1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не можат ништо да договорат

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
16 мај 2023

Колку е тежок компромисот за уставни промени и за предвремени избори ако бескомпромисноста не е херојство и највисок стадиум на патриотизмот? Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4RO1K
Ерол Ризаов
Ерол РизаовФотографија: privat

Двете најголеми македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по прогласување на независноста не можат да донесат ниту една одлука од стратегиски интерес за државата. Освен по првите години од повеќепартискиот парламентарен систем, кога се направени неколку заеднички исчекори, кои одамна се заборавени, раководствата на двете партии се во постојана политичка војна која направи пустош во свеста на повеќе генерации граѓани.

Повеќепартизмот во Македонија е претворен во систем на владеење кој се одржува со погубната доктрина на омраза, делби и блокади. Граѓаните на Македонија, по големите политички промени, сѐ уште не се соочија со вистинска парламентарна демократија. Ненормалното функционирање на општественото уредување стана нормално во перцепцијата на јавноста, која во најголем дел е втурната во политичката пресметка диригирана од партиските раководства и партизираните медиуми. Кризата на лидерството е длабока и повеќегодишна.

Големите тектонски промени кај нас не исфрлаат во политичкиот врв државници што е вообичаена историска закономерност во вакви настани, бидејќи лидерството не се гради на визионерство, туку на националистичка платформа затскриена зад лажен патриотизам и практикувана со примитивен популизам како единствено мерило за заштита на постојано загрозените национални интереси од внатрешни и надворешни непријатели. Теориите на заговори се најомилената и најприфатливата „вистина“ за заканите од сите страни кои сакаат да ја уништат Македонија.

Преамбулата ќе ни пукне на парампарчиња од среќа

Придобивањето на гласачите е сведено на постојана повеќедецениска кампања и на класичен клиентелизам. Резултатот по цели три децении независност е деградиран и карикатурален општествено политички систем кој ги изгуби сите атрибути на современа парламентарна демократија, каде политичкиот натпревар се сведува главно на предавници и патриоти, чии корени потекнуваат од крајот на 19 и почетокот на 20 век и кои успешно се одржуваат и во третата декада од 21 век.

Тоа е амбиентот во кој живееме повеќе од три децении. Дури и секој редок успешен чекор напред, направен макотрпно, со невидена леснотија се претвора во катастрофален пораз.

Македонија повторно, по којзнае кој пат, е на раскрсница иднината да не ни биде судбина, туку самите да ја одредиме, но проклетството на делбите и примитивизмот кои секој компромис го претвораат во предавство на националните интереси е најсилната блокада која самите си ја поставуваме како спасоносно решение. А, што спасуваме со блокади? Ништо. Такви горчливи искуства имаме од сите досега пресудни испуштени историски шанси.

На добар пат сме да го уништиме и тоа што е постигнато, за потоа да мудруваме во потрагата по виновници и да ламентираме што ќе беше ако беше. Како на пример, што ќе биде со Македонија ако Бугарите влезат во Уставот. Се разбира, и Бугарите ќе бидат толку многу среќни и несреќни колку и сите останати од големите привилегии што ги дава Уставот ни, „мајката на сите закони“, кои се почитуваат колку алваџиски тефтер. Преамбулата ќе ни пукне на парампарчиња од пренатрупаноста на конститутивни народи додека конечно, во некоја среќна иднина, не го донесеме првиот граѓански устав во кој сите сме еднакви. За тоа ќе попричекаме додека Вардар стане пловен до Егејското и до Црното Море, една од големите предизборни лаги која ни ја разгоруваше фантазијата.

Со Македонија досега владееле вонземјани

Кога ги слушаме нашите политички лидери на најголемите партии по ститина пати на ден човек добива претстава како со независна Македонија да владееле вонземјани. Како тие две најголеми партии со своите коалициски партнери да не управувале со државата речиси подеданков број години на власт и во опозиција. ВМРО-ДПМНЕ - 15 години, исто колку и СДСМ, и година и пол првата експертска влада, повторно составена со личности претежно од овие две партии. Само ДУИ е со стаж од 20 години како партнер на паднатите од Марс. Ете, тоа е веројатно најголемата причина зошто ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не можат да се договорат за ниту едно прашање.

Колку е тежок компромисот за уставни промени и за предвремени избори ако бескомпромисноста не е херојство и највисок стадиум на патриотизмот? Колку е погубно за Македонија ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се договорат за двете работи, што ќе означи продолжување на преговорите со ЕУ и за предвремени избори? Едногласна одлука во Собранието да се прифати Бугарите да влезат во Уставот до крајот на годината, а потоа по кус период од неколку месеци да се одржат предвремените избори. Што ќе загубат од една таква одлука? Да, по нешто ќе загубат, но затоа Македонија ќе добие многу.

ВМРО-ДПМНЕ за првпат ќе даде конкретен придонес во евроатланските интеграции на државата и нема да биде на мака ако дојде на власт да се најде во иста позиција како СДСМ - да бара поддршка за уставните измени против кои жестоко проповеда само додека е во опозиција. СДСМ пак нема да загуби ништо ако го сподели успехот по членството во НАТО и со почетокот на преговорите. Од тој ден, за сите политички партии во Македонија во следните десетина години, за сите влади, државни институции, деловни и интелектуални елити почнува последната најтешка етапа од која нема враќање, а тоа се реформите за полноправно членство во европското семејство.

Ќе кажете дека ова е утопистичко гледање ако сакате и фантазирање на еден старомоден весникар. Ако нешто ви значи ќе бидете целосно во право. Се разбира, секогаш на Европа можеме да ѝ кажеме НЕ, ако имаме подобро решение. А, имаме ли?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема