Стотици милиони тони урнатини по земјотресот во Турција
3 март 2023По најсмртоносниот земјотрес во својата понова историја, Турција се соочува со застрашувачка задача за отстранување на стотици милиони тони урнатини, од кои дел се сметаат за опасни.
По земјотресот и последователните потреси на 6 февруари најмалку 156.000 згради или целосно урнати или оштетени до точка каде што е неопходно нивно уривање, соопштија турските власти. Програмата за развој на ОН (УНДП) вели дека 116-210 милиони тони урнатини по земјотресот се еквивалентни на површина од 100 квадратни километри (40 квадратни милји), ако се наредат во висина од 1 метар. Тоа е отприлика колку Барселона.
Турскиот претседател Таип Ердоган, кој се соочува со избори кои најверојатно ќе се одржат на 14 мај, вети дека ќе ги обнови домовите за една година, иако експертите предупредија дека безбедноста треба да биде пред брзината. Официјален претставник рече дека тендерите и договорите веќе биле завршени за некои проекти и безбедноста нема да биде загрозена.
Спасувачите ги заменија багери
Во многу градови спасувачките тимови се заменети со илјадници камиони и багери кои се обидуваат да ги расчистат „планините“ од бетон. Работниците во градот Антакија, во провинцијата Хатај изјавија може да потрае неколку дена за да се исчистат остатоците од само една зграда.
УНДП соопшти дека катастрофата предизвикала најмалку 10 пати повеќе урнатини од последниот голем турски земјотрес во 1999 година.
Голем дел од урнатините што досега беа отстранети се складирани во блиските привремени депонии, што предизвикува загриженост од контаминација. Постојат стравувања дека постар градежен материјал може да содржи азбест, кој предизвикува рак и е забранет во многу земји, вклучително и Турција, изјавија за Ројтерс неколку експерти.
Заменик-министерот за животна средина Мехмет Емин Бирпинар соопшти во твит дека биле користени системи за сузбивање прашина за да се спречи циркулацијата на штетни материи како азбест.
Предупредување за животната средина
Близината и практичноста се главен фактор при изборот на локациите за депонии, велат лица кои работат на отстранување урнатини во јужниот град Антакија.
Но, Ахмет Кахраман, претседател на Комората на инженери за животна средина, вели дека локацијата на која што се складираат отпадоците, бара „прецизна студија“ од геолошки и еколошки експерти.
Некои еколошки активисти и опозициски политичари предупредуваат дека несоодветното расчистување на урнатините може да доведе до еколошка катастрофа. „Фрлање шут во градот без рециклирање предизвикува нова еколошка катастрофа“, рече Гохан Гунајдин, од опозициската партија ЦХП.
Бирпинар на Твитер минатиот петок рече дека областите избрани за депонирање на отпадоци во Хатај биле далеку од земјоделски и станбени области, како и мочуришта и заштитени подрачја.
Досега беа идентификувани 19 привремени локации во Хатај, со вкупна површина од 200 фудбалски игралишта, каде околу 150.000 кубни метри шут се пренесуваат дневно. Оваа недела, стотици камиони со урнатини заминаа во ридовите источно од Антакија, истоварувајќи го шутот на локации во близина на бујно зеленило и маслинови дрвја.
Алтан Арслан, 51-годишник кој поседува фабрика за тули и цементни блокови, рече дека го подарил своето земјиште на Владата за да го користи за складирање урнатини по земјотресот.
Тој рече дека секојдневно пристигнувале илјадници камиони, а урнатините полека прераснале во масивен рид. „Можеби ни требаат уште неколку полиња како ова бидејќи уништувањето е огромно“, рече Арслан, додека багерите фрлаа купишта скршен бетон во неговиот двор.
Локалните жители беа премногу трауматизирани веднаш по земјотресот за да се грижат за тоа каде се фрлаат урнатините, додаде тој. Неговата фабрика помогна да се изгради Антакија, но земјата на која што стоеше сега стана градска гробница.
„Бевме многу среќни додека го градевме овој град, кој наеднаш колабира...“. Тој ја стави раката врз лицето и заплака.