1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подгорички модел во Скопје или Скопски модел во Подгорица?

2 ноември 2023

Прашањето дали сценариото од Подгорица може да се повтори во Скопје е накриво поставено. Бидејќи, гледано во ретроспектива, сегашниот модел во Црна Гора е според примерот претходно изведен кај нас. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4YJ5A
Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Составувањето и изгласувањето на новата Влада на Црна Гора се чини дека не предизвика големо внимание во Македонија, иако е настан која го растревожи регионот и ги подзагрижи западните партнери. Чуден однос, бидејќи многу елементи на тој процес во Подгорица би требало да ги заинтересираат домашните политички (и не само) фактори кај нас. Во албанскиот медиумски кампус покривањето на Подгорица беше диктирано од улогата и учеството на тамошните албански политички партии. Но затоа во македонскиот полит-партиски дел, чудниот развој на настаните во инаку блиската екс-федеративна република помина под радарот, како на провладините така и на проопозициските медиуми.

Накусо, Црна Гора доби Влада предводена од младиот Милојко Спајиќ и состав во кој доминираат просрпски и проруски партии, две албански политички партии и сето тоа на штета на самите Црногорци. Новата влада се состави и покрај гласните – но задоцнети – предупредувања за опасноста од учеството на проруски елементи во кабинетот, вклучувајќи го и синоќешното огласување на американската сенаторка Џин Шахин и изразување загриженост дека „некој во Подгорица може да ги споделува тајните на НАТО со рускиот претседател Путин”. Што особено се однесува на спикерот Мандиќ како јавно докажан путинофил и опонент на НАТО.

Изразите на загриженост од западните партнери дополнително ги огорчија Црногорците и особено прозападните партии, кои со години предупредуваа на несфатливиот антагонистички однос на САД и ЕУ кон факторите кои обезбедија и независност и внесување на Црна Гора во НАТО. А притоа на штета на прозападниот курс на земјата и во прилог на јакнење на псевдо-реформски, отворено пробелградски и промосковски играчи. Таквите забелешки особено се фокусираа на односот на американските претставници во регионот, Подгорица и Белград, и улогата на специјалниот пратеник Габриел Ескобар. Која на крај заврши со парадоксален резултат на победа на проруските фактори со претходна поддршка од страна на дипломатиите на САД и ЕУ.

Така мислеше и Ѓукановиќ

Тој однос на ЕУ и особено на САД би требало да биде доволен повод за провладиниот фактор во Скопје внимателно и со загриженост да ги следи случувањата во Подгорица, од аспект на превртливоста или кусогледоста на нивните меѓународни партнери, во кои инаку се колнат. Од друга страна, можеби блискоста на овдешната амбасадорка на САД со пробелградските пулени во Кабинетот Ковачевски, како што е пред сѐ Министерот Внатрешен Спасовски, е причината за тивкоста заснована на убедувањето на Илинденска дека ја имаат меѓународната поддршка, па како и да ја свртат. Така мислеше и Мило Ѓукановиќ.

Особено е интересен молкот на проопозициската „јавност” собрана околу ВМРО-ДПМНЕ, инаку секогаш ревносно галамџиски пропагандно определена во прилог на сѐ што е поврзано со Србија. За опозицијата, и генерално за македонскиот политички кампус, е навистина чудно што останаа тивко замолкнати по прашањето на игнорирање на Црногорците во составувањето на новата влада во Црна Гора. Што речиси целосно се совпаѓа со клучните пропагандни аларми на ВМРО-ДПМНЕ и просрпските медиуми за загрозеноста од „опасноста Албанците да ја преземат државата” преку клучните премиерски и претседателски функции. Проблемот, чинам, со таквата експлоатација на црногорското сценарио во потпалување на македонската јавност е што таа овдешна замислена паралага дека „Албанците нѐ окупираат” навистина се случи во реалноста на Црна Гора. Но со таа разлика што во Подгорорица клучните раководни функции ги преземаа Србите, со помош на две албански партии и низ исклучување на црногорските, босанските и хрватските партии. Таа мала разлика е причината зошто патриотската опозиција кај нас остана индолентна. Од нивна призма и логика, преземањето на раководството е опасност единствено доколку се однесува на Албанците. Но кога тоа го прават Србите, овдешната провладина и проопозициска матрица слегнува со рамена и заклучува „ништо страшно”.

Незаинтересираноста на македонскиот полит-медиумски кампус за состојбите во Црна Гора е дотолку позачудувачка поради навидум сличните сценарија на наметнување на доминацијата или интересите на една нација врз друга. Изненадувачки и индикативно е што овдешната „јавност” која е грозничаво заинтересирана за секој обид на присвојување на што било македонско од страна на соседна Бугарија, не смогна сили истото да го препознае – ако веќе не се солидаризира – во сличните, дури и подраматични обиди на Србија за ништење на сѐ и што било црногорско во Црна Гора – од црквата, историјата, јазикот, па сѐ до Његош. Молк и незаинтересираност како уште еден индикатор за влијанието на Белград врз овдешната политичка, медиумска, интелектуална камарила. Но и сведоштво за непринципиелноста на „бранителската” кауза која не смогна сили да реагира за црногорските предизвици онака како што останатите не-српски фактори од регионот искажуваа разбирање за македонските аргументи во спорот со Бугарија.

„Системските Албанци“

Познаниците и медиумите од Подгорица во неколку наврати побараа да понудам објаснување за улогата на тамошните политички партии на Албанците и нивниот неочекуван однос кон составувањето на владата. На прашањата дали е тоа под влијание на Американците или на Тирана, мојот одговор беше дека сепак пореално е да се констатира дека е нус-ефект на политиките на Подгорица во фаворизирањето на тамошните „системски Албанци” низ кои се обезбедуваше спокојот на црногорските суверенисти и по цена на незадоволството на обичните Албанци. Накусо, тридецениското потпирање на Мило Ѓукановиќ и ДПС врз грст албански преплатени претставници, избрани и селектирани според интересот на црногорските партии, на крај резултира во рефакторизација на истите. Но сега во прилог на просрпските и проруските сили, на штета на процрногорските фактори и рамнодушност на автентичните граѓани од албанска националност. Накусо, Црногорците ја научија погубноста на комерцијализацијата на претставништвото како гарант на благосостојбата на мнозинството додека си на власт, но и катастрофалната погубност кога таквата формула ќе премине во други раце.

Прашањето кое виси во воздух е дали некакво слично или варијабилно сценарио е возможно во Северна Македонија? Протоколарниот одговор би било резолутно „Не“, со сите пропратни аргументи дека има сличности, но разликите се поголеми, поинакви и.т.н. Но сѐ што следи потоа, укажува дека таквата можност не само што не може да се исклучи, туку е и пореална отколку што се сака да се признае. Навистина, тешко е да се поверува дека отворено проруските и просрпските партиички од типот на Бачев, Апасиев, Јакимовски и.т.н. ќе бидат во состојба да составуваат или имаат клучен збор во некој нов кабинет на Илинденска. За разлика од Црна Гора, каде Демократската Партија на Социјалистите беше монолитно суверенистичка, про-НАТО, на дистанца од Србија и резолутно против Русија, во случајот со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ таквите про-Белград/Москва фактори се вткаени во самите двеголеми партии. Делумно како влијателни фракции, делумно како едвај затскриени играчи во самите највисоки раководства и во постојана  (подземна) соработка надвор од партиските стеги. Оттаму, не станува збор за екстерен „уплив или подем” на про-Белград/Москва влијание, бидејќи за разлика од Подгорица, таквите фактори и влијанија се веќе и онака традиционално, влијателно и тврдокорно вткаени во секоја влада од времето на Кљусев до сегашната на Ковачевски и потенцијалната на Мицкоски.

Поуката за Скопје

И тоа е клучниот проблем на просрпските структури како во ВМРО-ДПМНЕ, така и во СДСМ, кои и онака имаат мака како пред странците да го одржат во живот привидот дека станува збор за две дијаметрално различни партии со дијаметрално различни геостратешки определби. За разлика од Црна Гора, каде Подгороица навреме разбра дека е членка на НАТО и правеше обиди за акомодација кон новите реалности, тоа благовестие сѐ уште тешко се пробива – и гневно се одбива – во свеста на водствата на Бела Палата и Бихаќка, кои упорно инсистираат дека членството во НАТО подразбира „раат сме” и анулира каква било нужност за промена. А таа промена мора да се случи. И затоа поуката од Црна Гора треба да биде разбрана како предупредување за Скопје.

Бидејќи во крајна основа, влегувањето на просрпските фактори во владата на Подгорица не е почеток на вртење кон Русија, туку заокружување на реал-политичкиот процес на градење на нова Црна Гора согласно реалностите на теренот. Падот на Ѓукановиќ подразбираше крај на доминацијата на Црногорската етничка доминација преку експлоатација на останатите, а во име на одбрана од српското влијание. Сегашното намирување на просрпските фактори исто така подразбира задоволување на барањата на Србите во Црна Гора, но по сметка на напуштање на зависноста или дикатотот од Белград. Што секако на крај ќе резултира во кусотрајност на оваа не-црногорска владина конструкција, но и зачувување на учеството на српскиот фактор во следните влади.

Во Македонија тој процес се одвиваше преку акомодација на албанскиот фактор, преку ДУИ, во дистанцирање од диктатот на Тирана и барање чаре во рамките на домицилната земја, преку т.н. Тиранска платформа. Проблемот на ДУИ е што злоупотребата на таа доктрина прерасна во експлоатација на придобивките за семејствата Али Ахмети, Артан Груби, Буши, на штета на Албанците и компромитација на западните партнери. Во исто време, тој процес на акомодирање на сите во рамките на Македонија, како земја членка на НАТО, сега се префлува и во односот кон СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои треба да ја разберат цената на безбедност во рамките на пошироката безбеднона архитектура.

Тоа секако се однесува на пробелградските пропоненти од Кумановскиот регион. Кои навистина не успеаја да се наметнат како „играчи од екслузивна доверба” во очите на Вучиќ (кој преферира да се потпира врз Ахмети), но затоа се диференцираа самите себеси како ликови кои допрва треба да го разберат модусот операнди на НАТО. Истото се однесува и на галамџиите од дружбата на Христијан Мицкоски, толерирани како дел од предизборниот фолклор на антиалбанство и антибугарство како дел од ритуал нужен за носење гласачи до изборните кутии, но ефектно и резолутно отфрлен штом седнат со реал-политичката потреба за делење на власта како предуслов. Затоа, прашањето дали сценариото од Подгорица може да се повтори во Скопје е накриво поставено. Бидејќи, гледано во ретроспектива, сегашниот модел во Црна Гора е според примерот претходно изведен кај нас. И кој по сѐ судејќи ќе мора да биде повторен. Повторно и повторно. Сѐ додека скопскиот привилегиран естаблишмент на СДСМ, ВМРО не разбере дека тие самите – а не граѓаните – треба да ја платат цената за безбедноста во НАТО и влезот во благосостојбата на ЕУ.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема