1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Путин му нуди на Ердоган нов гасовод

ЖА / агенции
13 октомври 2022

Рускиот претседател Владимир Путин има нова понуда за Реџеп Таип Ердоган. Тој на турскиот претседател му предлага изградба на нов гасовод и дистрибутивен јазол за гас во Турција.

https://p.dw.com/p/4I9qQ
Средба на Путин и Ердоган во Астана
Средба на Путин и Ердоган во АстанаФотографија: Murat Cetinmuhurdar/Turkish Presidential Press Office/REUTERS

Рускиот претседател Владимир Путин предлага Турција со помош на рускиот гас да стане дистрибутивен центар и да формира берза за природен гас. „Доколку Турција и нашите потенцијални партнери покажат интерес, за нас доаѓа во предвид изградба на нов гасовод и создавање дистрибутивен јазол за гас во Турција заради продажба на гасот на трети земји, првенствео во Европа“, му понудил Путин на својот турски колега Ердоган за време на средбата во Астана, како што пренесува агенцијата Интерфакс. Освен тоа, во Турција би можела да настане и берза за одредување на цената на гасот, предложил Путин.

Рускиот претседател изнесол низа пофалби на сметка на гасоводот Турски тек, кој поминува од Турција преку Црно Море и лиферува гас кон Југоисточна Европа, и според Путин би бил најсигурна рута за рускиот гас, преку него би се пренасочиле количините кои се предвидени за гасоводите Северен тек 1 и 2.

На крајот на септември двата крака на гасоводот Северен тек 1 и еден од цевководите на Северен тек 2 во Балтичко Море беа оштетени поради експлозија. Претставници на  ЕУ и на НАТО чинот го оценија како саботажа,  додека самиот Путин вчера зборуваше за „меѓународен терористички напад“, алудирајќи на САД како актер во позадина.  

Путин тврди дека бил планиран напад и врз Турски тек, но тој не се случил, гасоводот и натаму функционира без проблеми. Оттаму, Турција би била логичен избор за изградба на дистрибутивен центар и берза за природен гас. „Денес цените на гасот стигнаа до небесни височини, а преку таа берза би можеле мирно да ги регулираме и да постигнеме нормално пазарно ниво, без било какви политички обојувања“, истакнал Путин.

ЕУ во рамките на санкциите воведени поради руската инвазија врз Украина со трескавични напори бара ослободување од зависноста од руски гас, додека пак Русија краткорочно не може да најде адекватна замена за пласман на местото на европскиот пазар, зашто недостига потребната гасоводна инфраструктура. Заострувањето на конфликтот е главна причина за  експлодирачките цени на енергијата.

Средбата на двајцата шефови на држави, Путин и Ердоган, се случи на маргините на Конференцијата за заемна соработка и мерки за создавање доверба во Азија, која се одржува во Казахстан.