1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГерманија

Поплави во Германија: Многу грижи и посета од канцеларот

4 јуни 2024

Поради тензичната ситуација со поплавите, канцеларот Шолц беше во посета на тешко погодениот регион во Баварија. Луѓето се во шок.

https://p.dw.com/p/4gcEy
Канцеларот Олаф Шолц, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер и баварскиот премиер Маркус Зедер во посета на Рајхертсхофен
Канцеларот Олаф Шолц, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер и баварскиот премиер Маркус Зедер во посета на РајхертсхофенФотографија: Oliver Pieper/DW

Кога еден канцелар со гумени чизми е во области погодени од поплави, тоа значи дека ситуацијата е сериозна. Всушност, многу сериозна. А кога во негова придружба се и баварскиот премиер и сојузната министерка за внатрешни работи, ситуацијата мора да е особено напната. Олаф Шолц се појавува пред камерите со Маркус Зедер и Ненси Фезер пред пожарникарската станица во Рајхертсхофен, Горна Баварија и со загрижен израз вели:

„Силите на природата се големи, тие се силни и можат да предизвикаат големо уништување, особено поплавите. Ова е четврти пат оваа година да одам во некоја погодена област. Ќе направиме сѐ што можеме, вклучително и со ресурсите на сојузната влада, за брзо обезбедување помош.“

Рајхертсхофен, место со 8.500 жители, е една од општините кои се најпогодени од поплавите во јужна Германија. Некогаш безопасната река Пар, притока на Дунав, се претвори во бесна река, а неколку брани се пробиени. Неопходна беше евакуација, сосема се поплавени стотици подруми и приземја, а снема и електрична енергија.

Баварскиот премиер Маркус Зедер вели: „Ситуацијата е и останува сериозна. Дури и ако водата се повлече на некои места и почнат работите за расчистување, и натаму има пробиви на вода. Се пробиваат брани, има нови поплави, многу евакуации. Во моментов се евакуираат над 3.000 луѓе, а бројот се зголемува.“

Пожарникарите и службите за итни случаи на лимит

Во моментов во акција се 20.000 спасувачи, а нивниот вкупен број е над 50.000, ги пофали Зедер волонтерите во Баварија. Еден од нив е Кристијан Ничке. Во една од ретките мирни минути во изминатите неколку денови, овој по функција највисок пожарникар во областа, нервозно пуши цигара. Ничке всушност може да биде прилично горд на себе и на својот тим, тие на безбедно одведоа илјадници луѓе.

Само да не се случеше несреќата со пожарникарот кој се преврте со својот чамец за време на спасувачка операција и не можеше да биде спасен. Ничке за ДВ вели: „Ова е кошмар на оваа операција, најлошото нешто што може да се случи е да изгубите колега. Многу сме погодени, вознемирени и потресени. Но, ќе се бориме до крај, дури и во областите каде што имаме изгубено против водата“.

Рајхертсхофен Олаф Шолц
Шолц: Нема да смееме да ја занемариме задачата да ги запреме климатските промени предизвикани од човекотФотографија: Oliver Pieper/DW

10.000 луѓе непосредно пред евакуација

Ничке е човекој кој на канцеларот и на првиот ловек од тој округ Алберт Гиртнер треба да им ја објасни драматичната ситуација во Горна Баварија. Кога би постоел некој екстремно тежок тест за издржливост на локални политичари, тогаш  Гиртнер сигурно би го положил. Тој ја презеде функцијата пред четири години, точно помеѓу првиот и вториот локдаун во пандемијата на коронавирус, а сега го чека следниот огромен предизвик - поплавите.

Тој за ДВ вели: „Вчера се плашевме дека ќе биде поплавен цел град со 10.000 луѓе, но фала му на бога тоа не се случи, меѓу другото и поради тоа што спасувачите завршија одлична работа. Овие волонтери ни се дефинитивно потребни во иднина. Треба да продолжиме да ги поддржуваме структурите што ги имаме бидејќи имаме премалку вработени со полно работно време“.

Поплави во Рајхерстхофен Германија
Поплави во РајхерстхофенФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Градежните работи во јужна Германија - поважни од посетата на Шолц

Сѐ уште нема помисла на одмор, вели Гиртнер. Дунав во следните ден или два би можел да донесе многу нова вода. Гиртнер не е осамен во ваквата своја проценка. Цел Рајхертсхофен сè уште го следи нивото на водата.

Фактот дека во овој мал град се највисоките политичари во земјата е само попатна информација, на која не ѝ се обраќа исклучително внимание. На крајот на краиштата, сега треба да се завршат поважни работи.

Тука е жената чиј подрум е поплавен и која очајнички бара генератор за итни случаи бидејќи струја нема веќе 24 часа. Тука е човекот кој нема идеја како да влезе во неговата куќа која се наоѓа директно покрај реката, бидејќи влезот сега е мало езеро. И кој сѐ уште пред очи ја има агонијата на неколку срни и елен што ги однесе водата. И, конечно, тука е Мартин Лоренц, кој - повторно - е соочен со урнатините на својата егзистенција.

Рајхертсхофен Кристијан Ничке
Ничке: Секако дека сме среќни и се чувствуваме ценети кога имаме такви посетителиФотографија: Oliver Pieper/DW

Брза поддршка наместо бирократија

Пред четири години, корона-пандемијата беше таа што речиси го уништи работењето на неговото фитнес-студио, а сега го зафатија поплави. Онаму каде што неговите 60-тина клиенти вообичаено тренираат, сега има вода до колена. Лоренц за ДВ вели: „По короната, бизнисот повторно оди добро веќе една година, а сега се случува ова. Неисправни се сите електрични работи, уништени се фитнес справите и подовите.“

Лоренц објаснува дека е добро што Олаф Шолц со свои очи се уверува каква е ситуацијата во Рајхертсхофен. Но, канцеларот сега мора да се мери според она што го зборува за брза помош на повредените. Од тоа зависи дали тој ќе може да ја обнови својата теретана.

„Политичарите треба едноставно да добијат реален преглед и да не даваат празни ветувања. Не како со короната, кога работите често беа многу комплицирани. И човек да не мора да се плаши да не направи погрешно илјада работи и потоа да треба да врати пари за 100 работи.“

Овој текст е првично објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема