Кој е виновен за смртта на Благојче Илиевски?
9 февруари 2023Кој е виновен за смртта на Благојче Илиевски, кој ја изгуби битката со болеста чекајќи го лекот „трикафта“? Веста за смртта на 45-годишниот Илиевски, пациент од цистична фиброза кој три години чекаше да го добие лекот кој значење надеж за живот, предизвика бројни реакции во јавноста, но и препирки меѓу институциите кои почнаа да го вперуваат прстот еден во друг околу евентуалната вина. Ситуацијата зовре дотаму, што Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари апелираше дека смртта на пациент не смее да биде тема на политичка пресметка. Тие бараат одговорност од сите без разлика на функцијата.
Итна набавка на лекот
Премиерот Димитар Ковачевски вината ја лоцираше во бирократијата, која што според него ја одолговлекува набавката на лекот „трикафта“, којшто го има во соседството, но не и во Македонија. Пациентите со цистична фиброза очекуваат дека до крајот на месецот ќе го добијат лекот „трикафта“. Вакво уверувале добиле на средбата со премиерот Димитар Ковачевски, на која било најавено дека со тригодишна програма ќе се обезбеди лекот за сите пациенти.
„Од тоа што е сигурно е дека се обезбедени над 2 милиони евра кои ќе се искористат во најбрз рок за да може да се даде лекот на најкритичните пациенти“, изјави претседателот на Асоцијацијата, Фики Гаспар. Според него, болеста е непредвидлива, поради што мора да се обезбеди лек за што повеќе пациенти.
„Благојче не беше најкритичниот пациент, имаше и покритични. Сега е време да дојде лекот и сега можеме да направиме превенција за наредни пациенти“, додаде Гаспар.
Премиерот најави интервентна набавка на лекот директно од производителот и измени во законите за набавка на лекови од производител што има патент, со цел да се избегнат долгите процедури за увоз. „Државата мора да преземе поголема одговорност и да го спречи непотребното страдање на кој било во државата. Јас сакам да живеам во таква Македонија. Затоа утрово станав многу рано ги разбудив сите одговорни и затоа се носат одлуките за набавка на овој лек“, рече Ковачевски.
Ковачевски и Сали во клинч
Случајот доведе до препирки и меѓусебни обвинувања меѓу премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство, Беким Сали од редовите на Алтернатива, чија функција „виси“ поради можноста неговата партија да ја напушти владината коалиција поради преговорите за влез на Алијанса за Албанците во Владата.
Ковачевски денеска информираше дека од рано изутрината разговарал со Сали и му посочил дека ситуацијата со пациентите со цистична фиброза, особено со смртта на Благојче Илиевски, е неприфатлива и побарал од него да каже дали може да го продолжи својот мандат.
Ресорниот министер му возврати: „Дали некој, кој, и покрај барањето на Министерството за здравство не одобрил средства за лек на пациенти со ваква тешка болест, смета дека може да си го продолжи мандатот. Би можел да прашам и дали можеби премногу време и внимание се потроши на коалициски преговори, додека пациентите чекаа“, потенцира министерот за здравство.
Според него, Министерството за здравство не е најодговорната институција за случајот со Благојче Илиевски. Преку писмена реакција му порача на премиерот дека „ниту како човек, ниту како министер не може да премолчи кога врз грбот на една ваква трагедија се прави евтин обид за политички поени“. Изјавите на премиерот ги оцени како популистички и неумесни.„Знам дека политиката е сурова професија, но ние сепак имаме обврска да го задржиме достоинството и човечноста“, возврати Сали на прозивките.
Тој тврди дека Министерството за здравство уште на 27 јануари побарало од Владата да донесе одлука за обезбедување средства за набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза, но ниту Владата, ниту премиерот Ковачевски не донеле никаква одлука се до вчера. „Затоа, мислам дека е неодговорно да си ја префрламе одговорноста“, вели министерот во изјавата.
Напади и кон Пендаровски
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на прес-конференција го повика претседателот Стево Пендаровски да си поднесе оставка поради негрижата на државата и лажните ветувања за болните од цистична фиброза. Ковачки, покажувајќи фотографија од Пендаровски со Благојче Илиевски, ги обвини претседателот и премиерот Димитар Ковачевски дека ги користеле болните за „сликање и себепромоција“.
Од Кабинетот на претседателот возвратија дека Пендаровски не е надлежен за набавка на лекови, но дека тој смета дека сите лица од оваа категорија на болни, мора најитно да ја добијат неопходната терапија.
„Претседателот Пендаровски искрено сочувствува со семејството на починатиот Благојче Илиевски. Точно е дека претседателот Пендаровски има одржано не една, туку повеќе средби со здруженијата на граѓани болни од цистична фиброза на нивно барање. И, не само со нив, туку и со многу други здруженија на граѓани во кои членуваат, или работат со граѓани од ранливите групи. Секогаш и безусловно претседателот и Кабинетот се заложуваат да решат што повеќе системски проблеми кои ги имаме во нашата држава, независно што не спаѓаат во негови надлежности“, велат од кабинетот на претседателот.