Бајден предупредува од хаос ако Трамп загуби на изборите
8 август 2024Претседателот Џо Бајден изјави дека не е убеден во мирен трансфер на власта во САД доколку републиканецот Доналд Трамп загуби на претседателските избори на 5 ноември.
„Ако Трамп загуби, воопшто не сум сигурен“, рече Бајден во интервју за Си-Би-Си Њуз на прашањето дали мисли дека ќе има мирен трансфер на власта по гласањето.
„Тој го мисли тоа што го кажува. Не го сфаќаме сериозно. Тој го мисли тоа. Сите тие работи... 'ако изгубиме, ќе има крвопролевање'“, додаде Бајден.
За време на предизборниот настап во март во Охајо, Трамп предупреди на „крвопролевање“ доколку не победи на изборите.
Бајден се откажа од својата кандидатура
Во тоа време, Трамп разговараше за потребата да се заштити американската автомобилска индустрија од конкуренцијата во странство, а подоцна рече дека мислел на автомобилската индустрија кога го користел терминот.
Трамп лажно тврдеше дека победил на изборите во 2020 година против Бајден и беше кривично обвинет во сојузните држави Вашингтон и Џорџа за незаконски обид да ги поништи резултатите.
Бајден се откажа од кандидатурата минатиот месец, откако колегите демократи побараа да се повлече по лошиот настап во дебатата против Трамп што покрена прашања за возраста и за здравјето на демократскиот претседател.
Потпретседателката на Бајден, Камала Харис, оттогаш ја доби номинацијата на демократите и се кандидираше против Трамп.