1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Шолц Тешко е да се преговара со оружје вперено во глава

ЖА /АРД
2 март 2023

Германскиот канцелар Олаф Шолц во Бундестагот застана во одбрана на владината политика за испраќање оружје на Украина. Сите знаат каква судбина им се заканува на Украинците под руска окупација, изјави Шолц.

https://p.dw.com/p/4O9oD
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Бундестагот
Германскиот канцелар Олаф Шолц во БундестаготФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц во Бундестагот го поддржа правото на Украина на одбрана на сопствениот суверенитет. Не може да има никаков мировен договор без Украинците, изјави Шолц во владината изјава, една годинапо говорот во кој најави пресвртница, односно пресвртница во германската надворешна и безбедносна политика.

„Мир не се постигнува така што овде во Берлин се извикува ’Никогаш повеќе војна’, а истовремено се бара да се престане со испраќањето оружје на Украина“, изјави канцеларот, порака упатена на адреса на демонстрантите кои изминатиот викенд во Берлин бараа враќање на преговарачка маса: „Пацифизмот не значи покорување пред поголемиот сосед. Кога Украина би престанала да се брани, не би следел мир, туку тоа би бил крај за Украина.“

Пораката на Шолц до Русија и Кина

Олаф Шолц ги отфрли барањата за покренување мировни преговори со рускиот претседател Владимир Путин: „Со оружје вперено во глава не може да се преговара – освен за сопствено потчинување".

Тој од Русија бара „обновување на меѓународниот правен поредок“, додавајќи дека, според него, ништо не упатува на спремност на рускиот претседател Путин за преговори.

Канцеларот очекува од Кина да се ангажира за мир во Украина. „Мојата порака до Пекинг е јасна: искористете го вашето влијание во Москва за да извршите притисок за повлекување на руските трупи. Не испорачувајте му оружје на рускиот агресор“, истакна Шолц во Бундестагот. Тој е разочаран што Кина на самитот на министрите за финансии на Г-20 не била спремна на осуда на руската агресија.

Германскиот канцелар ја повтори спремноста на Германија за почитување на целта на НАТО- вложување 2 проценти од БДП за одбрана. За тоа ќе биде потребно зголемување на одбранбените издатоци во сојузниот буџет, но ветувањето важи. 

канцелар Олаф Шолц  Бундестаг Германија
Владина изјава на канцеларот Олаф Шолц во БундестаготФотографија: Annegret Hilse´/REUTERS

Гаранции за Украина

Шолц вети помош за индустријата за оружје, за таа да може „да го прошири тековното производство на важни видови оружје, техники и муниција.“ А тоа, како што нагласи, подразбира „долгорочни договори и исплата на средства за проширување на производните капацитети.“ Шолц нагласи дека е неопходно обезбедување на процес на побрзо и поефикасно набавување оружје за Бундесверот и другите европски војски.

Германскиот канцелар во насока на Украина порача дека таа земја може да смета на безбедносни гаранции на сојузниците во времето по војната . Сојузната влада ќе и` помогне на Украина во доаѓањето до мир: „Затоа ќе разговараме со Киев и другите партнери за идните безбедносни гаранции за Украина.“ А претпоставка за тие сигурносни гаранции е успешна одбрана на Украина во војната, нагласи Шолц. „Повлечете ги вашите трупи и војната веднаш ќе заврши“, му порача канцеларот Шолц на рускиот претседател Путин.

Една година од „пресвртницата“

Пред една година (27.02.2022) Шолц, само три дена по почетокот на руската агресија врз Украина, во Бундестагот одржа говор со кој најави „пресвртница“, односно свртување во германската надворешна и одбранбена политика. Меѓу другото тогаш вети и етаблирање посебен фонд од 100 милијарди евра за опрема на Бундесверот.