Црвеното републиканско цунами кое требаше да ги прегази Демократите и да го лансира Трамп кон нова претседателска кандидатура, не се случи и не успеа. Резултатите од меѓуизборите во САД можеме да ги запишеме како нерешено, како успех за Бајден и сериозен пораз за Трамп.
Секако, нецелосните резултати говорат дека Белата куќа на Бајден ќе се соочи со „поделена Влада“, но штетата можеше да биде многу пострашна. Демократите најверојатно ќе го задржат Сенатот, Преставничкиот дом ќе им припадне на Републиканците, но со далеку помало мнозинство од тоа што се предвидуваше. Резултатот или успехот на Демократите на некој начин е историски: од 39 конгресни избори, од граѓанската војна до денес, 36 биле изгубени од партијата која владее со Белата куќа. И покрај рекордната инфлација во последните 40 години и ниската популарност под 40%, Бајден испорача далеку подобар резултат од Клинтон и Обама. Напротив, Бајден го оствари најдобриот резултат за Демократите во последните 20 години.
Во секој случај, и онака поделената и поларизирана Америка во следните две години ќе се соочи со законодавна парализа.
Но, главниот сигнал кој се испраќа со овие избори е дека американската демократија има доволно антитела за да се избори со вирусот на популизмот и политичкото насилство. Антителата кои суштински се граѓанските слободи и грижата за демократијата, имаа далеку поголемо влијание од очекувањата и ограничениот поглед на анкетите.
Пресвртница во политиката
Успехот на Бајден е зајакнат од неуспехот на Трамп и на голем дел од кандидатите кои тој ги спонзорираше. Од тој аспект можеме да кажеме дека овие избори означуваат еден вид на пресвртница во американската политика и општество, и дека од сега натаму, не само Демократите, туку и Републиканците вртат нов лист и веќе гледаат кон ерата на пост-трампизмот.
И тука не зборуваме само за кандидатот Трамп, туку за целиот трампистички багаж кој се состои од насилство, силеџиство, екстремни провокации, сомнеж во институциите, газење на граѓанските права и слободи, непочитување на правилата или на изборните резултати.
Повеќе од авторот: Бразил на Лула победи над „Трампињо“
Американската политика и општество на овие избори, благодарение на Демократите, на гласовите од независните и неопределените, па дури и на умерените Републиканци, изградија еден вид на санитарен кордон околу Трамп и отворено го изразија своето анти-Трамп расположение. Многумина во Републиканската партија се убедени дека токму гломазното присуство на Трамп е главната причина за неуспехот на овие избори, како и дека неговата агресивна и затупена електорална база влијаеше да се наметнат кандидати кои потоа лошо поминаа на изборите. „Слонот во собата“ е токму Трамп кој на 15 ноември планираше да ја најави претседателската кандидатура. Дали сѐ ова е доволно да го запре во неговите амбиции е тешко да се каже, но Рон ДеСантис, гувернерот од Флорида кој повторно извојува одлучувачка победа, веќе се наметнува како далеку поефикасна алтернатива.
Пост-Трамп расположение
Ерата на пост-трампизмот се подига како плима во републиканските редови и се дуе во сите внатрешни и надворешни фронтови на партијата. Тоа што е сигурно е дека никој од републиканските политички протагонисти, како Мич Меконел, лидер на Републиканците во Сенатот, не можат да го поднесат. Никој денес не може да замисли нови 4 години претседателство на Трамп, пропратени со секојдневни драми, непријателства и хистерии.
Светот на бизнисот веќе отворено е против него, затоа што неговиот пиратски начин на функционирање ги загрозува самите основи на капитализмот, на правната држава и на почитувањето на правилата и на институциите. Руперт Мардок отворено се дистанцираше од Трамп, нудејќи ја својата поддршка и не штедејќи пофалби за ДеСантис – ноќната мора за екс-претседателот.
Трамп разбирливо, реагираше агресивно и дури отворено му се закани на ДеСантис да не се кандидира за претседател, затоа што би можел да се повреди себеси, додавајќи и дека ќе откриел работи кои не се ласкави за неговата репутација. Трамп има право да е уплашен од ДеСантис кој е артикулиран, динамичен, добар оратор и претставува еден традиционален начин на водење на политика. Млад е, едвај 44 години, и успеа Флорида од нестабилна, но одлучувачка „свинг“ држава на претседателските избори, да ја претвори во републикански бастион, освојувајќи ги симпатиите на хиспаносите. Неговиот индиректен одговор кон Трамп гласеше: „Не победиме само во Флорида, туку одново ја цртаме политичка мапа на Америка“.
Дека нешто се менува во политичкото расположение на Америка на овие избори видовме и од локалните гласања, пред сѐ за правото на абортус после пресудата на Врховниот суд. Ако гласањето за заштита на абортусот беше очекувано во Калифорнија и другите прогресивни држави, такво нешто не беше очекувано во Канзас. На овој начин гласачите го делегитимираа Врховниот суд одбран од Трамп и јасно покажаа дека ниту судот, ниту Трамп повеќе не го рефлектираат мнозинството на земјата.
Повеќе од авторот: Британија со Сунак, авторитаризмот во Кина и мид-терм изборите во САД
Ерата на пост-трампизмот, растечкото анти-Трамп расположение, внатрешната борба која допрва ќе се разгори во кампусот на Републиканците, кажува дека иако Бајден ќе има доста главоболки на домашен план, сепак ќе располага со време и простор да се посвети на надворешната политика.
За Русија неуспехот на Трамп е чист пораз
Резултатите од изборите се гаранција за континуитет, нешто што смирувачки ќе делува врз Украина, силно оди на штета на Русија, ја става на тест Кина, и нуди големи можности за обединетост и соработка со Европа. Изборите ја потврдуваат сепартиската поддршка за Украина, како со воена помош, така и со разузнавачки информации кои се одлучувачки во отпорот кон Москва. Ако за Киев ова беа добри изборни резултати, за Москва се депримирачки и катастрофални.
За Русија неуспехот на Трамп е чист пораз, не само денес, туку и во перспектива за изборите во 2024-та. Русија нема што многу да очекува од Вашингтон, ако се надева на преговори за тоа не ѝ треба Трамп, Белата куќа веќе е убедена дека мора да се случат, но работата е што ќе се случат со воена поддршка која ќе го стави Киев во преговарачка позиција на сила. Дршката од ножот мора да биде во рацете на Киев. Бајден нема да прифати никаква форма на предавање, особено не сега кога руската војска беше приморана да се повлече од Херсон, нешто што означува пресврт во војната и се случи на денот на поразот на Трамп. Тоа само ја зајакнува стратегијата на Бајден и неговите сојузници. Од друга страна Белата куќа се има откажано од секаква идеја за соборување на режимот во Москва, па оттука, можноста за некакви преговори ќе зависи од играта помеѓу овие два екстрема.
Одек во Кина и ЕУ
Резултатите од овие избори силно ќе одекнат и во Кина, особено после 20-от Конгрес кој го круниса третиот мандат на Ши Џинпинг. Американските избори се потврда за најголемата авторитарна светска сила дека виталноста на демократските институции е воскресната и дека не се наоѓа во терминална криза како што тие сакаат да ја опишуваат. Економската војна и долгорочниот предизвик помеѓу САД и Кина ќе остане сеопфатна опсесија на американската политика. Од технолошкиот судир до градењето сојузи во Азија, централноста на Индо-Пацификот ќе ги одбележи идните две години мандат на Бајден, каде ризикот од криза или судир околу Тајван останува опасно реален.
Повеќе од авторот:
Резултатите од меѓуизборите во најголем дел од Европа беа дочекани со автентично олеснување, додека Франција и Германија се особено окуражени од слабите шанси за успех на Трамп во 2024-та. Но, додека трансатлантската соработка и обединост е ревитализирана од војната во Украина и од руската закана, за очекување е дека несогласувањата на линија САД-ЕУ ќе растат со времето поради заморот кај јавното мислење од растечките трошоци, инфлацијата и енергетската криза. Заканата од економски национализам и нови популистички опции не е дефинитивно пребродена на двете страни од Атлантикот.
Како што реков, Бајден нема да има лесен живот во наредните 2 години. Сега почнува комплицираната фаза од неговото владеење. Гласовите на жените и на младите беа клучниот фактор за Бајден да не заврши како жртвено јагне на овие избори, но остануваат да лебдат во воздух големи прашања и за Демократите. Нивниот најголем проблем ќе биде кого да кандидираат за следните избори во 2024-та. Бајден не ја крие својата волја за уште една номинација, но неговата возраст (во 2024-та ќе има 82 години), неколку физички проблеми, ниската популарност, би можеле да го одвратат од намерите. Позади Бајден не се гледа кредибилен кандидат или кандидатка, во состојба да го повлечат демократскиот електорат, поделен во своите умерени, либерални и радикални крила. Камала Харис мизерно потфрли и е најголемото разочарување во овие 2 години, додека на хоризонтот не се гледа некој нов Барак Обама.
Како и да е, Америка останува длабоко поделена, поларизирана и склона кон политичка трибализација, но и таква немирна и неспокојна, покажува знаци на живот, еден креативен хаос од идеи, идеологии, предрасуди, утопии, табуа и надежи. Ништо не е статично во Старата Република, ќе каже Карл Маркс. И за оние кои ја сакаат и за оние кои ја мразат, и за пријателите и сојузниците и за противниците и за смртните непријатели, овие избори имаат јасна порака. Ерата на пост-Трамп почнува, а Америка со безброј закаснувања, контрадикции, непознаници и предизвици, ја одржува жива својата демократија и демократијата на своите институции. Тоа е голема порака и во борбата за светска хегемонија која допрва претстои против диктатурите на 21-от век.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.