На Илинден, најголемиот македонски празник, темел на нашата државност и самобитност, сакам да ја посветам оваа колумна на беспомошните дечиња, кои без своја вина, туку едноставно по раѓање, се присилени да патат, да трпат и студ и жештина и дожд и ветeр. Да ја посветам на оние дечиња кои би требало да го натажат секој оној кој застанува на семафор и кој гледа како некое бебе, во рацете на неговата мајка, преставува орудие за нечија заработка. Одамна сакам, но еве за овој Илинден решив мојата колумна да ја посветам на „питачењето на семафор“.
Некој иронично може да забележи дека сѐ друго решивме во државата, па уште ова остана. Но, дали е тоа така за тоа бебенце, или мало детенце, кое неволно или од безизлез, е принудено заедно со својата мајка или сестра, а кога малку ќе попорасне и само, да биде изложено на екстремно топло време, на дожд, студен ветар или снег? Да биде приморано да ги дише сите тие отровни гасови од возилата и да биде изложено на опасност да биде прегазено. Ставете се барем една секунда во негова кожа и потоа запрашајте се дали е тоа живот?! Што тоа мало бебенце згрешило на господ или било кому за да има таква судбина уште пред да развие свест за себе. Не патетизирам. Еве уште еднаш повторувам, замислете се себеси, или уште полошо - замислете го вашето детенце или внуче, во една таква позиција, да мора да го трпи сето лошо на овој свет на својот грб и да нема избор или начин тоа да го промени. Погледнете ги тие мали детски очиња и обидете се да го видите вашето дете во нив. Истовремено, помислете и на тој кој откако ќе ги испрати својата жена и бебенце да питачат на некој семафор во градот, се оптегнува пред телевизорот, оди во некоја кладилница или седнува во некоја биртија додека помине времето за да се вратат питачите и да му ги дадат сите пари кои ги „заработиле“ со питачење и молење тој ден. Или уште погрдо, да му ги дадат „парите од семафорот“ на тој кој ги поседува овие кутри човечки битија како да се негови робови. Дали ова ви предизвикува гнев? Нели ве раздразнува и прави нервозни? Е, сега повторно да почнеме од почеток. Важна е или не оваа тема и вреди ли да се заложиме за решавање на овој проблем?
А секој од нас добро знае во што ќе се претвори тоа бебенце или детенце, колку долго ќе живее и каков ќе биде квалитетот на неговиот/нејзиниот живот, доколку тоа и може да се нарече живот. Јасно ни е на сите дека тоа бебенце како да нема живот. Многу е веројатно дека нема да има образование, дека ќе има сериозни здравствени проблеми и прилично сигурно дека ќе остане на улица цел живот без никаква, ниту минимална перспектива.
Како и секој проблем, така и овој има своја генеза, причина поради која постои, има свои жртви и има луѓе кои имаат бенефит односно корист од постоењето на тој проблем и кои би направиле сѐ проблемот да не се реши. Генезата на проблемот се немаштијата и необразованоста поради која не можат да се победат некои „традиционални предодредености“. Жртвите на проблемот се сиромавите и необразовани родители, а корисниците или бенефиторите од проблемот се необразовани, итри бандити кои знаат да профитираат од просјачката сага. За жал, најголеми жртви на овој проблем се малите бебиња и дечиња кои ниту се сиромашни ниту необразовани.
Сето ова се случува во држава, во која од државниот буџет тежок 4,7 милијарди евра, дури 2,16 милијарди евра се наменети за социјални трансфери, од кои огромни 215 милиони евра, оваа година, согласно донесениот ребаланс на буџетот се наменети за социјални надоместоци. Можно ли е, се прашувам, ние, даночните обврзници, секоја година да плаќаме по 215 милиони евра за социјални надоместоци и повторно на секој семафор да ги гледаме овие мали и беспомошни бебиња и дечиња кои се злоупотребувани и кои преставуваат основно орудие во питачењето? Можно ли е во држава која од место во кое нема работа, сѐ повеќе станува место во кое нема работник, секоја раскрсница да е „окупирана“ од питачите на семафор, наоружани со бебиња како орудие за питачење?
Го предлагам следното решение:
Прво, никогаш, никогаш, колку и да ви изгледаат тажно тие детски очиња што просат и молат за некој денар, немојте да им давате пари на семафор. Најдобар начин да го сузбиеме ова злодело што им се прави на некои мали и беспомошни наши сограѓани е никогаш да не им дадеме ниту денар. Така ќе им го направиме неисплатлив бизнисот на оние кои ги користат бебињата и децата како орудие за просјачење. Нема пари за питачите, нема бизнис за бандитите или пари за мрзливите. Не сум брутален, напротив. Еве пример: оние кои чистат по куќи заработуваат не помалку од 30.000 денари месечно и бидејќи ова го работат непријавено, земаат и дополнителна социјална помош, што значи заработуваат вкупно околу 600 евра месечно и имаат бесплатно здравствено осигурување. Овие што питачат, „заработуваат“ 2 до 3 пати помалку.
Второ, државата преку своите институции, центрите за социјална грижа, полицијата и обвинителството да се фатат за работа и да ги пронајдат, осудат и казнат оние кои ги приморуваат питачите на питачење и потоа им ги земаат парите. Тоа се бандити кои треба да бидат строго казнети, без милост. Зошто секое бебенце или детенце на семафор преставува доказ за тоталната нефункционалност на институциите и системот. Пред очи ни се секој ден, нема полицаец, службеник, обвинител, судија, политичар кој додека оди и се враќа од работа не налетува барем на две или три бебиња, или дечиња на некој семафор. И така секој ден, секој месец, секоја година. Недозволиво! Најстрашното е што индолентноста на еден начин, државата и сите нас нѐ прави соучесници во ова злодело.
- повеќе од авторот: Европа нѐ чека со отворени раце, здравје боже за едно 40 години
Трето, да се оформат заеднички мобилни екипи на центрите за социјална грижа и полицијата кои секој ден, буквално секој ден, ќе отидат на секој еден семафор, ќе ги земат со нив питачите, ќе ги однесат во специјален центар за питачи во кои би требало да има народна кујна за да се нахранат, да се искапат, да бидат прегледани од доктор, а потоа децата да бидат привремено одземени од родителите и да бидат доверени во специјални установи за деца без родителска грижа сѐ додека родителите не бидат целосно социјализирани, едуцирани и оспособени за работа.
- повеќе од авторот: Француски предлог за вечните „дремачи“ пред врата
Доколку не им даваме пари на питачите и им го загрозиме бизнисот и приходот на бандитите, доколку институциите ги уапсат и казнат овие бандити и доколку институциите им покажат и понудат друга, нова, перспектива на оние кои се приморани да питачат, ќе го решиме проблемот. Но, најважно е оние бебиња и дечиња да бидат спасени и да бидат сместени на топло и сигурно. Да не бидат гладни, да не мораат да дишат отровни издувни гасови од автомобилите и да бидат во друга многу поздрава средина. Зошто запомнете, никој не може да оздрави во истата средина која го направила болен.