1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шанса за Центар: Предлозите за конфискација се популизам

ДТЗ
6 април 2023

Конфискацијата на бесправно изградени објекти како инструмент веќе е предвидена во Кривичниот законик. Оваа нова дебата е ново вртење во круг наместо да спроведување на законите, оценува Јана Белчева-Андреевска.

https://p.dw.com/p/4Pm9N
урбанизација
Предлозите за конфискација на дивоградбите место нивно уривање предизвика различни реакции во јавноста. Фотографија: Jana Belceva-Andreevska/DW

Предлозите за конфискација на дивоградбите место нивно уривање предизвика различни реакции во јавноста. Од граѓанската иницијатива Шанса за Центар за ДВ оценуваат дека станува збор за популистички предлози, со оглед на тоа дека конфискацијата на бесправно изградени објекти како инструмент веќе е предвидена во Кривичниот законик. Оваа нова дебата која што ја иницираше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, според нив, е ново вртење во круг место да се спроведуваат законите. „Јавноста виде колку (не)успешно се заврши конфискација на само еден осуден човек“, вели за ДВ Јана Белчева - Андреевска, претставник на Шанса за Центар. 

Герасимовски бара поддршка

По минатонеделната средба во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најавува дека иницијативата за конфискација место рушење на дивоградбите ќе ја презентира и пред ресорните министри за транспорт и врски и за правда Благој Бочварски и Кренар Лога.

Целта на иницијативата е да се овозможи конфискација на бесправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината. За тоа е потребно да се интервенира во две законски решенија – Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.

„Ако оваа иницијатива стане реалност, општините по конфискацијата ќе ги користат објектите за потребите на своите граѓани“, изјави неодамна Герасимовски.

Ваквата иницијатива се поднесува во период кога граѓаните речиси секојдневно алармираат за некоја нова дивоградба која што никнува на падините на Водно и во најатрактивните делови на градот, каде и покрај апелите да се сопре градежната инвазија, багерите и понатаму продолжуваат да копаат. Герасимовски смета дека е време да се направат крупни промени за заштита од урбанистичко насилство.

Општина Центар има неколку големи дивоградби на нејзината територија, чие рушење чини стотици илјади евра. Но, општината ги нема тие средства. Очекувањата се дека со иницијативата ќе се штеди буџетот на општината, но и ќе се добијат нови објекти кои може понатаму да бидат пренаменети за различни цели.

дивоградби
Општина Центар има неколку големи дивоградби на нејзината територија, чие рушење чини стотици илјади евра.Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Немоќ на институциите

Проблемите со дивоградбите и нивната бројност се доказ за систем и закони кои не се почитуваат. „Тие се доказ за немоќта на институциите да им се спротивстави на оние кои го рушат системот на очиглед на сите“, велат од Шанса за Центар кои укажуваат дека Власта мора да покаже политичка волја. „Не само пред избори за да зборува дека Скопје 2014 е нелегален проект, а кога ќе дојде на власт да не може да најде правен механизам за да отстрани барем една галија од Вардар или да сруши недовршен објект граден на сред сообраќајница на влез на плоштад. Да не ги набројувам и сите останати докази кои ова го потврдуваат“, оценува Белчева - Андреевска. 

Урбанистичкото планирање кое е во полза на инвеститорите и го заборава јавниот интерес како највисока и уставно загарантирана норма, секојдневно станува алатка во која квалитетот на живот на луѓето страда. „Решенијата кои ги гледаме околу нас не може да бидат апсурдни, непријатни и неудобни, незаконски и небезбедни само за граѓаните, а институциите секојдневно да покажуваат немоќ пред нив. Градењето по нелегални планови создава нелегални објекти, кои очигледно веќе преќутно се прифаќаат, па по оние планови од 2012 година, денес се развива центарот на градот. Но, ако плановите порано морале да имаат обележани црвени точки врз секој нелегален објект, денес и тоа го нема, па вклопувањето и легализирањето стана поважен и позастапен механизам отколку спроведувањето на закони“, укажуваат од граѓанската иницијатива.

Nord-Mazedonien Jana Belceva Andreevska, Lokalpolitikerin aus Skopje
Ова се популистички предлози, вели Јана Белчева - Андреевска, претставник на Шанса за Центар. Фотографија: Jana Belceva Andreevska

Хаос во прописите за легализација

Нивните забелешки се дека општинските власти не сакаат да применат современи методи на мерења и снимања за идентификација на дивоградби, ги одбиваат амандманите на Шанса за Центар за дроновски снимања, „ама смислуваат начини за да се сликаат, ветувајќи решение на проблем кој не можат ниту да го идентификуваат“.

„Дупли поткровја, висини и габарити кои не се според проекти, надградби на спратови на објекти од пред земјотресот, па и хотели кои се продаваат како станови се наше секојдневие. Што со нив? Проблемот има димензии кои се неверојатни. Се бара изјава од нотар како повалиден документ од сателитска снимка за да се докаже кога е граден објектот? Некој е одговорен зошто е ова прописот по кој се легализираат“, посочува нашата соговорничка.

Точната бројка на дивоградби не е позната, но министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во февруари 2022 во изјава за Алсат најави дека легализација чекаат 140.000 дивоградби, потенцирајќи дека е потребен нов закон за легализација.

„Претходно се утврдува дека 260.000 дивоградби биле легализирани. Вкупниот број е 400.000 објекти, но никаква категоризација не е покажана. Каде е катастарот да излезе со бројки и податоци, каде е да предложи мерки за полесна идентификација во рана фаза? Дали конфискација на објект кој нема проект, кој нема проверка од ИЗИИС и за кој никој не гарантира може да стане јавен објект во кој ќе ставите образовна институција или пензионерски дом? Кој ќе биде одговорен за последиците ако се покаже небезбеден?“, вели Белчева - Андреевска. 

Заборавени стандарди

По земјотресот во Турција се отворија дилемите околу стандарди и процедури, за примена на закони за градба, за важноста на инспекцијата и мерките за превенција, но и за спасување, слободни простори и коридори за евакуација. Но, како да се заборави веќе на тоа.

„За она што може да се случи утре, останува одговорноста која ја имаме пред нашите деца. Барем таа нека најде свое место при вршење на јавни работи, кога се заборава лесно и законот и јавниот интерес. Притоа да не заборавиме, конфискацијата на бесправно изградени објекти како инструмент веќе е предвидена во Кривичниот законик. Оваа нова дебата е ново вртење во круг место спроведување на законите“, оценува Белчева-Андреевска.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема