1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шекеринска кандидат за заменик-генерален секретар на НАТО?

ДТЗ
15 август 2024

Доколку Радмила Шекеринска биде избрана, таа ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан надвор од Европската Унија.

https://p.dw.com/p/4jV6p
Шекеринска НАТО
Шекеринска кандидат за заменик-генерален секретар на НАТО Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешната вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска е кандидатка за заменик-генерален секретар на НАТО, објави „Политико“. Во текстот „Првата задача на Марк Руте во НАТО: Да се најде жена за десна рака“, „Политико“ повикувајќи се на изјава на висок дипломат на НАТО, посочува дека постои општ консензус меѓу сојузниците дека источноевропеец треба да биде назначен за заменик на новиот шеф на Алијансата, Марк Руте.

Како што се наведува, покрај Шекеринска, во трката за оваа позиција влегува и поранешната вицепремиерка на Бугарија и поранешна еврокомесарка, Марија Габриел. 

Две поранешни функционерки во игра 

„Пред да го започне својот нов мандат како шеф на НАТО, Марк Руте веќе минува низ неколку биографии од оние кои сакаат да бидат негова десна рака. Актуелниот заменик, Мирчеа Џоана, кој ја извршува функцијата од 2019 година, се очекува да се повлече за да се кандидира на претседателските избори во Романија во ноември“, велат претставници на НАТО за „Политико“.

Разговорите во седиштето на НАТО се фокусираат на две поранешни функционерки од Северна Македонија и од Бугарија, две балкански земји кои некогаш биле под советска контрола до крајот на Студената војна, пишува „Политико“.

„Можеби функцијата ќе и припадне на жена од Источна Европа“, изјави поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску.

Шекеринска одбила да коментира, а Габриел не одговорила на повиците на „Политико“. 

Марк Руте
Постои општ консензус меѓу сојузниците дека источноевропеец треба да биде назначен за заменик на новиот шеф на Алијансата, Марк Руте.Фотографија: Omar Havana/AP/dpa

Пофалби и очекувања 

Мајда Руге, виш политички соработник во тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи, ја фали како идеален кандидат.

„За следниот заменик-генерален секретар на НАТО ќе му треба личност која е високо компетентна, храбра, паметно размислува за Русија и ги разбира предизвиците во Западен Балкан. Радмила Шекеринска совршено се вклопува во тој профил“, смета Руге, која е експерт за балканскиот регион.

Делегациите на Бугарија и на Северна Македонија во НАТО не ги коментирале кандидатурите. И НАТО одбиле да коментираат.

Но, според дипломат на НАТО и висок функционер на Алијансата, името на поранешната министерка за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска често се спомнува. Доколку биде избрана, таа ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан надвор од Европската Унија.

Северна Македонија влезе во НАТО пред четири години, а Шекеринска имаше клучна улога во нејзиното членство. Прозападната Шекеринска моментално е потпретседател на Партијата на европските социјалисти.

Во едно интервју по руската инвазија на Украина, таа го отфрли тврдењето на Русија дека проширувањето на НАТО кон исток е „злобен план на Западот“, пренесува „Политико“. 

Понатаму се додава дека наведува дека Руте ќе го преземе кормилото на НАТО на 2 октомври, во време кога воената алијанса се стреми кон итна мисија да го поддржи источното крило со цел да спречи каква било потенцијална руска агресија. Германија, на пример, проценува дека Русија би можела да биде подготвена воено да ги нападне земјите на НАТО за пет до осум години, доколку одлучи да го стори тоа. Поради тоа доброто познавање на „кремлинологијата“ е релевантно кога станува збор за изборот на Руте за негов заменик.

Улогата на заменик-генерален секретар е зголемена на важност во текот на последната деценија. Примарната негова улога е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.  

Радмила Шекеринска: Без медиумите како Дојче веле голем дел од промените ќе беа невозможни