Пресметка со Орбан во Европскиот парламент
10 октомври 2024Уште пред говорот, некои европарламентарци го демонстрираа своето мислење за унгарскиот премиер Виктор Орбан. Партиските лидери и неколку пратеници од Социјалдемократите, од либералната пратеничка група Обнова, пратеничката група на Левица и на Зелените во Стразбур држеа натписи со слоганот „демократи наместо автократи“.
Во самата пленарна сала нештата првично одеа по ред. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја претстави програмата на неговото претседателство со Советот. Од јули годинава Унгарија ги организира и претседава со состаноците на Советот на ЕУ.
Орбан ги наведе многуте состаноци кои веќе се одржани во рамки на унгарското претседателство на Советот, а најави и нов „договор за конкурентност“. Па така, Унгарија на пример се залага за дерегулација, енергетска безбедност, зацврстен внатрешен пазар и унија на пазари на капитал. Тој, исто така, ќе вложи напори за воведување редовен самит на „Шенген зоната“, на кој членките би разговарале околу нејзиното функционирање. Под прашање, според него, треба да се стави европската политика за животна средина, кога таа води до губење на работни места, рече Орбан во обраќањето.
Виктор Орбан: Пропаднат европскиот систем за азил
Кога се начна темата миграција, во салата можеше да се почувствува раздвиженост. Унгарскиот премиер сака т.н. „хотспотови“ да бидат изградени надвор од ЕУ. На територијата на ЕУ во тој случај, би смееле да влезат само бегалци со валидна дозвола. „Европскиот систем за азил едноставно не функционира. Илегалната миграција води кон антисемитизам, насилство врз жените и зголемување на хомофобијата“, изјави десничарскиот популист, според преводот од Европскиот парламент.
Европската унија дури минатата година се согласи за реформа на европската политика за азил, која допрва треба да стапи на сила. Унгарија со пресуда на Европскиот суд од јуни годинавабеше казнета поради непочитување на европските правила за азил со парична казна во висина од 200 милиони евра за Унгарија и уште еден милион евра за секој дополнителен ден на неизвршување. Земјата пред судот ќе мора да одговара и поради наводи за дискриминација на ЛГБТ и квир заедницата. Европската комисија, освен тоа, не исплатува средства предвидени за Унгарија поради загриженост во однос на владеењето на правото во земјата. Против Унгарија се води т.н. Член 7-постапка од Договорот за ЕУ.
Фон дер Лајен со критики за Орбан
На самиот почеток од претседавањето со Советот на ЕУ, Орбан самоиницијативно отпатува во „мировна мисија“ кај Владимир Путин, за што беше остро критикуван од страна на ЕУ. Манфред Вебер, лидерот на конзервативната Европска народна партија, во дебатата што следуваше рече дека патувањето било „големо пропагандно шоу“. Тој додаде дека е шокиран што Орбан во неговото обраќање воопшто не ја ни споменал Украина.
Унгарија, според многумина, е „најблискиот сојузник“ на Русија од редовите на Европската унија и во минатото ја блокираше помошта за Украина.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, очигледно имајќи го предвид таквиот став на Унгарија, изјави дека „сепак има некои кои вината за војната не ја припишуваат на агресорот, туку на нападнатите. Тие причината за неа не ја гледаат во желбата на Путин за моќ, туку во копнежот на Украина за слобода“. Фон дер Лајен ја критикуваше Унгарија дека продолжува да се потпира на фосилни горива од Русија и дека уште повеќе се оддалечува од европскиот внатрешен пазар бидејќи европски компании се дискриминирани во земјата. Фон дер Лајен го критикуваше и предвременото ослободување на шверцерите на луѓе од затвор во Унгарија, како и издавањето визи за руски државјани без дополнителни безбедносни проверки.
Обвинувања за корупција и недостиг на владеење на правото
Од пратениците се слушнаа обвинувања за корупција и пропусти во однос на владеењето на правото. Конзервативниот унгарски опозициски политичар Петер Маѓар праша како неговата земја во последните 20 години успеала да се развие од „блескава ѕвезда“ во една од „најкорумпираните земји во Европската унија“. Клара Добрев од унгарските Социјалдемократи, го обвини Орбан дека лошо управува со земјата и дека ја продава на руски олигарси.
Пратеникот од Зелените, Даниел Фројнд, на пленарната седница го нарече Орбан „диктатор“ и еден од „најкорумпираните политичари во Европската унија“ и обвини дека тој и неговите сојузници крадат пари од ЕУ и дека веќе се протечени најмалку 14 милијарди евра. Сумата ја пресметал врз основа на студија од невладината организација Транспаренси интернешнел, рече Фројнд за ДВ.
И Валери Хaјер, претседателката на либералната група Обнова во ЕП, исто така тврди дека Орбан го изградил својот систем на „измама“ која унгарските и европските даночни обврзници ги чини цело богатство. Мартин Ширдеван, лидерот на левичарската фракција во парламентот, смета дека унгарскиот народ е жртва на политиката на Орбан, бидејќи во нивната илиберална демократија систематски се поткопуваат демократските права како независноста на судството и слободата на печатот.
Одобрување од десничарските пратенички групи
Орбан, сепак, доби и аплауз, и тоа од „Патриотите за Европа“, чиј коосновач е самиот и во која составен дел е и неговата национал-конзервативна партија Фидес, како и „Европа на суверени нации“, во кои член е делумно десноекстремната Алтернатива за Германија (АфД). Копретседателот на десничарската конзервативна пратеничка група ЕКР, Никола Прокачини, рече дека споделува некои од ставовите на Орбан, како што се вредностите за семејство или за европскиот зелен договор, но посочи дека не се согласува со геополитичката ориентација, особено во однос на Кина и Русија.
Во своите завршни зборови, Виктор Орбан жестоко се бранеше во однос на бројните критики од парламентарците. Според негово видување, дискусијата „ескалирала“ водена од „апсурдни партиско-политички аргументи“. Тој ја обвини Урсула фон дер Лајен за злоупотреба на ЕК како „политичко оружје“ во борбата против неговата пратеничка група „Патриоти за Европа“.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик