1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Упад во Капитол: Кога насилниците се стилизираат во жртви

АРД
6 јануари 2025

Многумина од оние кои упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година се осудени на долги затворски казни. Трамп пак, успеа да ги трансформира од сторители во жртви - барем меѓу неговите поддржувачи.

https://p.dw.com/p/4orhP
Сцена од нападот врз седиштето на американскиот Конгрес на 6 јануари 2021 година
Сцена од нападот врз седиштето на американскиот Конгрес на 6 јануари 2021 годинаФотографија: Leah Millis/REUTERS

Има одредена иронија во сцената која се одвива на овој горко студен викенд во Вашингтон. Две комбиња со знамиња на Трамп се паркирани два блока западно од Капитолот. Тука наскоро треба да се одржи парада на солидарност за оние кои учествуваа во упадот пред 4 години. Но, само четворица се појавија. „Не знаат каде сме поради оградата“, се жали ко-организаторката Џејми Кроу од Пенсилванија. Фактички договореното место е затворено - безбедносна мерка за да се спречи повторување на настаните кои што Џејми и натаму ги брани.

„Многу долги затворски казни“

 „Капитолот е дом на народот, таму секому му е дозволено да си го каже своето мислење“, вели 60-годишната Џејми. И додава дека 6 јануари 2021 година со сигурност не бил бунт - и покрај повеќе од 140 повредени полицајци и повеќе смртни случаи. Повеќето од 1.500 делумно и насилни демонстранти, кои потоа беа обвинети и во најголем дел се и веќе осудени - некои на многу долги затворски казни.

За приврзаниците на Трамп тоа беа „ревијални судења“

За Едвард Јанг од Њу Џерси, на пример. 65-годишникот, облечен во шал со Трамп и десетина Трамп копчиња на џинс јакната, веќе по четврти пат во изминатите четири години стои пред затворот ДЦ во главниот град, на едно од секојдневните бдеења за таканаречените „Ј6ерс“ . Тој вели дека „всушност и јас сум еден од нив. И јас бев таму на 6-ти јануари, само што не влегов внатре. Но, сојузната полиција после тоа два пати ме посети дома за да ме стави под притисок и да ме заплаши“, вели Френк од Њу Џерси, кој не сака да го открие своето презиме. Тој додава: „Тоа беа само ревијални судења, исто како она против Доналд Трамп“.

Од насилници до жртви

Во текот на изминатите четири години, Доналд Трамп успешно ги стилизираше од сторители во жртви. Понекогаш ги нарекуваше маченици, понекогаш дури и заложници. Неговите настапи во предизборната кампањата беа проследени од песната „Правда за сите“. Снимка со мобилен телефон на затвореници како ја пеат националната химна - прекината од Трамп која ја цитира „Заклетвата за верност“, заклетвата под знамето на САД. Во интервју за Ен-Би-Си од пред неколку недели, Трамп вети дека ќе ги помилува криминалците од тоа време. „Ќе дејствувам многу брзо. Уште на првиот ден. Тие минаа низ пеколот “, рече Трамп.

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп вети дека ќе ги помилува сите осудени за нападот врз Капитолот во 2021 година
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп вети дека ќе ги помилува сите осудени за нападот врз Капитолот во 2021 годинаФотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/picture alliance

Лиз Чејни како интерен партиски непријател

Трамп во истото интервју за Ен-Би-Си рече дека наместо нив во затвор треба да бидат луѓе како Лиз Чејни. Републиканката е една од ретките во нејзината партија која одговорноста за упадот во тоа време ја префрла на стариот и сега реизбран претседател. За нејзините сопартијци таа од тогаш е предавник, за Демократите е народен херој. Пред само неколку дена, американскиот претседател Џо Бајден ѝ го додели „Претседателскиот медал за граѓани“, второто највисоко признание за цивили.

Демократите ветуваат мирно предавање на власта

Тековните истражувања на јавното мнение покажуваат дека наративот на Трамп функционира, барем кај неговите гласачи. Според анкетата на Универзитетот Квинипак, речиси 70 проценти сметаат дека планираните помилувања се исправни. А Џејми од Пенсилванија е сигурна дека Трамп ќе си го одржи ветувањето. „Му верувам на секој збор“, вели таа. Денеска, на 6 јануари, Конгресот повторно ќе ги потврди резултатите од претседателските избори. Камала Харис, губитникот, како досегашен потпретседател на САД, ќе претседава со заедничката седница на Претставничкиот дом и Сенатот. Таа вети мирен трансфер на власта. И за разлика од Републиканците пред четири години, ниту еден Демократ не планира да поднесе жалба на резултатите.

Над 20.000 гардисти ќе ја обезбедуваат инаугурацијата на Бајден

Службите се подготвени

Безбедносните сили сепак не сакаат ништо да препуштат на случајноста. Илјадници дополнителни припадници на полицијата од целата земја се на должност. Нема индиции за планирано насилство или големи демонстрации, вели  началникот на полицијата на Капитолот, Том Мангер, но и додава дека „сите ние сме во состојба на висока готовност. И сите сме многу проактивни кога станува збор за мерките на претпазливост.“ На бдеењето за сторителите од тогаш, исто така никој не верува дека би можело да има нов упад во Капитолот. „Демократите едноставно немаат иста бестрашност како нас“, вели Френк и додава дека „не знаат ни за што да се залагаат. Затоа што не се залагаат за ништо.“

Автор: Јулија Кастајн, АРД