Самит на ЕУ за распределба на функции
27 јуни 2024Понеделникот минатата недела, шефовите на држави и влади на 27-те членки на Европската унија се уште не беа ја договориле распределбата на четирите водечки позиции во ЕУ по европските избори. Тоа би требало да се случи денеска (27.06.) на редовниот самит во Брисел. Еден тренд се кристализира: претседателката на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен, веројатно ќе го добие посакуваниот втор петтогодишен мандат. Нејзината Европска народна партија (ЕПП) е најголема фракција и во новиот состав на Европскиот парламент и затоа има право да го именува претседателот на Европската комисија.
Германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД) не се сомнева дека 27-те земји на ЕУ ќе ја номинираат Урсула фон дер Лајен и дека таа ќе биде поддржана од трите главни групи, имено Демохристијаните, Социјалдемократите и Либералите. „Со оглед на тоа дека политичката платформа која и претходно ја поддржуваше претседателката во парламентот, повторно има мнозинство, верувам дека ќе успееме брзо да дојдеме до разумно решение“, рече Шолц минатата недела во Брисел.
ЕПП игра малку покер
Трите фракции на политичкиот центар во парламентот имаат вкупно 406 пратеници. Апсолутно мнозинство се стекнува со 361 мандат. Чисто математички гледано, Урсула фон дер Лајен не би требало да зависи од гласовите на растечкиот десничарско-популистички или десничарско-екстремистички табор. Сепак, уште пред европските избори, претседателкатана Комисијата го остави отворено прашањето за можна соработка со претставниците на десницата, доколку тие се проукраински и проевропски настроени.
За неа би можеле да гласаат и Зелените кои загубија на европските избори. Во моментов зад кулисите се водат преговори во парламентот за добивање мнозинство за демохристијанската политичарка. Гласањето е закажано за 17 јули во Стразбур.
По неформалниот подготвителен самит на шефовите на држави и влади минатата недела, јасно е дека претседавањето со Европскиот совет ќе го преземе поранешниот португалски премиер Антонио Коста. Овој Социјалдемократ би ги претставувал јужните земји. Се уште се дебатира дали не е редно по две ипол години конзервативен политичар да го замени на таа функција. Демохристијанските премиери бараат поголемо влијание на нивното политичко семејство, затоа што сепак тие се победници на изборите.
Либералната премиерка на Естонија Каја Калас би можела да стане новиот висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика. Таа би се сметала за претставник на источните земји-членки. Досегашната претседателка на Европскиот парламент, Демохристијанката Роберта Мецола (Малта), би можела да остане на функцијата уште две и пол години. Таа се смета за претставник на помалите јужни држави.
НАТО е дел од кадровскиот пакет
Позицијата на генерален секретар на НАТО е исто така дел од деликатниот чин на балансирање меѓу европските парламентарни партии и географското потекло на кандидатите. Во согласност со желбите на членките на НАТО, на таа позиција доаѓа холандскиот премиер Марк Руте. И тој е Либерал како Каја Калас и би ги задоволил барањата на северните Европјани за место на кадровскиот рингишпил. Само Романија се воздржуваше до минатиот четврток. Имено, за таа функција се пријави и самиот романски претседател Клаус Јоханис, но потоа се откажа од кандидатурата.
Франција не сака позиции
Францускиот претседател Макрон, кој пред пет години во значителна мера помогна да се протурка Урсула фон дер Лајен на позицијата претседател на Комисијата, овојпат е воздржан. Причината е што Франција е задоволна со претседавањето со Европската централна банка.
Мандатот на Французинката Кристин Лагард трае до 2027 година. Сепак, како награда за поддршка на кадровскиот пакет,Макрон веројатно би сакал политичко ветување дека новата Европска комисија посилно ќе се заложи за воведување заедничко задолжување на ЕУ и поедноставни финансиски правила. Така барем пишуваат италијанските медиуми, но нема официјална потврда дека тоа е вистина затоа што голем дел од кадровскиот рингишпил и онака се само обични гласини.
На самитот на ЕУ во четврток и петок не треба да се зборува само за поделбата на должностите, туку и за содржината. Безбедноста и одбраната најверојатно ќе бидат на врвот на агендата, додека заштитата на животната средина и климата паѓаат на дното.
„Сè уште сме среде војна“, предупреди данската премиерка Мете Фредриксен, алудирајќи на нападот на Русија врз Украина „Според мене, Урсула фон дер Лајен добро си ја вршеше работата. Потребни ни се брзи одлуки за сè што моментално се случува во светот. Убедена сум дека ќе успееме“, рече Фредериксен.
Италија сака суперкомесар
Италијанската десничарска премиерка Џорџа Мелони вели дека сака да го зајакне италијанското влијание во ЕУ, особено затоа што нејзината десничарска националистичка фракција Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) освои малку повеќе места во Европскиот парламент и сега има 83 мандати. Сепак, Мелони е воздржана кога се во прашање досегашните кадровски прашања, па затоа ниту еден Италијанец не е предложен за највисоките функции. Но, за нејзината земја, таа бара важна позиција во Европската комисија, која допрва треба да се формира, односно потпретседател на Комисијата кој би бил задолжен за економија, индустрија и финансии.
Но, словачкиот претседател Петер Пелегрини, кој го застапува премиерот Роберт Фицо во Брисел, кој беше тешко повреден во обид за атентат, минатата недела се уште беше недоверлив. Според него, источноевропските земји не се доволно застапени на највисоките позиции во последните години. А источноевропски дипломат се пожали зад затворени врати дека не се земени предвид ниту Полска, Романија или Бугарија.
Потребно е двојно мнозинство
За да биде предложена Урсула фон дер Лајен за претседателка на Комисијата, потребна е согласност од 20 од 27 земји-членки, кои претставуваат најмалку 65 отсто од населението на Унијата, таканаречено зајакнато двојно мнозинство. Според изјавите кои можеа да се слушнат во Брисел, ова мнозинство е обезбедено. За назначувањето на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика исто така е потребно зајакнато двојно мнозинство.
Дел од преговарачкиот пакет е и функцијата претседателка на Европскиот парламент, но таа на крајот ја избира самиот парламент, независно од самитот на ЕУ и со апсолутно мнозинство гласови. Како што е секогаш случај со политичките одлуки во Унијата, се има врска со се. Во јавноста ќе биде соопштено договореното дури кога ќе бидат утврдениносителите на сите четири функции.