Светот ја поздрави Новата 2024 година
1 јануари 2024Луѓето на коралскиот остров Киритимати први ѝ посакаа добредојде на Новата година. Околу 7.300 жители на островот во 2024 година влегоа уште вчера во 11 часот по средноевропско време. Еден час подоцна доаѓањето на новата година го прослави Нов Зеланд.
Вчера, во 14 часот по средноевропско време, мега светлосно шоу го осветли небото кај Операта во Сиднеј, Австралија. Според организаторите, само во пристанишниот кварт биле испалени повеќе од 13.500 пиротехнички средства, со различни специјални ефекти. Покрај тоа, за првпат имаше светлосни проекции генерирани од вештачката интелигенција - кои не предизвикуваат ниту загадување на воздухот ниту бучава. Околу милион луѓе го следеа во живо спектаклот во австралиската метропола, вклучително и посетители од Германија и други европски земји. Стотици милиони луѓе, пак, тоа го следеа на екраните ширум светот.
Во Јапонија ѕвоната во храмовите ѕвонеа низ целата земја додека луѓето се собираа во светилиштата и храмовите за да ја пречекаат Новата година. Во храмот Цукиџи во Токио, на посетителите им се делеа бесплатно топло млеко и супа од пченка додека чекаа во ред за да заѕвонат на големото ѕвоно.
Светлосни спектакли во многу градови
Гигантски светлосни спектакли имаше во многу азиски градови.
Впечатливи слики од прослави се очекуваат и од Дубаи, Париз, Лондон, Рио де Жанеиро и Њујорк.
Американска Самоа ќе биде последната земја што ќе влезе во 2024 година, цели 12 часа по Германија, а во 13 часот по средноевропско време следуваат уште само два ненаселени острова.
Без програма на Црвениот плоштад
Како што беше случај минатата година, новогодишните прослави во Русија не беа големи, или беа целосно откажани. Во Москва беше откажана вообичаената програма со огномет и концерт на Црвениот плоштад. Во Владивосток и други градови, исто така, немаше огномет.
Јубилеј за Биг Бен
Еден час по Германија, Новата година ја пречекаа луѓето во Лондон, каде имаше посебна годишнина. Британскиот главен град влезе во 2024 година со ѕвонот на Биг Бен и спектакуларен огномет кај панорамското тркало Лондон Ај. Пред 100 години, Би-Би-Си првпат во живо го емитуваше ѕвонењето на ѕвоната на Биг Бен на дочекот на новата година. Дотогаш, типичниот звук можеше да се слушне само за луѓето во непосредна близина на лондонскиот кварт Вестминстер.
Севкупно, потребни се 26 часа за целата земјина топка да влезе во новата година.