Струјата во Германија е скапа - мора ли да биде така?
8 јануари 2025Почетокот на годината е ветровит, ветерниците работат со полна пареа. И беше сончево. Така, според податоците на Институтот за соларни енергетски системи Фраунхофер, производството на електрична енергија од обновливи извори било 125 отсто во однос на потребите. Вишокот производство доведе до драстичен пад на цената на струјата на берзите. Струјата беше дури и бесплатна неколку часа.
Минатата година, обновливите извори покриваа 59 отсто од потребата за електрична енергија, но производството често е многу помало во зима. На пример, на 12 декември 2024 година, само 18 отсто од вкупната електрична енергија потребна за Германија доаѓаше од обновливи извори. Остатокот мораше да биде покриен со термоелектрани на јаглен или гас, како и со увоз на струја. Цената на мегават час на берзата достигна 936 евра, а неговата нормална цена се движи меѓу 60 и 100 евра.
Динамична тарифа
Ваквите ценовни флуктуации не ги чувствуваат приватните потрошувачи, како и фирмите со долгорочни договори. Тие плаќаат фиксна цена за временски период определен со договорот. Но, од почетокот на оваа година дистрибутерите на струја мора да понудат и променливи тарифи. Ова треба да ги поттикне големите потрошувачи, кои на пример полнат електрични автомобили или работат со електрични топлински пумпи, да ја насочат својата потрошувачка во периодот кога електричната енергија е евтина поради зголеменото снабдување.
Сојузниот завод за спречување на формирање картели го постави прашањето дали скокот на цените е секогаш само резултат на намаленото производство од обновливи извори. Доколку таа институција открие дека производителите меѓусебно се договориле за цената, тогаш може да ги казни учесниците во тој договор.
Претседателот на Заводот, Андреас Мунт најави дека ќе се проверуваат големи скокови на цените поради сомневањето дека енергетските концерни не ги приклучиле сите електрани на мрежата, за со намалена понуда да се влијае на поскапување. Мунт вели дека Германија за првпат мора да помине зима со намален број електрани, па може да се очекува нов скок на цените, што можеби е резултат на нормалните пазарни механизми. „Но, само за да бидеме сигурни, ќе го разгледаме формирањето на цените за време на најголемиот пад на понудата“, додаде Мант.
Последици од напуштање на јагленот и атомската енергија
Намалениот број на електрани е резултат на политичката одлука за откажување од производството на електрична енергија од јаглен. Производството на електрична енергија на лигнит лани паднало за осум отсто, а на јаглен за 27 отсто. Од 2015 година уделот на јагленот во вкупното производство на електрична енергија е преполовен. Така, емисијата на штетни гасови е значително намалена.
Покрај тоа, минатата година земјата за прв пат мораше целосно да се откаже од електричната енергија од нуклеарните централи. Последните три нуклеарни централи беа исфрлени од мрежата во 2023 година и во таа година тие сочинуваа шест отсто од вкупното производство на електрична енергија во Германија.
Пазарот на електрична енергија на Европската унија
Во рамките на Европската унија, одделни земји треба енергично да се надополнуваат една со друга. Кога во Германија има многу ветер и сонце, таа извезува енергија, а кога нема такви услови, ја увезува. Германија покрива најголем дел од своите потреби од Франција, која произведува 70 отсто од електричната енергија во нуклеарните централи. На второ место е Данска, а на трето Швајцарија. Сите три земји извезуваа значително повеќе енергија во Германија отколку што увезуваа од неа. И тоа по цените кои се формираат на берзата.
Потрошувачката цена на струјата во Германија е оптоварена и со даноци и давачки, кои сочинуваат 30 отсто од конечниот износ. Во овие расходи влегуваат средства за проширување на електричната мрежа, а една третина се даноци и други обврски.
Во Германија цената е највисока
Според германскиот Сојузен завод за статистика, три или четиричлено семејство минатата година платило околу 40 центи за киловат-час. Во Ирска и Данска платиле 37 центи, во Чешка, Белгија и Италија околу 33 центи. Во Унгарија и Бугарија струјата беше субвенционирана од државата, па потрошувачите плаќаа само десет центи за киловат час.
Во Германија има и субвенции, но за индустријата. Сепак, компаниите кои користат големо количество струја се повеќе се жалат на трошоци кои ја намалуваат нивната конкурентност.
Во 2021 година, индустријата плаќаше 12 центи за киловат-час, но по рускиот напад на Украина, цената скокна на 50 центи. Од јули 2022 година, даночните давачки за компаниите се намалени, па во меѓувреме цената на киловат-час е 17 центи.
Сепак, тоа е значително повеќе од она што најважните конкурентски компании во другите земји го плаќаат за струја. На пример, во 2023 година, германските производители на автомобили плаќаа двојно поскапа цена на електрична енергија во споредба со конкурентските компании во Кина, а дури три пати повеќе од таквите компании во САД.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ѝ предложи на Комисијата на Европската унија да им дозволи на земјите-членки на ЕУ да воведат субвенции за компаниите кои трошат многу енергија или произведуваат батерии.
Демохристијаните на чело со кандидатот за канцелар Фридрих Мерц бараат да се намалат на половина трошоците и давачките кои ја зголемуваат цената на струјата и да се намали данокот на потрошувачката на струја за оние компании кои зависат од интензивна потрошувачка. Но, не е јасно како сето ова би се финансирало. Сепак, сигурно е дека дополнителната изградба на обновливи извори на енергија, енергетски мрежи и капацитет за складирање енергија со години ќе донесува зголемени трошоци.