1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три сценарија за иднината на Македонија

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
27 јуни 2023

Уште ништо не се знае, освен како и секогаш низ историјата на Македонија, дека мачно и со неизвесност ќе се одвиваат работите. Направете си ваше сценарио, само припазете, може да ви се оствари. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4T62E
Ерол Ризаов
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Изразот „летна шема“ во новинарството во едни минати, поспокојни времиња, означуваше полесни и поинтересни четива во летните месеци и годишните одмори. Повеќе забава и занимливости, репортажи од туристички центри, специјални прилози со крстозбори, хумор, спортски подвизи, интервјуа со естрадни ѕвезди- беа главните теми. Формиравме летни редакции во нашите туристички места каде културните настани, плажите и фотографиите зафаќаа најголем простор на насловните страници и ударни термини. 

Искусните уредници тврдеа дека најчитани информации и најпривлечни фотографии на најголемите летни горештини не се само од плажите, туку од другиот крај на светот, од некој скијачки центар каде луѓето скијаат и уживаат на снегот. За време на зимата при најниските температури и високи снежни наноси објавуваа фотографии од плажите на Австралија, Јужна Америка и Африка. Се сеќавам на една августовска фотографија во еден од тогашните весници, како на скопскиот асфалт за пет минути се испржило јајце на око. Температурата директно на сонце изнесувала над 50 степени. Приказните и сведоштвата за средби со вонземјани и снимки на неидентификувани летечки објекти беа топ тема за поголеми тиражи, слушаност и гледаност. Често помислувам како навистина не дојдат од вселената добронамерни гости од некоја моќна цивилизција да го средат овој лажен свет да биде поправеден. И се разбира, да ја спасат Македонија, кога веќе и Господ одамна не` заобиколува и не ни е наклонет за негова божја правда. Мора негде многу да грешиме штом ни вонземјани ни Господ не ни помага. 

Ете така се одвиваа летните шеми во медиумите пред речиси половина век. Тоа беше еден вид годишноодморско релаксирање по тешките теми и вечни проблеми. Сега, што да ви кажам, кога и самите гледате, сите четири сезони „катр сезон“, сѐ е исто. Тотален медиумски пресинг, жестоко  насилие по сите човечки сетила. Главни уредници кои ја диктираат вечната најчитана  тема пролет - лето, есен – зима се нашите политичари. Иако според анкетите во кои најточен е податокот дека најголемото мнозинство граѓани ништо не им верува, и ние потпаднавме во таа дупка и вергламе ли вергламе како црногорските гуслари една те иста тема. 

Кога ќе паднеш во дупка престани да копаш

Англичаните велат, кога ќе паднеш во дупка прво што треба да направиш е да престанеш да копаш. Колку повеќе копаш, толку подлабоко пропаѓаш. Ние упорно копаме и пропаѓаме се` подлабоко. Пишуваме како на мраз изложен на сонце се` еден ист текст. Само што си го објавил, се стопил и не останало ништо од него. Па ајде повторно истиот текст во милион варијанти.

И се` така со години ја шириме вековната македонска трагична приказна за патриотите и предавниците, за изгубениот идентитет и „откорнатиот јазик", за името и за повеќе пати сменетото презиме. Пишуваме со многу емоции и малку знаење за историското минато и за неизвесната иднина, за катастрофалната сегашност, за бугаризација и асимилација, за уставни промени, за Бугари во Уставот. Ги плашиме луѓето како мајките децата пред нашата ера со  Ханибал пред вратите на Рим. Вергламе напразно за предвремени и навремени избори, кој повеќе краде, кој суди, а кој пресудува...  

Може ли на толку сериозна тема како што е малата провокација од насловот на текстот да одговориме по една „летна шема“, да не биде пак со некакви силни аргументи бидејќи после се` што е напишано, излажано и докажано како вистина, испаѓа работата - што повеќе аргументи, тоа полошо по аргументите. Заедничко за трите летни сценерија е дека уставни измени секако ќе има. Бугарите сто насто влегуваат во Уставот, само уште не се знае за време на која влада тоа ќе се случи, на СДСМ и партнерите, или на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Првиот случај е врапче во рака, а вториот славеј на гранка. 

Малку за смеење, малку за плачење 

Еве ги трите мои сценарија по „летна шема“: малку за смеење, малку за плачење.

Прво сценарио, најдобро, но најмалку веројатно, освен ако некој силно не` притисне со предлози кои не можат да се одбијат. Тоа значи изгласани уставни измени во Собранието со над 80 гласа, најдобро едногласно, од пратеници членови на сите параламентарни, политички партии. Бугарите заедно со Хрватите, Црногорците, Евреите и Египјаните влегуваат во Уставот каде стануваат вкупно 12 делови од (не) среќни народи кои живеат во Македонија.

На истата седница едногласно е изгласан датумот за предвремени парламентарни избори. Но, сепак најважно и најдобро што по тоа оптимистичко сценарио, лидерите на релевантните парламентарни политички партии постигнуваат консензус да не прават пречки и блокади на сите реформски зафати кои произлегуваат од преговорите со ЕУ, без оглед кој е на власт, а кој во опозиција. Конечно, преовладува сознанието дека во преговорите, односно во успешноста на реформите се сите решенија кои се најважни за иднината на Македонија. Наредните десетина години успешноста на политичкиот меѓупартиски натпревар на изборите ќе се мери по брзината и квалитетот  на спроведување на реформите кои водат кон членство во ЕУ.

Тука малку застанете, направете кратка пауза и воздржете се, веќе кажав дека првото сценарио е најдобро, ама најневеројатно. Освен ако стасаат навреме предлозите што не можат да се одбијат.

Второто сценарио, полошо, но звучи малку поверојатно. Уставните измени не се изгласани. Половина Македонија се радува, половина тагува. Преговорите со ЕУ се замрзнати. Меѓупартиските кавги и обвинувања, кој е виновен за тоа,  стануваат пожестоки. 

Изборите ќе се одржат во редовниот термин. Победникот на изборите нема мнозинство да формира влада, како и на изборите 2016 година. И во наредните четири до осум години, некаде од  2024 до 2032 година, се повторува истата приказна дека нема двотретинско мнозинство за уставни промени. Европа и Америка се преокупирани со членството на Украина и на Молдавија во ЕУ. Македонците ја обвинуваат Америка и ЕУ што заборавиле на неа и што и` е нанесена пак голема историска неправда. 

Патриотите ќе бараат заедница на македонски општини

Во тој случај патриотите одлучно ќе  бараат заедница на македонските општини за заштита на  македонското малцинство во Македонија. Ќе ни ветуваат дека тоа ќе биде овозможено под одредени услови кои опозициската, веќе реформирана патриотска СДСМ и партнерите не ги прифаќаат.

Третото сценарио најлошо, но и најверојатно. Уставните измени не се изгласани. Владата поднесува оставка. Собранието се распушта. Се оди на предвремени парламентарни избори.ВМРО ДПМНЕ победува на изборите и веднаш бара Бугарите експресно да влезат во  Уставот и да продолжат преговорите со ЕУ.

Се соопштува на јавноста убаво спакувана лага дека е направен голем исчекор и дека Бугарија попуштила и го признала македонскиот јазик, но покрај словенското потекло на двата братски јазика, македонскиот има и бугарско потекло, но тоа нема да го засегнува литературниот македонски јазик. Новата непристојна понуда е многу полоша од ова што веќе го имаме.

СДСМ е категорично против уставните измени поради новите, понеповолни условувања од Бугарија и од Брисел. Власта нема двотретинско мнозинство во Собранието. 

Се апсат неколку големи „предавници“ кои го попречуваат членството на Македонија во ЕУ со обвинение за корупција и организиран криминал, неплатени даноци... Опозициските пратеници на ДУИ, заедно со ВМРО ДПМНЕ и албанските партии на власт ги изгласуваат уставните промени. Брисел 2030 година објавува дека по приемот на Украина и Молдавија во ЕУ, процесот на проширување се запира наредните 20 години.

Во таа чест и голема победа премиерот Христијан Мицкоски заедно со претседателот на државата, поранешен претседател на МАНУ прогласуваат општа амнестија на сите политички затвореници со извинување за нивните страдања за време на режимот на СДСМ и на ДУИ.

-Зошто ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не можат ништо да договорат

Македонија конечно е своја на своето. Вратени  се достоинството и сите идентитетски посебности. Вратен е и Никола Груевски од самопрогонство, пречекан на скопскиот аеродром  од илјадници граѓани со зурли и тапани, со леб и сол, со бакнување на земјата и солзи радосници. Се` друго ќе биде исто како за време на златната ера на „груевизмот“. Пак ќе бидеме  светски прваци за бизнис клима. 

Не се вознемирувајте, не земајте при срце, ова е по урнекот на застарена летна шема. Уште ништо не се знае, освен дека како и секогаш низ историјата на Македонија, мачно и со неизвесност ќе се одвиваат работите. Направете си ваше сценарио, само припазете може да ви се оствари. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи