Русија призна: ИД стои зад терористичкиот напад во Москва
24 мај 2024Украинското воено разузнавање беше директно вклучено во смртоносниот напад на концертна сала Крокус сити хол во близина на Москва во кој беа убиени над 140 луѓе, изјави шефот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) Александар Бортников, пренесоа денеска руските новински агенции
„Истрагата е во тек, но веќе може слободно да се каже дека украинското воено разузнавање е директно вклучено во овој напад“, изјави Бортников. Украина постојано негира дека има некаква врска со нападот.
Бортников, исто така, ја обвини воената алијанса на НАТО дека го олеснува трансферот на „платеници и милитанти од меѓународните терористички организации од Блискиот Исток, Северна Африка и од Авганистан“ во Украина за да можат да се борат против руските сили таму.
Шефот на ФСБ меѓутоа уште изјави дека Исламската држава-Хорасан (ИД-Х) одиграла улога во координирањето на акциите на напаѓачите, што е прво јавно признание на властите во Русија дека ИД стои зад најсмртоносниот терористички напад во земјата во последните две децении.
„Во текот на истрагата... беше утврдено дека подготовките, финансирањето, нападот и повлекувањето на терористите биле координирани преку интернет од страна на припадници на провинцијата Хорасан (ИД-Х)“, изјави Бортников.
Исламска држава ја презеде одговорноста за масакрот во концертната сала во март, а американските власти рекоа дека располагаат со разузнавачки информации кои покажуваат дека тој бил извршен од авганистанскиот огранок на мрежата, Исламска држава-Корасан.