Политички тензии околу имињата на улиците во Сребреница
17 април 2024Спроти најавеното усвојување на резолуцијата за Сребреница во Обединетите нации, но и одговорот на раководството на Република Српска дека во четврток ќе го усвојат Извештајот на Меѓународната комисија за истражување на страдањата на сите народи во Сребреница, политичките тензии се проширени и на пониско ниво. И покрај противењето на бошњачките советници, претставниците на пробосанските партии и здруженија на жртви на геноцидот, општинското собрание на Сребреница донесе одлука за промена на имињата на улиците во тој град.
Според усвоениот предлог, улицата „Маршал Тито“ сега ќе се вика улица „Република Српска“, а Плоштадот на народниот херој Михајло Бјелаковиќ ќе се вика Плоштад Република Српска. Градскиот парк Сребреница е преименуван во Парк на мајорот Коста Тодоровиќ, а улицата „Реуф Селманагиќ Црни“ во улица „Дубровачка“.
Трета промена во три децении
„Ова е последната фаза од геноцидот. Тоа е истата политика која се водеше во деведесеттите и оние воени и повоени години кога Бошњаците не беа тука. Ова е јасна порака дека Бошњаците не се добредојдени овде“, вели Алмир Дудиќ, пратеник во Собранието на Сребреница.
Некои од дваесетината улици во Сребреница сега ќе ги носат имињата на Меша Селимовиќ, Иво Андриќ и Скендер Куленовиќ. Одлуката е донесена едногласно, без присуство на бошњачки советници. Градоначалникот на Сребреница, Младен Грујичиќ (СНСД) вели дека бошњачкиот дел од членовите на комисијата не учествувале во работата, бидејќи „биле инструирани од Сараево“.
„Не можеше да се чека, бидејќи ова би се случило утре или задутре, или во следниот период. Политиката што сака да се наметне овде е: ако не се случи како што велам, нема да се случи воопшто. Ние не сме за наметнување на какви било имиња. Тоа не се наметнати имиња, туку имиња кои произлегоа од предлогот. Оној на кој му се наметнува е српскиот народ во Босна и Херцеговина, па и во Република Српска“, рече Грујичиќ.
Повеќето од имињата на улиците во Сребреница беа на сила до 1996 година. Потоа, со одлуката на локалната власт донесена од советници од српска националност, променети се сите имиња. Шест години подоцна, со одлука на новото парламентарно мнозинство беа вратени старите имиња на улиците.
За здруженијата одлуката е срамна
„Моравме да ги смениме имињата на улиците. Зошто да има улица 'Маршал Тито' во Сребреница, ако не ги наследуваме неговите вредности“, вели Момчило Цвјетиновиќ, претседател на локалната СДС Сребреница.
Именувани се и улици кои досега немаа име, па останатите улици ќе ги носат имињата на Мусе Ќазим Ќатиќ, Стар Град, Црквиште, Доктор Сабит Бегиќ, Слободан Илиќ, Доктор Десимир Митровиќ, Јереј Бобан Лазаревиќ, 16 јануари , Гаврило Принцип, Ениза Хасановиќ, Мехмед Паша Соколовиќ и Јездимир Дангиќ.
Од здруженијата на семејствата на жртвите велат дека одлуката за промена на имињата на улиците без бошњачки советници е срамна, особено поради фактот што, како што велат, Сребреница никогаш не била град со една етничка припадност.
„Бидете прво луѓе, а потоа верувајте што сакате. Дајте разбирање кон другите и различните. Па, претпоставувам дека во Сребреница никогаш не било еднонационално. Сите живееја и никому не му беше тешко“, изјави за БХТ Фадила Ефендиќ, претседателка на Здружението Мајки од Сребреница.
Пред да ја донесат одлуката, пробосанските партии испратија отворено писмо до амбасадорите во БиХ, барајќи од нив да ја спречат најавената промена на имињата на улиците. Тие особено предупредија за промена на името на улицата „Реуф Селманагиќ Црни“, потсетувајќи „на видео снимката од 1995 година на која се гледа Ратко Младиќ, кој бара да се отстрани таблата“.
ОХР нема да реагира
„Додека целиот свет се занимава со усвојување на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, со оваа одлука, по 28 години жртвите се соочуваат со продолжување на етничкото чистење и последната фаза од бришењето на антифашистичките вредности во градот во кој е извршен геноцидот“, посочуваат тие во писмото до амбасадорите потпишано од пробосанските партии, здруженијата од Сребреница и потпретседателот на РС, Чамил Дураковиќ. Дури и по донесувањето на одлуката, Дураковиќ ја повика меѓународната заедница да реагира, и ја истакна важноста на локалните избори во овој момент, за да се смени власта.
„Ако ОХР не го стори тоа, тоа мора да биде задача на оние кои треба да излезат на локалните избори оваа година и на политички начин да ја вратат Сребреница на нормални политики кои нема да носат еднонационални одлуки кои ќе ги прегласаат другите“, рече Дураковиќ.
ОХР (Канцеларијата на Вискиот претставник на меѓународната заедница во БиХ) нема да одговори со никакви мерки - засега. Во одговорот за ДВ само велат дека ваквиот начин на постапување во Сребреница не придонесува за помирување.
„Преименувањето улици без јавни и транспарентни процедури и без учество на бошњачки претставници не е адекватен начин на делување, ниту придонесува за помирување и градење доверба во општеството.“
Не помогна ни жалбата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, каде пред донесувањето на одлуката ги повикаа надлежните власти да не ја носат одлуката за преименување на улиците во Сребреница. Од партијата Народ и правда (НиП) соопштија дека одлуката е срамна и штетна за животот во тој град во Босна и Херцеговина. Тие велат дека е особено срамен фактот што тоа е направено без согласност на бошњачките советници.
Улици на слободата, дијалогот, иднината...
„Жално е и што целосно беше игнорирана иницијативата на младите од Сребреница, кои предложија неколку имиња кои не се спорни за ниту една заедница која живее во тој град, а кои ја насочуваат самата Сребреница кон иднината, соживотот и соработката. Наместо тоа, градоначалникот Грујичиќ и парламентарното мнозинство решија да ја отфрлат и да ја донесат оваа антицивилизациска одлука“, се наведува во соопштението од НиП.
Премиерот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ, на парламентарното мнозинство во Сребреница му порача дека на овој начин „уште еднаш се запишуваат на црните страници на историјата, срамотејќи се себеси и народот во кој се колнат“, и додаде: „Поради мрачните ревизионисти како оние кои владеат со Сребреница, важно е светот да се сеќава на геноцидот, важно е да се усвојат резолуции за осуда на геноцидот на сите нивоа, особено од страна на Обединетите нации. Злосторството останува злосторство, а жртвата останува жртва“, вели Никшиќ.
Младите на Сребреница на крајот на минатиот месец испратија предлог до градоначалникот и претседателот на собранието со имињата на улиците кои, како што наведоа, „се резултат на минимумот за кој можат да се договорат без разлика на етничка припадност“. Според тој предлог, кој не беше прифатен, улиците би ги носеле имињата улица на толеранција, култура, солидарност, еднаквост, знаење, слобода, дијалог, иднина, деца на Сребреница, пријатели на Сребреница, градење мир, млади, улица Нова, Улица Староградска, улица Рударска, улица Сончева, улица Нова и улица на надежта.