1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Каква улога би можела да има ЕУ по војната во Газа?

Ела Џојнер
17 јануари 2025

Сè уште непотврдениот прекин на огнот даде момент на надеж за Газа. ЕУ е подготвена да испрати помош и поддршка, но ќе треба и да се обиде да влијае на идниот американски претседател Доналд Трамп од маргините.

https://p.dw.com/p/4pG2s
Појас Газа уништување
Официјални претставници на ЕУ велат дека сакаат Унијата да ја поддржи обновата на ГазаФотографија: OMAR AL-QATTAA/AFP

Петнаесет месеци откако терористичкиот напад предводен од Хамас во јужен Израел предизвика невидено израелско бомбардирање и копнена кампања која ја разурна Газа, на повидок е крај на конфликтот. Човечката цена е поразителна: бројот на загинати Палестинци е близу 45.000, според локалните власти, а има повеќе од 1.000 израелски жртви од нападот на 7 октомври 2023 година.

ЕУ од страна гледаше како САД, Египет и Катар посредуваа за договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во три фази, кој би можел да стапи во сила во недела, при што 33 израелски заложници во Газа треба да бидат ослободени во замена за палестински затвореници кои се држат во Израел.

За момент, финализирањето на договорот беше доведено во прашање од страна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но тој во меѓувреме соопшти дека се расчистени и последните прашања. 

27-те земји членки на ЕУ, кои беа опфатени со внатрешни поделби и имаа ограничено дипломатско влијание во конфликтот, сега може да имаат важна улога.

Во Брисел, Европската комисија ги пофали земјите посреднички и го поздрави договорот во четвртокот.

„ЕУ е подготвена да го поддржи спроведувањето на прекинот на огнот“, изјави на брифингот за новинари портпаролот на ЕУ за надворешни работи Ануар Ел-Ануни.

Израел Роднините на израелските заложници заробени во Газа
Роднините на израелските заложници заробени во Газа се меѓу оние кои нервозно чекаа вести за прекин на огнотФотографија: Jack Guez/AFP

Извршната власт на ЕУ објави дека нејзиниот пакет хуманитарна помош за Газа за 2025 година изнесува 120 милиони евра, а тој ќе покрива храна, вода, засолниште и здравствена заштита. „Знаеме дека ситуацијата таму е катастрофална“, рече портпаролката Ева Хрчирова.

Речиси 90 отсто од предвоеното население на Газа од 2,3 милиони е раселено поради континуираните израелски напади, при што многу луѓе беа принудени да живеат во шатори откако нивните домови беа претворени во урнатини. Кон крајот на минатата година, ОН соопштија дека повеќе од 1,8 милиони луѓе страдаат од екстремен глад, цитирајќи ги проценките на ИПЦ- глобалната иницијатива за безбедност на храната.

Израел засега сè уште силно ја ограничува испораката на помош, иако треба да се дозволи многу повеќе во првата фаза од договорот за прекин на огнот, што, исто така, би довело до почеток на повлекување на израелските трупи.

ЕУ може да помогне во набљудување на преминот Рафах

Покрај краткорочната хуманитарна помош, ЕУ е, исто така, подготвена да помогне во обновата на Газа на долг рок. Минатиот април, ОН, ЕУ и Светската банка проценија дека само во првите четири месеци од војната била направена штета на инфраструктурата во Газа од 18,5 милијарди долари.

Во четвртокот, ЕУ посочи дека е во состојба на подготвеност да работи со меѓународните партнери, особено со земјите од Заливот, кога ќе дојде време. „Сега треба да видиме што носи иднината“, рече Ел-Ануни.

Појас Газа радост по веста за договорот за прекин на огнот
Луѓето во Појасот Газа со голема радост ја дочекаа веста за договорот за прекин на огнотФотографија: Youssef Alzanoun/Middle East Images/AFP/Getty Images

ЕУ веќе размислуваше за повторно активирање на својата долгогодишна мисија за набљудување на моментално затворениот премин Рафах, на границата меѓу Египет и Газа, рече Ел-Ануни. „Ова зависи од целосната согласност од двете страни и од одлуката на земјите членки на ЕУ“, нагласи тој.

Нејасна е политичката иднина на Газа

Но, пред да започне каква било сериозна реконструкција, мора да се изготви остварлив план за политичко и безбедносно владеење на Газа, изјави во четвртокот за ДВ Хју Ловат од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР).

„Сам по себе, договорот за прекин на огнот, иако е важен прв чекор, не е доволен и лесно ќе пропадне доколку не постои овој поширок политички појас да го поддржи“, нагласи тој.

Декларираната цел на Израел во војната беше да го уништи Хамас, кој ја контролира Газа од 2007 година, кога победи на изборите и го собори од власт својот политички ривал Фатах, политичката партија на чело на тогашната владејачка палестинска управа (ПА). Територијата оттогаш е под израелска блокада. Израел, исто така, ја окупираше Газа од 1967 до 2005 година.

Палестинската управа, која има делумна контрола врз Западниот Брег, е избраниот палестински соговорник на западните партнери на Израел, и покрај некои неодамнешни грижи за нејзините демократски капацитети.

Успехот на кој било план за стабилизација за Газа, според ЕЦФР, ќе зависи од враќањето на ревитализирана палестинска управа. Според Ловат, ЕУ може да ја искористи својата моќ како главен финансиски поддржувач на палестинските власти за да ги обликува преговорите за иднината.

Денот кој го промени Блискиот Исток

А што е со Трамп?

Друго клучно прашање е колку ЕУ ќе може да влијае на развојот на настаните по прекинот на огнот, доколку тој се одржи, кога се знае дека Нетанјаху е зависен од екстремно десничарските тврдокорни членови на неговата влада, а новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп наскоро ќе се врати во Белата куќа.

Трамп е близок поддржувач на Израел, а личностите во неговата претстојна администрација изразија поддршка за поекстремните националистички позиции на сегашната израелска влада, на пример во корист на повеќе еврејски населби кои ЕУ и ОН ги сметаат за нелегални.

Дали новиот претседател ги слуша овие гласови или не, останува да се види, а има простор ЕУ да дејствува, смета Ловат.

„Трамп не е тип на детали. Мислам дека е фер да се каже дека сака да може да каже дека ја завршил војната во Газа “. Но, настрана од тоа, неговиот став за иднината на Газа сè уште не е јасен.

„Европските влади кои работат во партнерство со арапските земји, особено со земјите од Арапскиот залив, треба позитивно да се ангажираат со администрацијата на Трамп“, вели Ловат, истакнувајќи:  „Предизвикот за ЕУ ​​е да ги преточи своите слогани во дела“.