Пораки за 11 Октомври: Да останеме цврсти и обединети
11 октомври 2023Пораки за истрајност и сплотеност да се остане на европскиот пат испрати државниот врв на денешната прослава на празникот 11 Октомври - Денот на народното востание. Премиерот Димитар Ковачевски на прославата во Куманово рече дека земјата мора да се справи со антиевропската агенда која е и антимакедонска агенда и да остане на европскиот пат. И лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски повика на обединетост и сплотеност, но против „оние кои распродаваат, преговараат и уценуваат“.
Непокор
„Имаме обврска да останеме на европскиот пат и фокусирани на европските вредности во името на сѐ што е постигнато со македонскиот непокор до денес. Антиевропската агенда е антимакедонска агенда и со тоа може да се справиме само со нови мудри одлуки“, рече Ковачевски на централниот настан по повод празникот 11 Октомври - Ден на народното востание, што се одржа кај Спомен костурницата во Куманово, под мотото „Непокор и слобода“.
На ова македонско парче земја, рече премиерот, никогаш не се бегало ниту од пламен, ниту од окупатори, ниту од одлуки. „Правецот е повторно тој, во остварувањето на стратешките национални и државни цели, да останеме цврсти и обединети, да се соочиме со актуелните предизвици, чекорејќи напред. Назад никогаш и не било опција, ни за партизаните ни за Илинденците, ниту кога се носеле важните политички одлуки при изградбата на државата и во нејзиното меѓунафродно етаблирање по независноста. Назад не е ни наша опција“, рече Ковачевски.
Неговата порака е дека не треба да се дозволи „нечии лични, партиски или други агенди, нечии туѓи цели да ни го попречат европскиот пат“.
„Ова не е битка со оружје и на бојни полиња, како партизанските и револуционерните борби. Но е, уште една сериозна и важна битка што ние мораме да ја добиеме. И со тоа ќе се осигураме никој никогаш да не може да ги користи македонските идентитетски прашања, за свои или нечии туѓи цели. Членството во ЕУ го потврдува, зацврстува и унапредува идентитетот. Таков е случајот со сите европски народи. Така ќе биде потврден, зацврстен, унапреден – со тоа и заштитен трајно и македонскиот идентитет во европски и светски рамки. Еднаш освоената слобода и еднаш создадената држава - се чуваат и штитат засекогаш“, рече Ковачевски.
Чествувањето на празникот почна со положување цвеќе пред Спомен-костурницата од страна на повеќе делегации, на Владата, Собранието, Кабинетот на Претседателот, Армијата, диломатскиот кор, здруженија на борци, претставници на бизнис заедницата, невладиниот сектор.
Да учиме од историјата
„За да ги зачуваме придобивките на славната антифашистичка генерација, мора да ја градиме Северна Македонија како демократска и функционална правна држава, со еднаквост пред законите и еднакви можности за развој и за напредок за секој нејзин граѓанин“, порача претседателот Стево Пендаровски во честитката по повод 11 Октомври.
„Фокусирани на општото добро и на јавниот интерес ќе создадеме услови за нашите млади да останат во својата татковина и тука да се вклучат во битките за напредок на секое поле на животот“, додава Претседателот.
„Да веруваме во нашите борби“
„Да веруваме во нашите борби, бидејќи историјата покажува дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна. На страната на правдата, за оние кои веруваат во вредности, и оние што веруваат во слободата, во заедничкиот живот и патриотизам“, вели лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Според него, „важно е да ја почитуваме и учиме историјата, за да ги научиме од грешките, да бидеме обединети и сплотени, да го слушаме гласот на народот и да се спротивставиме на оние кои распродаваат, преговараат и уценуваат“. „11 Октомври е светлиот датум кој Македонија ја прави победник. Важно е денешниот ден да не го заборавиме, почитуваме и да се поклониме“, вели Мицкоски во честитката за државниот празник.