1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МНР: Македонско семејство евакуирано од Газа

ДТЗ
3 ноември 2023

Во Газа има уште двајца македонски граѓани. Нивната евакуација зависи од околностите на терен, информираат од МНР.

https://p.dw.com/p/4YMYy
Газа евакуација
Пограничните власти на Газа објавија список со 600 странски државјани на кои ќе им биде дозволено да ја напуштат Газа, меѓу кои беа и македонските државјаниФотографија: IBRAHEEM ABU MUSTAFA/REUTERS

Татко и две деца од Северна Македонија, по неколкунеделни напори се евакуирани од Појасот Газа и се на пат кон дома. Министерството за надворешни работи информираше дека тие безбедно ја напуштиле Газа и во придружба на вршителот на работи во македонската Амбасада во Каиро, Елма Алторок, се упатиле кон египетскиот главен град, од каде ќе го продолжат патувањето кон дома. 

Со нив, преку Рафах е евакуирана и мајката на децата, која има палестинска патна исправа. Во Газа има уште двајца македонски граѓани. Овaa брачна двојка, исто така е вклучена во официјалните листи за евакуација. 

„Нивното напуштање на Газа зависи од околностите на терен, односно безбедносната проценка кој дел од Газа е најпогоден, а со тоа и потребата за итна евакуација на странските државјани“, велат од МНР.

Газа
Во Газа има уште двајца македонски граѓани. Нивната евакуација зависи од околностите на терен, информираат од МНР.Фотографија: Atia Darwish/APA/Zuma/dpa/picture alliance

Се чека евакуација на брачна двојка

Министерството за надворешни работи преку својата дипломатска мрежа во Каиро и Тел Авив останува во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел, како и со македонските државјани до завршување на нивното целосно евакуирање.

Пограничните власти на Газа објавија список со околу 600 странски државјани и лица со двојно државјанство од повеќе земји на кои ќе им биде дозволено да ја напуштат Газа, меѓу кои беа и македонските државјани. Преминот Рафах беше отворен по повеќе од три недели целосна блокада, со што се отвори можност за евакуација на бројни граѓани коишто останаа заглавени во Газа.

Во првата група имаше околу 400 лица со странски пасоши кои ја напуштија Газа откако беше постигнат договор за отворање на граничниот премин.

Изминатиот период десетици македонски граѓани беа евакуирани од кризните региони во Израел, од кои дел со чартер лет на 13 октомври се вратија дома, по ескалацијата на ситуацијата во Појасот Газа и постојаните ракетни напади. Дел од македонските државјани, сепак, се одлучија да останат во Тел Авив.