1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со кој меѓународен фактор се разговара за гаранции?

27 јуни 2024

Во период кога во Бугарија не е формирана влада, а европските институции ги чекаат новите кормилари, единствени јавно потврдени разговори што се водат, сѐ со независниот експерт Питер Ванхауте.

https://p.dw.com/p/4hZGQ
Првата посета на премиерот Христијан Мицкоски на престолнината на ЕУ се очекува по назначувањата на првите луѓе на европските институции
Првата посета на премиерот Христијан Мицкоски на престолнината на ЕУ се очекува по назначувањата на првите луѓе на европските институцииФотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker

Партнерите на премиерот Христијан Мицкоски од коалицијата „Вреди“ кои во кампањата најавуваа флексибилен рок за решавање на прашањето за уставните измени од шест месеци (до крајот на 2024 г.) велат дека има разговори со меѓународниот фактор по прашањето за гаранции.

„Со меѓународниот фактор разговараме за можностите да има гаранции дека нема да има нови барања додека трае процесот. Односно, дека ова ќе биде единственото барање од страна на бугарската држава, од Бугарите“, изјави на ТВ 21 Изет Меџити.

ВМРО-ДПМНЕ досега испрати многу јавни пораки на оваа тема и во периодот кога беше опозиција и по доаѓањето на власт. Досега официјални разговори на таа тема немало, барем не обелоденети во јавноста. Првата посета на премиерот Христијан Мицкоски на престолнината на ЕУ се очекува по назначувањата на првите луѓе на европските институции, како што вчера најави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, за време на неговата прва работна посета на Брисел.

„Чекаме да се случи една извесност во Брисел за тоа кој ќе ги предводи европските институции. Во моментот гледате дека фокусот на највисоко ниво на ЕУ е за тоа кој ќе биде нов претседател на Европската комисија и кој ќе ги преземе клучните ресори, рече Муцунски, додавајќи дека дека по завршувањето на тој дијалог во Брисел ќе допатува премиерот Мицкоски на покана на официјалните претставници на Унијата, со што ќе продолжи дијалогот на новата Влада со европските институции“, пренесе МИА .

Без одлагање наметнато од билатерално барање

А токму денеска е денот кога ќе се одржи тој особено значаен состанок, како што го нарече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, бидејќи ќе се носат одлуки кои ќе го обликуваат патот на Унијата во следниот период. На дневен ред е Стратешката агенда со која ќе се бидат поставени приоритетите и стратешките ориентации на ЕУ за следните пет години, ќе биде одреден патот за внатрешните реформи и трето - институционалните назначувања. Во рамки на стратешката агенда е и прашањето за проширувањето.

Премиерот Мицкоски во Брисел треба да го продолжи дијалогот на новата Влада со европските институции
Премиерот Мицкоски во Брисел треба да го продолжи дијалогот на новата Влада со европските институцииФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Муцунски вчера оствари повеќе одвоени средби со неколку европарламентарци, членови на различни политички групации на Европскиот Парламент, Дејвид Мекалистер, Илхан Ќучук и Тинеке Стрик, на која посочил дека е значајно е да се задржи и да се зајакне позитивниот наратив во ЕП за да се одржи моментумот на проширувањето на ЕУ и да се даде силна поддршка на земјава за пристапување во Унијата.

„Сега, заради променетите геостратешки околности, земјите-членки на ЕУ треба вложат повеќе во соодветно забрзување на пристапниот процес за земјите од Западен Балкан, врз основа на заслуги и постигнувања на секоја земја“, нагласил шефот на македонската дипломатија.

Истакнувајќи ги спецификите на пристапното досие на земјата, посебно од аспект на долготрајноста и фазите на процесот изминатите 20 години, тој потенцирал дека е потребно да се задржи кредибилитетот на процесот, што ќе придонесе за постепена интеграција пред членството, за што добра алатка е Планот за раст и неговото спроведување од сите инволвирани страни.

„Преговорите за пристапување во ЕУ се најдобар начин како да се обезбеди неповратност на општествената реформа и демократски развој во земјата, и за нас треба да се изнајде пат што ќе овозможи продолжување на преговорите со ЕУ, без одлагање кое е наметнато врз основа на билатерално барање”, порача Муцунски.

Меѓународен фактор?

Во период кога во соседна Бугарија се уште не е формирана влада, а европските институции ги чекаат новите кормилари, единствени јавно потврдени разговори што се водат со цел да се најде решение, сѐ со белгискиот независен експерт Питер Ванхауте. Неговото име е познато во домашната јавност, со оглед дека беше ангажиран од ЕУ како олеснувач за надминување на политичката криза во Македонија во периодот 2015-2016 (преговoрите во Пржино), а по звршувањето на тој мандат доаѓаше и како независен експерт. Арбен Таравари од коалицијата Вреди уште во мај објави дека разговарал со Ванхауте за прашањата меѓу Скопје и Софија.

„Имаме поддршка од меѓународниот фактор, што е добро. Јас се видов со господинот Питер Ванхауте, кој во овој период ќе фасилитира меѓу Скопје и Софија, за да се изнајде начинот како да се направи тоа. Ќе го охрабриме премиерот и следната влада за да видиме какво ќе биде решението, ќе видиме, од двете страни некаков компромис. Рамката не може да се смени, тоа е поминато низ сите држави“, рече во мај Таравари.

Истиот месец со белгискиот експерт се сретна и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.

„Тоа беше конструктивна и важна средба за европската иднина на Северна Македонија. Продолжуваме да работиме за европскиот курс на земјата“, напиша Гаши на неговиот профил на Фејсбук. 

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши објави дека оддржал конструктивна и важна средба со белгискиот експерт Питер Ванхауте
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши објави дека оддржал конструктивна и важна средба со белгискиот експерт Питер ВанхаутеФотографија: Petr Stojanovski

Пред неколку дена Гаши му бил домаќин на Ванхауте и во Собранието, по што објави фотографии од средбата.

Претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, исто така пред неколку дена објави дека со белгискиот експерт разговарале за чекорите на РСМ кон интеграција во европското семејство.

„Го поздравив многу амбициозниот план за евроинтегративниот пат на Северна Македонија што ми го претстави г. Ванхауте, при што истакнав дека Движењето Беса и коалицијата ВЛЕН ќе бидат силна гаранција и поддржувач на интеграцијата на земјата кон ЕУ“, напиша Касами.

Од ВМРО-ДПМНЕ само кусо одговораат дека „немале средба со Ванхауте".

Независен посредник

Извесно е дека белгискиот експерт во моментов е присутен само како независен посредник. Како што во почетокот на мај објасни портпаролот на белгиското Министерство за надворешни работи, Давид Јорденс, Белгија како поддржувач на перспективата на РСМ за членство во ЕУ, одлучила да поддржи проект предложен од Центарот за европски безбедносни студии за да се олеснат дискусиите меѓу сите политички чинители во земјата заради постигнување консензус околу одлуките што се потребни за да се заокружи почетната фаза од пристапните преговори за членство во ЕУ.

Според Јорденс, проектот се спроведува под независна одговорност на Центарот за европски безбедносни студии и е предводен од Ванхауте, во својство на „независен посредник на високо ниво со долгогодишно искуство во градење капацитети и посредување во Западниот Балкан и особено во Северна Македонија“.

Питер Ванхауте (архивска фотографија)
Питер Ванхауте (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Белгија само одлучи да го поддржи проектот на Центарот за европски безбедносни студии, во рамките на својата долгогодишна политика за поддршка на проекти за посредување низ целиот свет и имајќи ја предвид својата улога на земја претседавач со Советот на ЕУ“, изјави за МИА Јорденс.

Според извори во белгиското МНР, проектот бил фокусиран само на РСМ, односно Бугарија не била опфатена со него.

Ванхауте е добар познавач на состојбите во РСМ. Во ноември 2021 година, во еден осврт за оставката на премиерот Заев поради несупех на локалните избори, самиот ја истакна потребата од посредување со Софија.

„Знам дека има потреба од посредување во однос на спорот со Бугарија, но на ова треба да му се пристапи на креативен начин, не следејќи ги класичните начини на медијација, бидејќи тоа нема да даде никакви резултати. Креативно овде значи различно, со фокус на реалните потреби на граѓаните на Северна Македонија и земајќи ги предвид заедничките интереси на Бугарија и Северна Македонија“ напиша тогаш Ванхауте на Фејсбук.