1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците на втор состанок со историјата

18 август 2023

По членството во НАТО, властите порачуваат: од народните избраници зависи дали Северна Македонија ќе продолжи и кон остварување на втората стратегиска цел - членството во ЕУ.

https://p.dw.com/p/4VJGk
Одлучувачка седница во македонското Собрание за уставните измен
Одлучувачка седница во македонското Собрание за уставните измениФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Одлучувачка седница за европската иднина, исправени сме пред храбра, тешка и историска одлука, потребно е зрело државничко однесување - се дел од синтагмите со кое се дочекува „Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија".

Така гласи точката на дневниот ред на денешната седница во македонското Собрание, која со интерес ќе се следи и во Скопје, и во Софија, и во Брисел, бидејќи од епилогот ќе зависи дали РСМ ќе го продолжи интеграцискиот пат кон ЕУ. Поради отсуство на двотретинска поддршка за уставни измени, нејзиниот почеток е дочекан без оптимизам, но не и без надеж дека нештата може да се променат до крајот на мандатот на актуелниот парламентарен состав.

„Пред нас се храбри и тешки одлуки, сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување, да бидат на ниво на задачата и да донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за идните генерации, за нас, за нашите деца“, порача премиерот Димитар Ковачевски по вчерашната средба со американската амбасадорка Анџела Агелер.

На средбата разговарале за постојаната и силна поддршката од стратешкиот партнер САД за европскиот пат на РСМ, и за следните чекори.

Премиерот Димитар Ковачевски: „Сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување“.
Премиерот Димитар Ковачевски: „Сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување“.Фотографија: Petr Stojanovski /DW

„Пратениците се, пред сѐ, претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во ЕУ. Заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, врвна демократија. Заради подобар живот по европски стандарди. Затоа што сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат иднината. ЕУ е нашата единствена алтернатива“, напиша премиерот на Фејсбук.

Кој е за интеграција, кој за изолација

Во пресрет на денешната седница, ДУИ и СДСМ синоќа уште еднаш упатија апели до пратениците. Од ДУИ седницата ја нарекоа „одлучувачка за европската иднина на земјата" и апелираа до сите пратеници да размислат за важноста на нивната историска задача.

„На манипулацијата со граѓаните од страна на различни деструктивни сили и дојде крајот откако, ДУИ како сериозна партија со проамериканска-европска ориентација ги стави на располагање сите можни опции, само за евроинтеграцискиот процес на земјата да не биде блокиран. ДУИ уште еднаш ги повикува политичките партии и самите пратеници да ги остават настрана личните и партиските интереси, да не се обидуваат да ја блокираат туку, да ја приоритизираат европската иднина на граѓаните. Ќе видиме кој е за интеграција, а кој за изолација, кој за Европа, а кој за Русија, кој за перспектива, а кој за уназадување“, се вели во соопштението на ДУИ.

Од ДУИ апелираа до сите пратеници да размислат за важноста на нивната историска задача
Од ДУИ апелираа до сите пратеници да размислат за важноста на нивната историска задачаФотографија: DW/S. Toevski

И социјалдемократите порачаа дека нема веќе простор за манипулации - седницата за уставни измени ќе покаже дали Мицкоски и ДПМНЕ се за или против ЕУ. 

„Со голема леснотија Мицкоски кажува дека е подготвен да им ја блокира европската иднина на граѓаните земјата, исто како Груевски. Седницата е последна можност, да покаже Мицкоски дали избрал интеграција во ЕУ или изолација, седнат во скутот на Левица. Доколку ја одбере Левица и антиевропскиот блок Мицкоски отворено застанува против Македонија, против врвните национални и државни интереси на македонската држава - членство во ЕУ“, порачаа од СДСМ. 

Ништо спектакуларно

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и вчера потенцираше дека ставот на партијата во однос на уставните измени останува непроменет - промена на Уставот под бугарски диктат и под тие услови нема да има, а истото ќе биде кажано денеска и во Собранието.

„Не очекувам ништо спектакуларно. Уште при усвојувањето на дневниот ред, мнозинството, односно Владата на СДСМ и ДУИ ќе види дека нема нема двотретинско мнозинство за да го турка овој процес. Очекувам дека нема да има понатаму дополнителна политичка гимнастика и потоа единствена легитимна политичка тема ќе биде одржување на предвремени парламентарни избори", изјави Мицкоски на ТВ Сител. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повтори дека промена на Уставот под бугарски диктат и под тие услови нема да има.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повтори дека промена на Уставот под бугарски диктат и под тие услови нема да има.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Притоа направи една споредба.

„Едно е бугарскиот народ да биде дел од Преамбулата, друго е да биде дел од Комитетот за меѓуетничнички односи - тоа се сосема две различни работи. Ако вие барате од мене нешто, истовремено треба да сте подготвени и да дадете нешто. Ако не сте подготвени (за спроведување - н.з.) барем неколку од оние пресуди на Судот за човекови права во Стразбур за правата на македонската заедница во Бугарија - зборувам за нивното културно организирање - тогаш како ќе ме убедите дека имате добра намера? Како ќе ме убедите дека тоа што од мене го барате е во рамките на тоа што вие го заслужувате“, праша Мицкоски, говорејќи за односот на бугарските политичари.

Од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница нема да користат посебна иконографија - маички со пораки, транспаренти или други реквизити. Пред седницата ќе имаат уште координација, а на седницата се очекува да се обрати еден од пратениците на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кој ќе го повтори нејзиниот став. Целта на партијата е што побрзо да се увиди недостигот од поддршка за уставни измени, а за фокусирање на проблемите кои се важни за граѓаните - борбата со криминалот и високата корупција, како и подобрување на тешката економска ситуација - партијата смета дека се потребни брзи предвремени парламентарни избори.

Расправата за предлогот не може да трае повеќе од десет дена, а претседателот на Собранието Талат Џафери неодамна изјави дека дека доколку нема двотретинско мнозинство гласањето може да биде одложено, но и дека може и да не се случи.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи