Дугина била убиена со подметнат експлозив во нејзиното возило во саботата вечер. Но убиството отвори сомнеж дека можната цел на атентатот не била таа, туку нејзиниот татко Александер Дугин, националистички филозоф и писател. 

Дугин е еден од главните поддржувачи на концептот „Руски свет“, духовна и политичка идеологија која се заснова на традиционални вредности, враќање на руската моќ и единство на сите етнички Руси ширум светот. Тој е и еден од најжестоките поддржувачи на војната во Украина на рускиот претседател Владимир Путин. 

Експлозијата се случила во моментот кога неговата ќерка се враќала од културен фестивал каде што била заедно со својот татко. Руските медиуми наведуваат дека возилото му припаѓало на Дугин, но тој во последен момент одлучил да патува со друг автомобил.

Бомбашкиот напад дополнително ќе ги влоши тензиите меѓу Русија и Украина.

Претседателот на сепаратистичкиот регион Доњецк, Денис Пушилин обвини дека зад нападот стојат „терористи на украинскиот режим кои се обидуваат да го убијат Александер Дугин“. 

Александер Дугин Русија
Дугин е еден од главните поддржувачи на концептот „Руски свет“Фотографија: Heikki Saukkomaa/picture alliance/dpa

Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак отфрли одговорност на неговата влада за нападот. „Ние не сме злосторничка држава, за разлика од Русија, и секако не сме терористичка држава“. 

Акт на застрашување 

Досега непозната руска група, Национална републиканска армија, презеде одговорност за нападот, изјави поранешниот руски пратеник Илја Пономарев. Постоењето на таа групација досега не е потврдено.

Политичкиот аналитичар Абас Галјамов, поранешен пишувач на говори на Путин, го нарече нападот „акт на застрашување“ насочен кон лојалистите на Кремљ. 

Дарија Дугина
Дугина беше санкционирана од САД во март годинава поради нејзината работа како главен уредник на интернет портал опишан како извор на дезинформации.Фотографија: TSARGRAD.TV via REUTERS

За нив, смета тој, „ова е симболичен акт, кој демонстрира дека непријателствата за пренесени на територијата на Русија, што значи дека тоа повеќе не е апстрактна војна која се гледа на ТВ“.

„Ова веќе се случува во Русија. Не само што се бомбардира Крим, туку се извршуваат терористички напади во регионот на Москва“. 

Иако точните релации меѓу Дугин и Путин не се јасни, Кремљ често пати ја повторува реториката од неговите писанија и јавни настапи на руската државна ТВ. Тој ја промовира Русија како побожна земја, со традиционални вредности и авторитарно лидерство и ги презира западните либерални вредности.

И неговата ќерка изразуваше слични ставови појавувајќи се како коментатор на националистичкиот ТВ канал Царград, каде што Дугин беше главен уредник.

Самата Дугина беше санкционирана од САД во март годинава поради нејзината работа како главен уредник на интернет портал опишан како извор на дезинформации.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема