1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Таткото на убиената Вања: Сакам само да има разрешница

ДТЗ
13 март 2024

Врховниот суд одлучи Александар Ѓорчевски да остане во притвор, иако одбраната на јавна седница побара поблага мерка, Обвинителството стравува од бегство

https://p.dw.com/p/4dTEy
приведени убиство Вања Ѓорчевска
Врховниот суд расправаше за притворот на Александар Ѓорчевски. Одбраната бара поблага мерка, Обвинителството стравува од бегствоФотографија: Arbnora Memeti/DW

„Поделен сум на два света - едното дете ми се наоѓа тука, другото ми го одземаа. Не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешница од оваа ситуација, важно ми е да дојде до разрешница, за да можам и јас да донесам одлука како возрасен човек дали ќе продолжам на овој свет или ќе се придружам на постарата ќерка“. Со овие зборови Александар Ѓорчевски, татко на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска од Скопје се обрати на денешната јавна седница во Врховниот суд кој расправаше по жалбата за неговиот притвор.

Жалбата следуваше по одлуката на Апелациониот суд да му ја продолжи мерката притвор до 3 април 2024 година поради „грабнување“. Врховниот суд денеска ја потврди одлуката на Апелација, со што таткото на убиеното девојче останува во притвор.

Одбраната бараше поблаги мерки 

Ѓорчевски е во истражниот затвор Скопје од 4 декември, откако беше приведен и осомничен дека споделувал податоци со киднаперите и убијците на неговата ќерка. Одбраната тврдеше дека автоматското продолжување на притворот е спротивно на законот. Обвинителството, пак, стои на ставот дека во оваа фаза постои основано сомнение дека обвинетиот го сторил кривичното дело. 

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на обвинетиот Александар Ѓорчевски, рече не им е приложен ниту еден доказ или индиција од кој може да се заклучи дека постои минималниот стандард за продолжување на мерката притвор. 

Вања Ѓорчевска
Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември, по што беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември.Фотографија: Nordmazedonien Innenministerium

Одбраната тврдеше и дека обвинетиот не може да влијае врз сведоците, бидејќи сите веќе биле сослушани. Тие исто така наведуваат и дека таткото на Вања во  притворот бил подложен на тортура на начин што повеќе пати бил испитувани од лица кои се претставувале како полициски службеници, односно бил под притисок да го признае делото кое му се става на товар. Поради тоа побараа укинување на притворот и изрекување на поблаги мерки.  

Обвинителството стравува од бегство 

Но, според обвинителката Наталија Тасевска, ако обвинетиот е на слобода ќе постои висок степен на веројатност дека ќе се даде во бегство. Според неа, во оваа фаза на постапката, кога сѐ уште се преземаат истражни дејствија, постои можност обвинетиот да влијае на сведоците со дел да овозможи подобра позиција, односно да истите во текот на понатамошна постапка да ги променат исказите.

Љупчо Палевски
За убиството првообвинет е Љупчо Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од ТурцијаФотографија: DW

Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември, по што беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември. Нејзиното пронаоѓање откри уште едно убиство - во близина на Велес беше пронајден 74- годиниот велешанец Панче Жежовски. Според истрагата,  двата случаи се поврзани.

За двете убиства, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љупчо Палевски Палчо, за кого се чека екстрадиција од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Судот го укина притворот на Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството. На Димовски му се определени мерки на претпазливост - забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.