1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светска банка предлага да се зголеми ДДВ од 18 на 19%

ДТЗ
13 декември 2024

Македонија се соочува со повисоки фискални дефицити од земјите од Западен Балкан. Потребни се големи напори за да се осигури дека земјата ќе остане на патот кон приближувањето до ЕУ, порачаа од Светска банка.

https://p.dw.com/p/4o6cX
Светска банка
Светска банка предлага да се зголеми ДДВ од 18 на 19%Фотографија: ANDREW CABALLERO-REYNOLDS/AFP

Светска банка предлага зголемување на ДДВ од 18 на 19 проценти и елиминирање на преференцијални стапки за оние производи и услуги кои не се неопходни, како една од мерките за зголемување на даночните приходи за да се обезбеди консолидација и фискален простор. Според експертите на Светска банка, Северна Македонија може да се справи со растечкиот долг и да обезбеди макроекономска стабилност со подобрување на фискалната состојба преку зајакнување на буџетската дисциплина, подобрување на ефикасноста на јавните расходи и подобрување на наплатата на даноците.

Во најновиот извештај „Преглед на јавните финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и поттикнување на отпорноста“, се наведува дека најновата стратегија со која фискалната нерамнотежа требаше да се намали со економскиот раст, не донесе задоволителни резултати.

„Во последната деценија, земјата се соочува со повисоки фискални дефицити од споредбените земји од Западен Балкан, со ниво на долгот што надминува 62 проценти од нејзиниот бруто домашен производ (БДП). Оттаму, потребни се поголеми напори за да се осигури дека Северна Македонија ќе остане на патот кон приближувањето до Европската Унија (ЕУ)“, порачаа од Светска банка. 

Предлог за зголемување на ДДВ неодамна дојде и од страна на бизнис секторот, но директорката на УЈП, Елена Петрова вели дека во моментот не се размислува за тоа. 

Постепено да се зголеми возраста за пензионирање 

Светската банка предлага и постепено зголемување и изедначување на возраста за пензионирање на мажите и жените во Северна Македонија и постепено зголемување на стапката на придонесот. По полемиките коишто се отворија во јавноста дали треба да се зголеми старосната граница за пензионирање на мажите и жените на 67 години, со цел да се закрпи финансиската дупка во ПИОМ и да се спаси буџетот, Светската банка укажува дека земјата и понатаму има пензиски дефицит и без реформа тој уште повеќе би се зголемил.

„За справување со овие предизвици се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што се повеќе старее. Тие опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите (тн Швајцарски модел) и враќање на претходното индексирање согласно индексот на цени на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот“, се наведува во извештајот.

Светска банка предлага комбиниран пакет што ќе ги интегрира сите три политики, а кој би можел да донесе поизбалансирани исходи и да го спречи понатамошното зголемување на пензиските расходи и дефицити.

Како да се санираат дупките во ПИОМ?

Фискалниот совет, државна институција основана од Собранието, неодамна предложи зголемување на старосната граница за пензионирање и за мажите и за жените на 67 години од 2026 година.Исто така беше предложено намалување на дефицитот во ПИОМ, преку зголемување на границата за пензионирање на мажите и жените на 67 години, како и зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 0,7 процентни поени во 2026 година, а потоа доколку состојбите се влошени и во 2027 година, да се зголеми на 21%.

Ваквите предлози не наидоа на поддршка кај партиите.Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека пензискиот столб е стабилен и дека не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање.

пензионери
Светска банка препорачува постепено зголемување на возраста за пензионирањеФотографија: Sebastian Kahnert/dpa ZB/picture alliance

Дијагноза има - потребна е терапија

Претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, вели дека проекции се прават од сите страни, но клучно е дека постои свесност дека недостасуваат средства во Пензискиот фонд и дека е потребно да се изнајде решение за санирање на дупките во фондот.

„Ние имаме дијагноза и дијагнозата е заедничка. Постои консензус, а тоа е дека има недостаток на  средства. Останува да се утврди терапија, за којашто се дискутира“, изјави Бишев. 

Доколку не се изнајде решение, според него, тогаш Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на долг рок ќе мора да се финансира од буџетот. „За  2025 и 2026 година тој процент достигнува 37-38 проценти од вкупните исплати за пензии и тоа не е нешто што не е вообичаено, меѓутоа ние укажуваме дека тој обем претставува сега товар и за самиот буџет. Тие се големи средства и заради одржливост на буџетот ќе треба да се најдат соодветни приходи во рамките на буџетот, бидејќи и средствата во буџетот имаат одредени намени“, вели Бишев. 

Исплатите за пензии коишто учествуваа со 8,8 проценти од БДП оваа година достигнуваат околу 10,3 проценти од БДП, а со најавеното зголемување во 2026 година ќе бидат до 11,5 проценти од БДП.  „За да се зголеми учеството на пензиите во БДП треба нешто друго да се намали - дали е тоа лична потрошувачка, дали е инвестиции, дали се плати. Ние тоа го укажавме и сега останува да се дефинираат соодветни политики. Една од политиките е тоа учество на долг рок да остане со тој процент“, додава Бишев.