1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Претстојат години исцрпувачка рововска војна во Украина?

Томас Лачан
7 ноември 2023

Украинската контраофанзива е во застој, командантот на војската предупредува од повеќегодишна, исцрпувачка војна. Колку страшна може да биде таква војна со утврдени рововски позиции покажува историјата.

https://p.dw.com/p/4YTAP
Војна во Украина - фронтот кај Хорливка
Војна во Украина - фронтот кај ХорливкаФотографија: Yasuyoshi Chiba/AFP/Getty Images

Бахмут, Авдијивка, Роботине – со месеци веќе постојано се слушаат истите места кога е во прашање борбата на фронтот во Украина и  окупираните територии.  Постојано се јавува за тешки борби и за тешки загуби. Многу ретко има вести за успеси или пак за ослободена територија – на ниту една од двете завојувани страни.  Украинската контраофанзива која во јуни започна со големи очекувања, такаречи е запрена. На најуспешната точка кај Роботине, војската напредна едвај 17 километри. Генералот Валериј Залужниј, врховниот командант на украинската војска, предупредува во гостинска колумна за магазинот „Економист“ од „војна на издржливост"  која би можела да трае „со години“.

Кога се зборува за рововска војна?

Околу 1000 километри е долг актуелниот фронт меѓу двете завојувани страни. Напади и обиди да се продре се случуваа во изминатите месеци само во одредени отсечки од фронтот – што на војската распоредена во другите делови и` даде можност да се утврди и систематски да ги надгради сопствените одбранбени позиции. Длабоки ровови, широки предели со мини, уништени улици и мостови, како и поддршка за сопствената одбрана од страна на артилерија стационирана подалеку од линијата на фронтот го прават речиси невозможен обидот да се надмине противничката одбранбена линија без автоматски тоа да повлекува и бројни загуби на страната која напаѓа. Таквото  „замрзнување" на воениот фронт  е типичен за т.н. војна од утврдени рововски позиции. Наспроти „војна во движење", која се карактеризира со брзо напредување на една од двете завојувани страни, главниот фокус при војната од рововски позиции за двете страни е одбраната на сопствената територија. Дека токму тоа сега се случува во Украина забележува и британското Министерство за одбрана на платформата Х во ажурираните информации на тема Украина.

Прелевањето на вооружени конфликти во долгогодишни војни од рововски позиции се појавува во 19 век, бидејќи до тогаш на релативно малите војски им било едвај можно да држат поголеми територии во поголем временски период поради што битки имало само повремено. Но, во тој период се` повеќе држави почнале да формираат поголеми војски со обврска за служење воен рок и дополнително за таквиот тренд придонел и развојот на нови оружја, меѓу кои и автоматската пушка, кои на војска која се брани и` овозможувале значителни предности.

Валериј Залужниј, главен воен командант на украинската армија
Валериј Залужниј, главен воен командант на украинската армија со сериозни предупредувањаФотографија: Ukrainian Presidential Press Service/REUTERS

Војната на Крим, сецесионистичката војна, Светската војна

За прва таква војна од утврдени позиции важи токму војната на Крим, кога во 1855/56 градот Севастопол, кој во тоа време припаѓал на Руското царство, речиси една година бил окупиран од француски и британски сили, при што се одвивала повеќемесечна битка со десетици илјади мртви, а на крајот ниту една од страните не можела да ја реши во своја полза.

И во американската граѓанска војна (1861-1865) војските почнале се` повеќе да ја потенцираат одбраната и да градат упоришта. Се користеле т.н. „шпански јавачи" со остри дрвени шпицови, како и мали метални крстови со остри шпицови за да се успори напредокот на силите кои напаѓаат додека врз нив се пука. Подоцна од таквите изуми се појавила бодликавата жица која заедно со се` поразвиените мини се користела во Првата светска војна.

Во таа војна која траеше од 1914 до 1918 и со живот ја платија околу 17 милиони луѓе, фронтот по само неколку месеци беше замрзнат.  Божиќ 1914 година бил првиот неофицијален прекин на огнот, кој двете страни го искористиле за зајакнување на одбраната. Па така пред се` во Франција е настаната стотици километри долга линија на фронтот се` до швајцарската граница. Двете страни се набљудувале од рововите, секој напад бил фронтален преку поле со бодликава жица, мини и други пречки, чувано од одбраната со минофрлачи и автоматско оружје, што како последица имало бројни жртви. Симбол за ужасот на ваквата војна од утврдени позиции е битката за францускиот град Вердун која траела речиси цела 1916 година. На крај ниту една страна немала воена предност, но затоа се загинати најмалку 380 илјади војници.

Бојното поле кај Вердун, Франција во Првата светска војна
Бојното поле кај Вердун, Франција во Првата светска војнаФотографија: Photoshot/picture alliance

Војна без почит за човечкиот живот

Во текот на 20 и 21 век се развија и други одбранбени системи. Денес пред се` модерни антиракетни штитови дополнително го штитат фронтот во Украина. Но, основниот карактер на т.н. војни од утврдена позиција се нема променето. Особено цинична карактеристика на ваквата војна се гледа уште во случајот на Вердун – на командантите на двете страни не им било приоритет да биде што помал  бројот на жртви во сопствените редови, туку непријателот преку потрошувањето на што повеќе воени ресурси да биде клекнат на колена. Идејата е дека на крај таква војна може да се добие само ако на другата страна прво и` се потрошат резервите, така што мора да капитулира. Па така во битката за Вердун по таа логика се испукани околу 26 милиони гранати и најмалку 100 илјади гранати со отровен гас. Денес, речиси 110 години подоцна, се` уште се наоѓаат околу пет килограми делови од гранати на секој квадратен километар од тогашното воено поле.

Можеби токму таквите последици го натерале украинскиот генерал да предупреди од опасноста од долгогодишна војна од утврдени позиции во неговата земја и да посочи дека колку подолго трае една таква војна, толку повеќе ризици има за неговата војска и за целата украинска држава. Залужниј е загрижен дека  без воена поддршка од Западот, една таква војна едвај може да се издржи.