1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Релативно мирна новогодишна ноќ во Германија

ЕМФ | агенции
1 јануари 2024

Пречекот на Новата 2024 година во Германија мина релативно мирно и без поголеми инциденти. Во Берлин имаше напади врз припадниците на полицијата и спасувачките служби. Уапсени се околу 300 лица.

https://p.dw.com/p/4al9N
Пречек на Новата 2024 година во Берлин
Пречек на Новата 2024 година во БерлинФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Милиони луѓе ширум Германија ја дочекаа Новата година мирно, во опуштена атмосфера. Полицијата стравуваше од немири на многу места. Ноќта, сепак, беше релативно мирна.

По предупредувањата од тероризам во катедралата во Келн, во околината на катедралата беше мирно и на новогодишната ноќ, соопшти полицијата. Кардиналот Рајнер Марија Велки ја одржа добро посетената предновогодишна миса под силна полициска заштита.

Просторот околу катедралата беше затворен. Тројца мажи беа приведени поради сомневања за можен планиран исламистички терористички напад врз келнската катедрала.

Полиција пред влезот на катедралата во Келн
Полиција пред влезот на катедралата во КелнФотографија: Thomas Banneyer/dpa/picture alliance

Околу 300 уапсени во Берлин

Во Берлин полицијата имаше бројни интервенции и пријави околу 300 апсења и 15 повредени полицајци. Во првите час и половина од 2024 година, берлинската противпожарна служба веќе изброи 500 интервенции. Тие вклучуваат многу мали пожари, како што се запалени автомобили, напиша пожарникарската служба на онлајн платформата Х.

Полицајци на улица во Берлин
Полицајци на улица во Берлин на новогодишната ноќФотографија: Christian Mang/REUTERS

Портпаролка на полицијата соопшти дека на подрачјето на главниот германски град било фрлано со пиротехника врз полициски службеници и припадници на спасувачките екипи, но и на други лица. Многу гласни експлозии укажуваат и на нелегални петарди, се вели од полицијата. Постојано се слушаа и истрели од пиштоли плашливци.