Обид за воен преврат во Судан
25 октомври 2021Воените сили во Судан рано утрината ги опколиле домовите на бројни членови на преодната цивилна влада во земјата, влегле во нивните куќи и ги уапсиле, јавуваат светските новински агенции. Интернетот во Картум, главниот град на Судан, изгледа е во прекин, наведува агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на очевидци.
Меѓу уапсените е и суданскиот премиер Абдала Хамдок кој бил преместен на непозната локација откако одбил да даде изјава за поддршка на воениот удар, кој е во тек, соопшти министерството за информации на Судан. Вооружените лица претходно го држеле Хамдок во домашен притвор притискајќи го да даде изјава за поддршка. Министерството уште наведе дека Хамдок го повикал суданскиот народ мирно да се спротивстави на обидот за државен удар и да ја „одбрани својата револуција“.
Според извештаите на локалните медиуми воените сили уапсиле уште четворица министри, еден цивилен член на владеачкиот Суверен совет и неколку гувернери на држави и шефови на политички партии.
Судан е на работ на граѓанска војна по неуспешниот државен удар од минатиот месец, кој повторно ги започна обвинувањата меѓу војската и цивилните групи кои требаше да ја поделат власта по симнувањето на поранешниот лидер Омар ал- Башир во 2019 година.
Башир беше симнат од власт и затворен по повеќемесечните улични протести, а политичката транзиција договорена по неговото симнување требаше да доведе до одржување на избори до крајот на 2023 година.
Како тензиите ескалираа месецов, коалицијата на бунтовничките групи и политички партии се придружија на војската, а симпатизерите на војската организираа една акција пред претседателската палата повикувајќи на распуштање на цивилната влада.
Истовремено, неколку министри во владата минатата недела учествуваа во големите протести организирани во неколку делови на Картум и во други градови против можното воено преземање на власта.