Рамазан во Газа – малку причини за славје
11 март 2024Пред почетокот на светиот месец Рамазан, улиците на стариот град во источен Ерусалим се потивки од вообичаено. За разлика од претходните години, ги нема свечените рамазански светла кои ги осветлуваат тесните улички. Владее мрачно расположение со чувство на неодлучност како ќе се одвива светиот месец на постот и молитвите. „Не го чувствуваме Рамазан. Војната во Газа ни е во мислите на сите," вели Ум Амар, одејќи по улицата Ал Вад, една од главните сообраќајници во древниот град. Според наводите на министерството за здравство, со кое раководи Хамас, околу 31 илјади лица се загинати, а хуманитарните организации предупредуваат на опасноста од глад. „Овде ќе имаме ифтар. Но, има многу луѓе кои нема да може ништо да јадат затоа што во Газа нема храна“ вели Амар алудирајќи на оброкот со кој се прекинува постот на зајдисонце. „Ова не е Рамазан, повеќе личи на настан за покојните", додава таа.
Хашем Таха е сопственик на продавница за зачини во улицата Ал Вад. „Ерусалим е многу тажен. Луѓето во Газа се наши роднини, тие ни се семејство и многу сме погодени од тоа што се случува таму," вели Таха.
Жителите се надеваат дека Рамазан ќе пројде мирно
Сопствениците на продавници и жителите од овој дел на градот со години сведочат на напрегнатоста и насилството меѓу израелската гранична полиција и Палестинците. Мнозинството се надева дека релативниот мир во Ерусалим ќе преовладее и за време на Рамазан. Оваа година војната во Газа која почна по нападот на милитантите од Хамас на 7 октомври во кој тие убија околу 1200 Израелци и киднапираа повеќе од 240 лица, фрла мрачна сенка врз месецот на постот.
Во минатото тензиите беа концентрирани околу комплексот на џамијата Ал Акса, меѓу муслиманите познат како Харам Ал Шариф, а кај Евреите како Рид на Храмот.
Жариште – Ал Акса
За време на Рамазан, стотици илјади Муслимани се собираат околу џамијата Ал Акса. Обидите на Израел да воведе ограничување на возраста на светото место, кое е свето и за Муслиманите и за Евреите, често доведуваат до судири или ескалација меѓу полициските службеници и верниците. Но, имаше и сцени на тензии во други делови на источен Ерусалим, посебно околу капијата Дамаск и плоштадот, една од главните капии кои водат во стариот град, додека полицијата спречуваше млади палестински жители да се собираат на скалите за време на рамазанските вечери. Уште е нејасно дали Палестинците од окупираниот Западен брег ќе може да влезат во Ерусалим.
Хамас, која Израел, САД, ЕУ, Германија и други земји ја оквалификуваат како терористичка организација, исто така настојува да ја искористи важноста на светото место за Палестинците и Муслиманите ширум светот. Минатата недела лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, во телевизиско обраќање ги повика Палестинците на окупираниот Западен брег првиот ден од Рамазан да маршираат до џамијата Ал Акса. Израелската влада во вторникот (5.3.2024) соопшти дека во овој момент нема да има никакви ограничувања. „За време на првата недела на Рамазан на верниците ќе им биде дозволено да влезат на Ридот на Храмот во бројност слична како и во изминатите години", се наведува во соопштението од Кабинетот на премиерот. Во него понатаму се наведува дека ќе се „спроведува неделна проценка на безбедносните аспекти". Крајно десничарски членови на израелскиот кабинет повикуваа на строги ограничувања за Палестинците за време на Рамазан.
Дали ќе биде отворен пристапот до Ал Акса?
Верските официјални лица ја поздравија ваквата одлука на владата. „Многу сме среќни што во овој благословен месец на Муслиманите почнаа да им стануваат јасни нештата околу отворањето на портите на џамијата Ал Акса за сите посетители без ограничување на возраста", рече за ДВ шеикот Азам Ал Катиб.
Тој е директор на телото одговорно за имплементација на Јорданското старателство над исламските и христијанските свети места во Ерусалим и пошироко. „Нашата цел е таму да ги обавуваме молитвите и во потполна тишина и спокој да дојдеме до џамијата и да излеземе од неа”, вели Азам Ал Катиб.
Почетокот на Рамазан е определен и како своевиден рок за неодамнешните напори на американските, катарските и египетските посредници за склучување нов договор за заложниците и привремено примирје меѓу Израел и Хамас. Но, договорот за ослободување на 134 израелски заложници за кои се верува дека и натаму ги држи Хамас, останува недостижен. Во Газа постоеја надежи дека прекинот на огнот, макар и и привремен, ќе помогне малку да здивнат. Барем ќе имаше помалку страв и потешкотии, рече Нур Ал Музаини за ДВ. Овој 36-годишен во последните шест месеци престојува од Газа до Кан Јунис, а потоа и во пограничниот град Рафа. „За време на Рамазан ги почитуваме ритуалите кои се составен дел од нашиот нормален живот, како прекин на постот и молитвата. Тоа е месец на милоста и простувањето, но тешко е тоа да го практикувате кога сте раселени", вели Ал Музаини.
Мрачен Рамазан
Тамер Абу Квајк е загрижен за неговите деца. Тој и сопругата сега живеат во шатор во Рафа. Рамаза според него секогаш бил посебно време за семејството. „Во деновите пред војната им правевме убава атмосфера на децата, но сега среде војна, даваме се од себе да им измамиме насмевка на лицето. Но, додека го украсувам шаторот сфаќам дека нема да биде така сјајно како што беше", вели Квајк.
Посебно тешко е да се излезе на крај со неизвесноста. „Се обидуваме да се избориме психички со оваа криза надевајќи се дека војната наскоро ќе заврши и дека ќе се дојде до прекин на огнот за да може да се вратиме дома", вели тој. „Мојата куќа е урната. Често се прашувам што ќе правам кога војната ќе заврши", вели Квајк.
Ако не се постигне нов договор за заложниците, Израел најави дека ќе ја прошири копнената операција на Рафах, каде се проценува дека има ококу 1,4 милиони расселени Палестинци. Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху повтори дека Израелските одбрамбени сили ќе продолжат да дејствуваат против баталјоните на Хамас ширум Појасот, а тоа ја вклучува и Рафа, последното упориште на Хамас.