1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Што си измисли Трамп при инаугурацијата, а што не?

ЕМФ / дпа
21 јануари 2025

Инаугуративниот говор на Доналд Трамп траеше околу половина час. Тој зборуваше за изборите, илегалната миграција и пожарите во Калифорнија. Дел од работите кои ги кажа не се точни.

https://p.dw.com/p/4pPnK
САД Вашингтон 2025 | Доналд Трамп
Доналд Трамп на инаугурацијата во ВашингтонФотографија: Chip Somodevilla/Pool Photo/AP/picture alliance

Во својот инаугуративен говор Доналд Трамп презентираше многу од темите на неговото претстојно претседателство и ги поткрепи со наводни факти. Не сите од нив се точни.

1. Тврдење за здравствениот систем: „За него се трошат повеќе пари отколку во која било друга земја во светот“.

Проверка на факти: Вистина.

Здравствениот систем на САД во 2022 година, според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), чинеше 12.555 американски долари (12.053 евра) по глава на жител. Ова ги стави САД на прво место. Германија е на третото место во статистиката со 8.010 долари по глава на жител.

2. Тврдењето за миграцијата: „[Владата] обезбедува засолниште и заштита на опасни криминалци, многу од нив од затвори и ментални институции, кои дошле во нашата земја илегално од целиот свет“.

Проверка на факти: За ова нема докази.

Трамп повеќепати го изнесе ова тврдење и за време на изборната кампања. Во мај, на пример, тој рече дека демократскиот претседател Џо Бајден „пушта во земјата милиони луѓе од затвори, од лудници, од ментални институции и дилери на дрога“. Кога беше побарана поткрепа за оваа теза, тимот на кампањата на Трамп, според Си-Ен-Ен, не обезбеди никаков доказ. И други американски медиуми не најдоа докази. Во фискалните години од 2021 до 2024 година (од октомври до септември секоја година) Американската гранична патрола уапсила околу 60.000 неамерикански државјани кои извршиле злосторства. Ова се гледа од податоците доставени од властите. Не сите стапнале на американско тло. Во истиот период, повеќе од 7,5 милиони луѓе биле фатени како илегално ја минуваат границата. Меѓу нив имало и лица кои биле фатени при повеќекратни обиди.

„Не ни е познато дека некоја земја или друго надлежно тело се обидува да ги испразни своите установи за ментално здравје или затворите и центрите за притвор за да испрати луѓе со ментални проблеми или криминалци во САД“, рече, на пример, за „Њујорк Тајмс“ во декември 2023 година Мишел Мителштат, портпаролка на натпартиската истражувачка организација Институт за миграциска политика.

Корените на Доналд Трамп

3. Тврдењето за победата на изборите: „Освоивме јасна победа во сите седум свинг-држави и добивме најмногу гласови на национално ниво“.

Проверка на факти: Вистина.

Трамп на изборите во ноември доби повеќе од 77,3 милиони гласови - повеќе од неговата ривалка Камала Харис (околу 75 милиони). Трамп, исто така, ги освои сите таканаречени „свинг држави“, односно сојузните држави за кои пред изборите се предвидуваше исклучително неизвесна трка меѓу Демократите и Републиканците и кои поради тоа беа важни за изборите.

4. Тврдењето за пожарите во Калифорнија: „Лос Анџелес, каде пожарите од пред неколку недели сè уште трагично горат без трага за отпор“.

Проверка на факти: Ова не е точно.

Бајден на почетокот на јануари го прогласи погодениот регион околу Лос Анџелес за област на катастрофа. Ова ќе им овозможи на заедниците и на преживеаните веднаш да аплицираат за федерални средства за реконструкција. Тој, исто така, најави итна помош од по 770 долари за погодените. За борба против пожарите во Калифорнија беа распоредени речиси 17.000 лица, вклучително и пожарникари од Мексико и Канада.

5. Тврдењето за Панамскиот Канал: „На американските бродови им се наплаќаат многу надуени такси и тие не се третираат праведно на кој било начин, [...] и што е најважно, Кина го води Панамскиот Канал, а ние не ѝ го предадовме на Кина.

Проверка на факти: Неточно.

Со каналот управува панамска управа - не Кина. Државниот орган е обврзан на неутралност и мора да дозволи премин на бродови од сите земји под исти услови. „Кина нема никакво влијание врз нашите операции“, изјави неодамна шефот на агенцијата Рикаурте Васкез Моралес за „Волстрит журнал“.

Панамскиот Канал е еден од најважните водни патишта во светот. Тој ги поврзува Атлантскиот Океан и Пацификот. Каналот долг околу 80 километри започнува во Колон на север и завршува во близина на Панама Сити на југ. Соединетите Американски Држави ја контролираа зоната на каналот до крајот на 1999 година. Вашингтон потоа ѝ ја предаде управата на Панама.

Денес, морската рута годишно ја користат околу 14.000 бродови. Надоместоците се пресметуваат според видот, големината и товарот на бродовите. Цените се сметаат за стандардни на пазарот - поголемите товарни бродови плаќаат неколку стотици илјади американски долари за премин. Во 2023 година, управителот со каналот од такси за премин собра околу 3,3 милијарди долари (3,2 милијарди евра). Приватната компанија од Хонг Конг Hutchison Ports PPC со децении управува со големи контејнерски терминали од двете страни на каналот. Постојат стравувања дека кинеската влада би можела да го прошири своето влијание врз пристаништата и бродските патишта и преку приватни компании.

Автори: Флоријан Гут и Себастијан Фишер, ДПА