Шефот на Хезболах: „На маса се сите опции“
3 ноември 2023Лидерот на либанската милиција Хезболах се закани со уште позасилено учество на неговото движење во Либан во војната со Израел:
„Сите опции на либанскиот фронт остануваат отворени“, изјави Хасан Насралах во својот денешен, прв јавен настап за актуелната ситуација по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Според него, натамошна ескалација е реална можност, а се` ќе зависи од натамошниот тек на војната во Појасот Газа и односот на Израел кон Либан.
Во случај на регионална војна, интересите и војниците на САД, најважниот сојузник на Израел, ќе бидат жртва и најголем губитник на таквата ескалација, изјави Насралах, според кого нападот на радикално исламистичкиот Хамас врз Израел на 7 октомври бил „стопроцентно палестински“.
Истовремено Насралах ги обвини САД дека сносат одговорност за сегашната ситуација во Појасот Газа.
Радикално исламистичката милиција Хезболах е спонзорирана од Иран и од Либан оперира против Израел. Насралах не се закани конкретно со помасовни напади врз Израел.
Израелската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху со тековната копнена офанзива во Појасот Газа стреми кон уништување на Хамас. Во нападот на терористите на радикално-исламистичката организација пред четири недели, според израелски наводи биле убиени околу 1400 луѓе, главно цивили и земени во заложништво околу 240 лица, кои оттогаш се држени во Појасот Газа.