Образованието во Македонија сѐ уште е спореден интерес на владите. Тоа го покажа и последниот случај со недостиг на учебници иако школската година почна уште пред месец и половина. Наставата за учениците стартуваше без 43 од вкупно 123 учебници по задолжителните предмети. Иако министерот Јетон Шаќири уште лани ветуваше дека нема да дозволи сегашната учебна година да стартува без учебници, а од првиот училишен ден во неколку наврати уверуваше дека учебници ќе пристигнат до средината или до крајот на септември, дел од учениците и на средина на октомври сѐ уште се без потребните учебници. За жал овој проблем е на маргините на општествените случувања, а за него како да не се интересира никој освен неколку медиуми.
Во нормална земја, таков гаф во образованието освен што ќе го чини министерот експресна смена од функцијата и крај на политичката кариера, кај нас никого посебно не го вознемирува. Министерот и натаму е министер, и веројатно и ќе остане на чело на овој витален ресор без разлика дали учебната година ќе се одвива со комплет учебници или учениците и наставниците ќе бидат во секојдневно исчекување кога ќе ја добијат скапоцената пратка наставни средства.
Државата повеќе се интересира за високата политика, за случувањата во светот, за Бугарија, за вселенски прашања, за соседите, за бриселските случувања, отколку да го сврти погледот кон образованието на младите генерации од кои зависи иднината на сите нас. Како дојдовме до оваа фаза кога еден ваков крупен проблем како што е ненавремена достава на учебници во школите да не биде причина за црвен аларм? И што по ѓаволите се разговара на владини седници кога ќе дојде редот на министерот за образование да реферира за својот ресор? За фотоволтаичните централи, за тендерите на МНР, за амнестијата и измените на Кривичниот законик, за урбанизмот и градежната мафија која ги полни партиските каси и градоначалничките сефови? Зошто образованието не е прашање број еден во државата, кога веќе на сите им е јасно дека општеството страда од драматична неукост на сите полиња? Дури и кадрите со формално завршено образование од највисок степен потфрлаат кога ќе треба да го применат во пракса.
Партискиот интерес над државниот
Еве, да го земеме за пример министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој е дипломец на тетовскиот државен универзитет и магистрирал во Струга, а докторирал во Тирана, економист за банкарство кој претходно искуство со менаџирање имал само во јавните претпријатија „Проаква“ и „Водовод и канализација“ од Струга. Предавал и на универзитетот во Струга, а бил и раководител на додипломски и после дипломски студии на истиот универзитет. Тоа е отприлика работната биографија на господинот Шаќири која му послужи како влезница во врвот на државното управување, прво како министер за информатичко општество и администрација во 2020 година, а од јануари 2022 година министер за образование и наука. Има партиска книшка од ДУИ која, да бидеме до крај прецизни, е билетот за во Владата, каде што сега ужива статус на неприкосновен министер и покрај неспособноста да го одржи барем базичното во образованието, а тоа е учебници за сите ученици.
Иако во насловот го прашуваме премиерот Ковачевски кога ќе го разреши министерот за образование поради скандалозниот недостиг на учебници, се чини дека ова прашање а непотребно. Министерот може да го разреши само партискиот лидер Али Ахмети кој го предложил на оваа функција, со што доаѓаме до клучното прашање – зошто партискиот интерес е над државниот и до каде може да стигне една држава која во 21 век, претендирајќи за членство во ЕУ, покажува немање капацитет да менаџира основни процеси во еден од најважните сегменти на државата – образованието.
Пред извесно време германски новинар гостин во Македонија, проверувајќи ги информациите што ги добил на теренот за доцнењето на учебниците, зачудено праша – зарем е тоа можно и дали можеби министерот немал информации кога точно започнува учебната година, па се случил овој пропуст? Се разбира, прашањето беше цинично, и со голема доза на запрепастување како е тоа можно и колку институции затаиле за да се случи едно вакво колосално промашување во менаџирањето на образовниот процес. Се разбира, срамота е да се објаснуваат бесконечните тендерски постапки и партиските игри за тоа кој да го добие тендерот вреден стотици илјади евра и пресметките колкав дел од колачот треба да се прелее во партиската каса.
Каква е улогата на премиерот?
Проблемот со учебниците се појави и минатата учебна година, кога немаше учебници за прво, второ, четврто и петто одделение, а оправдувањето на министерот Шаќири беше дека доцнењето е поради новата концепција за основно образование. Како никој да не знаел дека ќе има нова концепција и да се подготви на време. Учебната година заврши и без учебници по англиски јазик, како и по македонски јазик за петто одделение, а првоодделенците го добија учебникот по предметот Општество две недели пред одењето на летен распуст. Учебниците пак за математика и македонски јазик за прво одделение пристигнаа дури на почетокот на второто полугодие. Толку голема политичка борба се води надвор за одржување на македонскиот јазик, а дома не се обезбедуваат навреме учебници за учениците за овој важен предмет.
Но и тоа доцнење не му наштети на министерот Јетон Шаќири, кој спокојно продолжи да ја врши функцијата без да се покрене прашање за негова одговорност, а со тоа продолжи и ненавремената достава на учебници и во следната учебна година. Како да е тоа некое минорно прашање кое не е вредно да се разниша коалицискиот мир во Владата.
Овој третман на образованието говори многу за тоа каква визија имаат владите во Македонија и кои се нивните приоритети во работењето. За жал, многу поважни им се темите која партија ќе добие повеќе места во владата, во администрацијата и во јавните претпријатија отколку да „губат време“ на „неважни прашања“ како образованието и образовниот процес. За тоа треба да се заблагодариме на длабоката партизација на државните институции на сите нивоа и на врвот, при што капацитетите и способностите на кадрите не се примарен услов при распределбата на функциите, туку се тоа партиските книшки и позицијата во партиската хиерархија заедно со близината до лидерот.
Министерот Шаќири веројатно е лојален партиски член во ДУИ и добар владин играч, но со состојбите во образованието ја подрива целата Влада и ја изложува на жестоки критики и подбив, затоа што ако не може највисоката извршна власт да создаде елементарни услови за одвивање на наставата во образовниот процес, легитимно се поставува прашањето – кој може? И конечно ако не може премиеротц, кој ја има најголемата моќ во Владата, да повика на одговорност министер кој не ги исполнува основните цели во раководењето со ресорот, тогаш прашањето е – има ли пилот во авионот? Во нашето крајно исполитизирано општество образованието е последната грижа на властите, па и на пошироката јавност, но не е ли време тоа да се смени?
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.