1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правила за новогодишен огномет во Германија

АРД | Зоран Арбутина
30 декември 2023

Во Германија денеска (30.12.) завршува продажбата на пиротехнички средства за новогодишниот огномет. Но, во многу градови ќе бидат воспоставени зони каде нема да смеат да се лансираат ракети или да се пука со петарди.

https://p.dw.com/p/4ah5s
забрана пиротехника
Употребата на пиротехнички средства во текот на новогодишната ноќ е забранета во некои региони во градовитеФотографија: Bildagentur-online/Ohde/picture alliance

Огнометот на новогодишната ноќ во Германија никаде не е целосно забранет, но многу градови и општини тоа го дозволуваат само со ограничувања. Правилата се разликуваат од град до град.

Во принцип, пиротехничките средства не смеат да се користат во непосредна близина на цркви, болници, домови за деца и пензионери, како и куќи од слама или дрво. Тоа правило важи секаде и во текот на целата година.

Таканаречените „мали огномети“ - петарди и ракети за приватна употреба - се дозволени само на 31 декември и 1 јануари и само за лица постари од 18 години.

Привремени локални ограничувачки зони

Но, во некои поголеми градови, на одредени места и тоа не е дозволено. Ова првенствено се однесува на плоштадите и популарните места за големи собири - бидејќи постои зголемен ризик од повреди од огномет.

На пример, во Хамбург, пред воспоставувањето на забранетата зона, често доаѓаше до опасни ситуации и несреќи во гужвата. Затоа од 2019/20 година, во центарот околу езерото Алстер, на новогодишната ноќ може да се користат само прскалки и петарди. Забрането е лансирање ракети.

Тоа слично го регулираат и другите градови, а оваа година големо внимание привлекува Берлин.

Од една страна, повторно ќе има голем дочек на новогодишна ноќ на просторот помеѓу Столбот на победата и Бранденбуршката порта. Таму ќе се соберат 65.000 луѓе. Како и секоја година, нема да смеат да користат сопствена пиротехника, туку ќе можат да уживаат во големиот централен огномет. Годинава се воведува нова функција: за влез во оградениот простор треба да се плати билет кој чини десет евра.

огномет
Во Берлин ќе има централен огнометФотографија: Lars Klemmer/dpa/picture alliance

Но, додека тука се очекува добра забава, во некои делови од градот полицијата се подготвува за немири, како што беше случај во претходните години. Покрај вообичаениот жесток огномет, имаше и многу фрлања петарди и други напади врз полицајци, пожарникари и медицински персонал на службата за итна помош. Годинава се стравува од уште поагресивна атмосфера поради војната на Блискиот Исток. Затоа, на улиците на Берлин околу 2.500 полицајци ќе добијат засилување од околните сојузни покраини Саксонија и Саксонија-Анхалт, како и од редовите на сојузната полиција.

Во центарот на Минхен нема огномет

Како и досега, огнометот е забранет во централната пешачка зона во Минхен. Причината е „заштита на луѓето, животните и животната средина од огномет“.

Некои места во Баварија одат чекор подалеку: оние кои доаѓаат во старото градско јадро на Регенсбург или Аугсбург, воопшто не смеат да носат пиротехнички средства со себе, а камоли да ги користат. Освен тоа, во Аугсбург на новогодишната ноќ не се дозволени ниту стаклени шишиња ниту лименки. Во Нирнберг има строга забрана за поседување и употреба на пиротехнички средства во близина на стариот дворец - најавено е дека торбите и ранците на посетителите ќе се проверуваат на новогодишната ноќ.

пиротехника
Во принцип, пиротехничките средства не смеат да се користат во непосредна близина на цркви, болници, домови за деца и пензионери, како и куќи од слама или дрво - тоа правило важи секаде и во текот на целата годинаФотографија: Robert Guenther/picture alliance

Локални забрани

Забрани се најавени и во други делови на Германија. Така, на пример, во Мајнц, главниот град на покраината Рајнланд-Пфалц, нема да има општа забрана, но таа е на сила во стариот дел на градот. Слично е во Штутгарт и Франкфурт. Во финансиската престолнина на Мајна, градските власти најавија и опсежни контроли, особено на мостовите.

Во Келн за првпат ќе биде одредена голема површина во центарот на градот на левиот брег на Рајна, каде што не е дозволена пиротехника. Секој што и покрај забраната фрла петарди, може да смета на казна до 200 евра. Законот за експлозиви предвидува дури и казни до 50.000 евра за посериозни прекршоци, соопштија градските власти.

Во некои други градови нема посебни ограничувања, бидејќи дури и општите одредби со кои се забранува употреба на огномет во близина на стари, традиционални куќи, кои главно се изградени од дрво, не дозволуваат употреба на пиротехнички средства. Тоа, меѓу другото, важи и за Ерфурт. А градот Дрезден има воспоставено 27 забранети области во согласност со Законот за зачувување на природата.

Во помалите градови и села обично нема никакви забрани - таму генерално има поголема социјална контрола, луѓето се познаваат и по правило нема големи претерувања. Досега пожарникарите и итните служби секогаш успевале да ја контролираат ситуацијата. Во моментов, во Германија не постојат обврзувачки одредби за можни забрани врз основа на законите за заштита на животната средина, зачувување на природата или контрола на загадувањето на воздухот.

Огнометите го загадуваат воздухот