1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судан: „Катастрофата беше предвидлива“

Андреас Нол
18 април 2023

Судирите меѓу суданската редовна армија и паравоената милиција на РСФ траат од саботата. Нивниот исход не може да се предвиди, истакнува Марина Петер, претседавач на Суданскиот форум.

https://p.dw.com/p/4QCHa
Чад се крева над главниот град на Судан по експлозиите во судирите меѓу суданските вооружени сили и парамилицијата РСФ
Чад се крева над главниот град на Судан по експлозиите во судирите меѓу суданските вооружени сили и парамилицијата РСФФотографија: Mahmoud Hjaj/AA/picture alliance

Марина Петер е претседателка на Суданскиот форум и се занимава со настани во регионот повеќе од 30 години.
 

ДВ: Г-ѓа Питер, зошто, според вас, токму сега ескалираше борбата за власт меѓу паравоените формации на РСФ и суданската армија?

Марина Петер: Крајната причина е секако прашањето: дали конечно повторно ќе има влада составена од воени и цивилни сили? За тоа прашање имаше и соодветен договор од ноември минатата година, кој го предвидуваше тоа за декември. Но, тој чекор повторно и повторно се одложуваше. Тоа е крајната причина. Бидејќи една точка од договорот е целосна интеграција на паравоените трупи во редовите на суданската армија.

Членовите на РСФ (Силите за брза поддршка) беа особено озлогласени во Дарфур, каде извршија бројни убиства на почетокот на 2000-тите. Овие милиции на крајот станаа полуавтономен дел од суданските воени сили и сега треба целосно да се интегрираат во нив.

Но,борбата за власт практично тлееше и се очекува од 2019 година - од соборувањето на диктаторот Омар ал-Башир.

Актуелниот командант на суданските вооружени сили, генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, тогаш беше назначен за претседател на Советот, а негов заменик беше шефот на РСФ, Хамдан Дагло (наречен Хемети). И двајцата се посвоени синови на поранешниот диктатор Ал Башир - значи потекнуваат од исламистичко опкружување. Хемети станува сè попопуларен на Запад, бидејќи се погрижил мигрантите, кои се обидувале да се пробијат низ суданската пустина до Либија, делумно да бидат фатени и на тој начин спречени да го продолжат патот кон Европа.

Беше јасно дека еден од двајцата ќе ја бара највисоката лидерска позиција за себе. За нас, кои ја набљудувавме ситуацијата, а особено за самите жители на Судан, веќе не беше прашањето дали ќе има борба за власт, туку едноставно кога. Катастрофата беше предвидлива.

Колку е силна РСФ во Судан?

Припадниците на РСФ се многу добро вооружени. Тие со години служат како платенички сили и во Либија и во Јемен. Војниците имаат и многу силни врски со Русија. Хемети е еден од најбогатите луѓе во Судан. РСФ добиваше големи суми пари главно преку експлоатација на злато во Дарфур и други делови од земјата. Голем дел од тоа злато заврши во Русија, која инаку е голем пријател и дава голема поддршка на РСФ.

Марина Петер, експертка за Судан
Марина Петер, експертка за СуданФотографија: Hermann Bredehorst/Brot für die Welt

Но, и за Бурхан не може да се каже дека е сиромашен. И двете армии профитираа од економските можности. Хемети е толку богат што со пари си купил многу наклонетост. Меѓу другото, тој е оној кој ги донесе трупите на Вагнер во земјата, коишто ги знаеме од украинската војна. Се плашиме дека Русите можеби му пренесуваат разузнавачки информации на Хемети.

Дали претпоставувате дека РСФ на крајот ќе победи во борбата за власт?

Тоа во моментов не може да се каже. Суданската армија е добро вооружена и опремена. Ги контролира воздухопловните сили, кои сега учествуваа во конфликтите. Ова е особено трагично бидејќи многу војници на РСФ се наоѓаат во густо населени области.

Не мислам дека РСФ ќе победи така лесно - напротив. Но, лесно може да се случи тие да формираат прстен околу Картум. И, во секој случај, тие имаат безбедно засолниште во Дарфур, каде што речиси непрекинато се борат последните месеци.

Конфликтите во моментов траат во источен Судан, каде има и многу незадоволни луѓе. Во овој момент не може да се предвиди исходот. И Бурхан има сојузници - моментално, на пример, има многу силна поддршка од Египет.

Целосната интеграција на РСФ во армијата би била предуслов за цивилите да можат повторно да учествуваат во владата. Дали тој пат, според вас, е блокиран на подолг временски период од оваа ескалација?

За жал, тоа е она што загрижува. Ние на Запад брзо веруваме дека војниците преку ноќ можат да се претворат во демократи. Тоа веќе не функционираше во Јужен Судан, кој се отцепи во 2011 година. Истото се случи и во Еритреја. Нема да функционира ниту во Судан. Воените лидери, колку и да се претставуваат како некој кој наеднаш ја открил демократијата, тие најави ги користат само како камуфлажа. Хемети во изминатите неколку месеци особено се обиде да придобие дел од населението осудувајќи го воениот удар. Секако, се изјасни за демократија, како што кажа и самиот. Но, на крајот сето тоа се кажува само за да се добие подобра стартна позиција во борбата за власт.

Арапската лига побара итен состанок. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побара итен прекин на насилството. Какви се можностите за влијание од странство?

Големата потешкотија е што други земји порано успеаја да постигнат големо влијание. Египет во Судан најмногу би сакал да види влада споредлива со онаа во Каиро. Таму исто така нема демократска влада.

Саудиска Арабија во голема мера придонесе за конфликтот во Судан, како и Русија и Еритреја. Односите со Етиопија се такви што таа постои поддрѓка само за едната едната страна во борбата за власт. Ниту една од овие земји нема вистински интерес за воспоставување демократска влада.

Обид за атентат врз премиерот на Судан

За жал, во моментов сме сведоци на своевидна повторна поделба на Африка со проширување на зоните на влијание и нова „студена војна“. Гутереш предолго молчи. Секогаш се прашувавме: каде се Обединетите нации? На крајот на краиштата, не постои силен маж или жена што навистина се залагаа за дипломатија во последните неколку месеци, кога ескалацијата беше предвидлива.

Ова уште еднаш ја покажува беспомошноста на меѓународната заедница во справувањето со вакви ситуации. Добро е што сега зборуваат нејзините претставници. Но, тие требаше да се изјаснат многу порано и да извршат притисок многу порано.

Светската програма за храна најави дека ќе ги прекине своите активности во Судан бидејќи се убиени и членови на ОН. Што значи ова за цивилното население?

Судан и онака е една од најсиромашните земји во светот. Има богати елити, но мнозинството од населението е многу, многу сиромашно, живее под прагот на сиромаштија. Особено во Дарфур, каде што работата на организацијата сега е прекината, поради убиството на нејзините соработници, луѓето со години се хранат благодарение на помошта однадвор.

Сè уште немаме начин да предвидиме колку долго ќе траат конфликтите. Покрај катастрофите кои веќе се случуваат во Судан, ова уште повеќе ја отежнува ситуацијата.