1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата стокми нов закон за легализација на дивоградбите

ДТЗ
23 декември 2021

Ќе можат да се легализират дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година. Нема да може да се легализираат објекти во заштитен појас на охридското крајбрежје, но ќе може на Попова Шапка.

https://p.dw.com/p/44lai
Македонија Дивоградби Охрид
Владата најавува дека нема да бидат легализирани сите видови на дивоградби изградени во рамки на заштитните подрачја. Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Министерот Насер Нуредини и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска го презентираа предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти, со којшто се предвидува можност за легализација на дивоградби изградени пред 1 јануари 2021 година. Владата најавува дека нема да бидат легализирани сите видови на дивоградби изградени во рамки на заштитните подрачја. 

„Истото е предвидено за сите видови бесправни објекти изградени во границите на охридскиот регион, кои се утврдени дека не се во согласност со Планот за управување со светското и културно наследство во регионот на Охрид. Ова подрачје има непроценлива природна, културна и универзална вредност и во него ќе може да се спроведе легализација само на објектите што се во Планот за управување“, вели министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.  

Во однос на природно заштитното подрачје, нема никаква легализација во зоната на строга заштита и зоната на активно управување. Ова значи дека ќе се дозволи само на оние објекти што се со намена А1, односно куќи за домување во зоната за одржливо користење и заштитниот појас на подрачјето. Еден барател ќе може да легализира само еден објект. Рокот за поднесување на барањето за легализација е шест месеци од денот на влегувањето во сила на законот. 

„На овој начин ќе излеземе во пресрет на граѓаните кои не можеле да ги регулираат своите нерешени имотно-правни односи“, велат надлежните министри. 

Скалест надоместок 

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информираше дека се предвидува скалест начин на пресметување на надоместот за легализација. За објект со површина до 80 метри квадратни висината на надоместот се зголемува за 50 проценти, како казна за бесправното градење, а за објект од над 80 метри се зголемува за 100 проценти. Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат само предвид сметките за јавни услуги. Од надомест за легализација ќе бидат ослободени граѓани кои имаат до 180 илјади денари нето годишен приход. 

Кои објекти нема да се легализираат 

Нема да може да се легализираат бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион, а за кои е утврдено дека не се во согласност со Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, изградени во граници на заштитени подрачја и тоа Зона за строга заштита и Зона за активно управување, изградени во споменичката целина на Старото градско јадро на Охрид, изградени во подрачје на заштитено недвижно културно наследство, изградени во подрачје во кое се врши или е планирана експлоатација на минерални суровини. 

Северна Македонија | Охрид
Нема да може да се легализираат бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регионФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Исто така, нема да се легализираат и дивоградби изградени во заштитни зони на аеродроми, изградени во зони на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, изградени на сообраќајници и на подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон, изградени во заштитен појас на државни и локални патишта и во заштитен појас на железничка инфраструктура, изградени на земјиште за кое во Катастарот на недвижности е запишано право на хипотека. Не може да се легализираат  ниту згради како и доградби и надградби на зградите со намена А2, како и  сите видови на времени објекти (базени, гаражи), сите видови на урбана опрема и помошни објекти кои се во функција на друг објект.