1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаРусија

Руската сонда „Луна-25“ полета кон Месечината

Роман Гончаренко
11 август 2023

Среде агресорската војна против Украина, Русија лансираше лунарна сонда - прва по децении. „Луна-25“ е руски обид да се надомести заостанувањето зад конкуренцијата во трката за „освојување на Месечината“.

https://p.dw.com/p/4V1gY
Ракетата-носач на лунарната сонда „Луна-25“
Ракетата-носач на лунарната сонда „Луна-25“ успешно е лансирана од космодромот „Восточни“Фотографија: Sergei Savostyanov/TASS/dpa/picture alliance

Кога станува збор за вселенските патувања, Русија има многу да надомести, навистина многу. Последната, во тоа време сè уште советска, вселенска сонда „Луна-24“ полета кон Месечината на 9 август 1976 година. Луна на руски значи „месечина“. Речиси 47 години подоцна, вселенската агенција Роскосмос денеска, 11 август 2023, повторно лансираше сонда кон Месечината: „Луна 25“. Името, очигледно, треба да сугерира континуитет.

Она што за руските уши можеби звучи како враќање на поранешната слава е всушност обид, кој неколкупати беше одложуван, да не се загуби приклучокот кон САД, но и кон Кина и други земји, во новата трка за Месечината.

Луна-25: Надоврзување на советско истражување на Месечината

Неколку недели по инвазијата врз Украина, рускиот претседател Владимир Путин во април 2022 година објави дека програмата за патување на Месечината ќе биде „рестартирана“. Според Путин, Русија треба успешно да одговори на „предизвиците“ во вселената за да може да има полза од нив и на Земјата.

Шефот на Кремљ мислеше во прв ред на „Луна-25“. Голема програма за „освојување“ на Месечината како во советско време досега постоеше само декларативно.

Советскиот Сојуз беше умерено успешен, кога станува збор за патувањето кон Месечината. Светската сила од 1959 година испрати дваесетина сонди кон Месечината година за да земаат примероци од почвата на земјиниот сателит. Но, СССР загуби во трката против големиот ривал САД за тоа кој прв ќе донесе луѓе во орбитата на Месечината, а потоа и на нејзината површина. Неуспесите во изработката на соодветна ракета за Месечината, резултираа со прекин на програмата во 1970-тите.

„Moon house“ од Андреј Соколов, 1966 година
Советско сценарио за „освојување на Месечината“ од 1966 година: Со „Луна-25“ Русија сака да го оддржи прикучокот кон САДФотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/P. Balabanov

Која е целта на руската мисија на Месечината?

Работата на новата лунарна сонда беше обновена за време на владеењето на  Путин во средината на 2000-тите. Проектот првично беше наречен „Луна-Глоб“ и во 2013 година беше преименуван во „Луна-25“ .

Европската вселенска агенција ЕСА беше партнер во проектот, но се откажа по руската инвазија врз Украина. Развојот на лунарната сонда беше значително побавен од планираното, техничките проблеми доведоа до ревизија на леталото и неколку одложувања на лансирањето.

Патувањето на сондата од местото на лансирање на космодромот „Восточни“, на рускиот Далечен Исток, до површината на Месечината се очекува да трае помалку од една недела. За разлика од советските вселенски сонди, „Луна-25“ нема да слета на Месечевиот екватор, туку на помалку истражениот Јужен пол.

Се претпоставува дека таму има за мраз во почвата, кој би можел да се користи во идни мисии со екипаж - на пример како извор на вода за пиење и гориво. Времетраењето на мисијата на „Луна-25“ треба да биде околу една година. Притоа, според планот на Роскосмос, треба да се земат примероци од почвата, да се анализираат и резултатите да се пренесат на Земјата.

Стартот на лансирањето на ракетата-носач Сојуз-2 1б на космодромот „Восточни“
Стартот на лансирањето на ракетата-носач Сојуз-2 1б на космодромот „Восточни“Фотографија: Roscosmos/REUTERS

Подоцна, Русија прво во орбитата, а потоа повторно на површината на Месечнината сака да испрати неколку дополнителни сонди, опремени со дупчалки. Меѓутоа, стартот на  овие мисии е одложен. „Луна-26“ не би требало да полета во 2024 година, туку дури три години подоцна, во 2027 година.

Русија планира сопствена вселенска станица

Русија, заедно со САД и со Кина, е една од трите водечки сили за вселенски летови со човечки екипаж, меѓутоа најмногу профитира од советското наследство. Речиси и нема нови развојни моменти во нејзината вселенска програма. Така на пример, САД ја престигнаа Русија по бројот на лансирани сателити, истражувањата на други планети и на вселената во целина.

Како и САД и Кина, Русија планира да испрати луѓе на Месечината. Сепак, датумот постојано се поместува подалеку во иднината. Во моментов се споменува 2030 година. Меѓутоа под знак прашање е дали и овој предвиден термин може да се задржи.

Русија во моментов нема ниту соодветна ракета ниту соодветен вселенски брод за мисија со човечки екипаж на Месечината. Проектите постојат само на хартија. Војната во Украина веројатно уште повеќе ќе го отежне спроведувањето.

САД, од друга страна, се во подготовка и планираат да ги обноват летовите со екипаж на Месечината, веројатно во 2024/2025 година. Програмата „Артемида“ е во завршна фаза. Неколку години подоцна, Кина, исто така, сака да ги следи со летови со човечки екипаж на Месечината.

Американскиот астронаут Јуџин Серман (1972): Последната личност што чекореше на Месечината
Американскиот астронаут Јуџин Серман (1972): Последната личност што чекореше на МесечинатаФотографија: Ron Evans/NASA/dpa/picture alliance

Јасно е дека Русија сака да изгради сопствена вселенска станица по завршувањето на работата на Меѓународната вселенска станица ИСС. Подготвителните работи за тоа се планирани да започнат во 2024 година. Можно е Русија да управува со ИСС заедно со други нации и истовремено да изгради сопствена станица. Космонаутиката е една од ретките индустрии каде Русија сè уште соработува со Западот.

Соработка со Кина наместо со Запад

Но, уште пред нападот врз Украина, имаше сигнали на отуѓување меѓу Русија и Западот во вселенската соработка. Во 2021 година, Русија го објави своето излегување од проектот „Deep Space Gateway“ предводен од САД. Тој предвидува изградба на вселенска станица во орбитата на Месечината.

Наместо со Западот, Русија сѐ потесно соработува со Кина, вклучувајќи ги и вселенските патувања. Меѓу другото, планирана е руско-кинеска населба на Месечината - до 2035 година.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи