1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголема опасност за Европа е Русија, а за светот- Кина

14 јуни 2023

Германската влада ја усвои првата Стратегија за национална безбедност во историјата на земјата. Во неа се наведени различни предизвици и закани. Но, меѓу коалициските партнери има разногласие.

https://p.dw.com/p/4SYtf
Германија кабинет
Владејачката коалиција ја претстави Националната безбедносна стратегијаФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

По многу расправии во владејачката коалиција, Германија доби  Стратегија за национална безбедност - прва досега. Владата на канцеларот Олаф Шолц во средата (14 јуни) усвои документ од 76 страници, во кој се наведени главните ризици за земјата и мерките против нив. 

Идејата е стратегијата да ги вклучи сите надворешни и внатрешни закани за Германија и да се знае кој со што се занимава. Досега, во недостиг на стратегија, се случуваше различни министерства без координација да работат на слични проблеми. 

Најголемата закана за Европа, и за Германија, во моментов е Русија, се наведува во стратегијата. Но и Кина претставува растечка глобална закана поради агресивната политика во Азија и обидите да ја искористи економската моќ за постигнување политички цели. Во документот, Кина се нарекува „партнер, конкурент и системски ривал“.  

Покрај воените закани, во стратегијата се споменуваат и сајбер напади, можни напади на критична инфраструктура, но и климатски промени или пандемии.

„Првата задача на нашата безбедносна политика е да обезбедиме во иднина да живееме во мир и слобода во нашата земја“, се вели во документот што го заклучија владејачките социјалдемократи, зелените и либералите. 

Повеќе пари за војската, посилни национални резерви 

Се наведува, на пример, дека Германија сака да постигне буџет за одбрана од најмалку два отсто од БДП, што е и услов на НАТО. Земјата планира да ги зајакне одбранбените капацитети во областа на дигиталните системи.

Стратегијата планира да ја зајакне европската наменска индустрија и заедничката политика за извоз на оружје.

Инфраструктурата како што се електрични мрежи, водоснабдување, патишта, железници или болници треба да бидат подобро заштитени од можни катастрофи, класични или кибернетски напади.

Планирано е проширување на националните резерви на храна, енергија и лекови, со што ќе се обезбеди функционирање на синџирите на снабдување, дури и во време на криза.

Во однос на прашањето за бегалската криза, се поддржува новата стратегија на ЕУ, која планира да ги задржи барателите на азил со мали шанси за азил и нивна брза депортација.

Во делот на одржливоста, Владата предвидува закони со кои би се ограничиле негативните последици од климатските промени и нова стратегија за биолошка разновидност.

Се вели дека Берлин ќе се заложи за „правно обврзувачки правила за справување со пандемии“ на меѓународната сцена.

Олаф Шолц
Олаф Шолц: Без безбедност, нема слобода, стабилност или благосостојбаФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

Сè уште нема Совет за национална безбедност

Канцеларот Олаф Шолц ја пофали првата Национална безбедносна стратегија. „Без безбедност нема слобода, нема стабилност и нема благосостојба“, рече канцеларот, кој го претстави документот заедно со водечките министри во средата.

Шефот на дипломатијата Аналена Бурбок изјави дека руската агресија врз Украина покажува дека „мирот и слободата не паѓаат од небо“. „Безбедноста во 21 век е повеќе од армијата и дипломатијата“, додаде политичарката на Зелените.

Некои коментатори забележаа дека стратешкиот документ може да остане нејасен и премногу принципиелен, бидејќи е во судир со интересите на трите партии на власт. Со месеци го одложуваа донесувањето на таа стратегија и јавно се расправаа за неа, но и за некои други теми.

Така, Либералите цело време бараат формирање на Совет за национална безбедност што ќе ја координира имплементацијата, но Зелените се против.

Според јавниот сервис ЗДФ, министерката Бербок стравува дека нејзиното министерство ќе го загуби влијанието доколку таков Совет биде под контрола на канцеларот. „Значи се е прашање на моќ“, коментира ЗДФ. Конечно, во документот не се споменува ниту еден Совет.

Се побунија и некои премиери на германските покраини кои не беа консултирани при изработката на стратегијата.

Како и да е, документот конечно стигна. Сега врз основа на тоа би можеле да се изготват други – како на пример нова стратегија за односите со Кина.