1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што е биодиверзитет и зошто е важен?

Жанет Цвјенк
8 декември 2022

На конференцијата во Канада која започна на 7 декември, ОН разговараат за зачувување на биолошката разновидност. За што всушност се работи? И зошто е опасно исчезнувањето на се повеќе животински и растителни видови?

https://p.dw.com/p/4KcVJ
инсекти
Ја уништуваме природата, иако од неа зависат нашите приходи, храната, здравјето, воздухот што го дишемеФотографија: Bernd Weißbrod/dpa/picture alliance

Биодиверзитет, биоразноликост или биолошка разновидност е термин кој се користи за означување на различноста на сите суштества на Земјата, односно на целиот екосистем. Овие суштества вклучуваат животни, растенија, габи... и микроорганизми во почвата. Постојат различни екосистеми, на пример на Антарктикот, во тропските прашуми, во Сахара, во дождовните шуми во централна Европа или во различни морски или крајбрежни региони низ светот. 

Овие простори за живеење ни обезбедуваат на нас луѓето многу работи неопходни за живот, како што се вода, храна, чист воздух или лекови. Екосистемите се поврзани циклуси на верижни реакции, во рамките на кои се „произведуваат“ споменатите нешта - и секоја промена во еден дел од екосистемот резултира со промени во однесувањето на целиот систем. Ако некој вид исчезне, тогаш во најлош случај, може буквално да исчезнат и „производите“ или „услугите“ за кои тие видови се одговорни во природата. 

Зависност од природата 

Со други зборови, без алги или дрвја - нема кислород. Без инсекти за опрашување на растенијата, тешко дека би можеле ние нешто да набереме. Повеќе од две третини од сите земјоделски култури, вклучувајќи различни видови овошје, зеленчук, но и какао или кафе, зависат од природни опрашувачи, на пример, инсекти. И во моментов, опстанокот на околу една третина од сите видови инсекти на Земјата е загрозен, им се заканува истребување.

Иако ние луѓето не можеме да преживееме без овие услуги што ги дава природата, генерално сметаме дека е сосема нормално дека природата постои и дека овие услуги се земаат здраво за готово, вели Дејв Хол, експерт за еколошка генетика, кој направи студија со тимот за Conservation International.  

Бангладеш
Најголемата површина на мангрови е во БангладешФотографија: Al-emrun Garjon/AP/picture alliance

Судејќи според таа студија, до 70 проценти од светските посеви, односно плодовите од природата, директно или индиректно зависат од недопрените полдери и мангрови, меѓу другото затоа што овие мочуришта ги штитат растенијата од поплави. 

Разновидност на загрозени видови 

Советот на ОН за биолошка разновидност (ИПБЕС) проценува дека има најмалку осум милиони видови на Земјата и дека до 2030 година до еден милион видови би можеле да исчезнат. Засекогаш. Веќе во овој момент, обемот на загубите во однос на разновидноста на видовите е огромен. Речиси секои десет минути по еден вид исчезнува засекогаш. Според научниците, моментално сме во шестиот глобален циклус на масовно исчезнување на видовите.

Само во Германија, бројот на летечки инсекти се намалил за три четвртини меѓу 2008 и 2017 година. Според ИПБЕС, бројот на диви цицачи се намалил за 82%. Бројот на животни и растенија кои живеат во слатководни подрачја во изминатите 50 години е намален за 83 отсто на целата Земја, а во Централна и Јужна Америка е намален за дури 94 отсто, покажа истражувањето на еколошката организација WWF. 

Човекот е одговорен за истребување на видовите 

Научниците се едногласни во својата проценка дека стапката на исчезнување на видовите денес е и до 100 пати поголема отколку што би била - доколку немало човечко влијание врз тој процес. Како причини тие ги наведуваат земјоделството, уништувањето на шумите, прекумерниот риболов или труењето на природата со ширењето на инвазивните видови од страна на човештвото.

соја
Биолошката разновидност страда поради масовното одгледување на сојаФотографија: Weimer Carvalho/dpa/picture alliance

Елизабет Марума Мрема, извршен секретар на Конвенцијата на ОН за биолошка разновидност (ЦБД), за ДВ сосема јасно вели: „Човечката активност предизвика влошување на ситуацијата во која се наоѓаат 97 проценти од глобалниот биодиверзитет“. 

Бројките со кои таа се занимава се застрашувачки. Во моментов, 75 отсто од земјоделското земјиште е деградирано, исто како и 66 отсто од површината на океанот, 58 отсто од мочуриштата се загрозени или веќе исчезнале, а половина од сите корални гребени веќе изумреле. Мрема нагласува дека овие бројки не го вклучуваат количеството пластичен отпад што се наоѓа на површината на Земјата, односно во морињата и океаните ширум светот. 

Опасност за Земјата и човекот 

„Зголемената загуба на нашиот природен капитал е најголемата опасност за целото човештво“, предупредува Клемент Токнер, генерален директор на германското здружение „Сенкенберг“ и професор по науки за еколошки системи: „Еднаш кога ќе се изгуби, засекогаш е изгубено“.

Кога некој вид ќе исчезне од екосистемот, тој веднаш не пропаѓа, туку се менува. „Колку повеќе се намалува бројот на видови, толку е поподложен системот на нарушувања“, објаснува Андреа Перино од германскиот Центар за интегративно истражување на биолошката разновидност на Универзитетот во Хале-Јена-Лајпциг. Како и со климата, постојат моменти во екосистемот кога се менува целиот систем, критични моменти после кои веќе не е можно да се врати во претходната состојба. Во тие моменти започнува незапирлив развој, вели Дејв Хол.

Еден пример е амазонската прашума. По екстремното уништување на шумите, преостанатите делови од прашумата се потешко се обновуваат. А, тоа потоа го зголемува ризикот целата прашума да изумре. Тропските дождовни шуми како Амазон се дом на околу две третини од сите видови што ги знаеме во светот, тие се исклучително важни за климата во светот.

Без значителни контрамерки за запирање на губењето на биолошката разновидност, природните предуслови за животот на човечкиот вид ќе исчезнат со невидена брзина, а тоа може да има долгорочни последици за сите области на животот.

„50 отсто од глобалниот БДП директно зависи од природата“, вели Мрема. „Ја уништуваме природата, иако од неа зависат нашите приходи, храната, здравјето, воздухот што го дишеме“. 

Заштита на животната средина преку игра