Украина: САД би можеле да дадат дозвола за напади врз Русија
11 септември 2024Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави денеска дека неговата администрација „во моментов одлучува“ дали САД ќе ги укинат ограничувањата за употреба на американско оружје со долг дострел од страна на Украина во војната против Русија. „Работиме на тоа“, рече Бајден во вторникот одговорајќи на новинарско прашање.
Украина долго време се залага за да може да го насочи оружјето доставено од Западот кон цели длабоко на руска територија. Во петокот, на состанокот на Контакт-групата за Украина во американската воена база во Рамштајн, Германија претседателот Володимир Зеленски уште еднаш побара дозвола да се користи западно оружје со долг дострел за напади врз цели на руска територија.
САД се колебаат да достават и да дозволат употреба на оружје кое би можело да погоди цели длабоко во Русија поради страв дека тоа би можело да го ескалира конфликтот.
Останатите сојузници на Киев испорачуваат оружје, но со ограничувања за тоа како и кога може да се користи против Русија, поради загриженост дека таквите напади би можеле да предизвикаат одмазда која ќе ги вовлече земјите на НАТО во војна или ќе предизвика нуклеарен конфликт.
Неименувани извори минатата недела за британската агенција Ројтерс изјавија дека САД се блиску до договор за обезбедување на Украина со такво оружје, но дека Киев ќе мора да почека неколку месеци бидејќи САД ги решаваат техничките проблеми пред која било испорака.