1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последните денови хаос на Доналд Трамп

Инес Пол
7 јануари 2021

Доналд Трамп и неговите поддржувачи се виновни за толпата која упадна во Капитол во Вашингтон, а заминувањето на Трамп од власта мора да биде што побргу, коментира Инес Пол.

https://p.dw.com/p/3ndSP
Washington I Sturm gegen U.S. Capitol
Фотографија: Samuel Corum/Getty Images

Кулминираа нападите на Доналд Трамп врз демократскиот систем. Неговите објави од средата во кои ги повтори теориите на заговор дека пред два месеца изгубените избори всушност се кражба на гласови, ги наведоанеговите верни приврзаници да се обидат да направат преврат. 

Нема сомнеж дека Трамп сноси целосна одговорност и дека ја испрати својата толпа од верни поддржувачи од белци националисти, теоретичари на заговори и онлајн активисти да дивеат во главниот град. 

САД со генерации беа чуварот на надеж во однос на гарантирање на демократија и мирна транзиција на власт – но, Трамп му стави јасно до знаење на светот дека и американскиот систем е кревок. 

Вина и кај помагачите на Трамп

Клучно е да се забележи дека проблемот не го креираше само Трамп и неговиот бомбастичен стил. Виновни се и оние од неговото опкружување кои доследно ја релативизираа неговата реторика како хипербола и кревање врева на интернет. Тоа ги вклучува и дванаесетте сенатори и над стотина претставници од Претставничкиот дом кои во ноември се согласија дека изборите се нелегитимни (или во најмала рака ги ставија под прашање резултатите). Тие не сторија ништо да го запрат напливот на дезинформации и хаос. 

Републиканците гледаа како тој речиси автократски им ја контролира партијата и беа соучесници дозволувајќи му да се извлече со формирање на влада која работи само во негова корист, а не и за народот. 

Да се спали сѐ

Додека се чинеше дека демократијата гори во американскиот Капитол, претседателот Трамп седеше во Овалната соба гледајќи ја деструкцијата што ја поттикна преку медиумите. Поминаа долги часови додека реши да излезе пред јавноста со изјава, пристојно замолувајќи ја толпата да биде „мирна“. Трамп речиси и да не направи никаков напор за да ја контролира ситуацијата велејќи им дека тој во суштина „ги сака“ и верува дека тие се „посебни“. И сето ова за толпа што демонстрира ужасно непочитување на демократијата. 

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес Пол, автор на коментаротФотографија: DW/P. Böll

На само неколку дена до неговото заминување, Трамп се чини како да сака да ја уништи својата партија и темелите на демократијата заедно со неа. Тој се сврте и против дел од неговите најлојални бранители, како потпретседателот Мајк Пенс. Трамп стави јасно до знаење дека единствениот добар Републиканец е само оној кој ќе го брани него до крај. Токму ваквиот наратив кој преку конзервативните и социјалните медиуми стаса до толпата и доведе до сликите кои ги видовме во Вашингтон во средата. Многу е јасно дека Трамп воопшто не е загрижен за земјата која ја предводи и порадо би ја видел распадната, ако не може да биде нејзин лидер. 

Двојни стандарди на полицијата

Полицијата на Капитол хил која има задача да го обезбедува и Конгресот и неговите членови, како и стотици вработени во зградата, потфрли. Демонстрантите главно без проблем упаднаа во зградата, во делот кај Сенатот, кршеа прозорци, па дури влегоа и во канцеларијата на Ненси Пелоси. Им беше дозволено да стојат на скалите од Капитол речиси без никакво постапување од полицијата. 

Од друга страна на почетокот од годинава кога во Вашингтон се одржуваа протестите во рамки на движењето „И црните животи се важни“, тие беа пречекани со солзавец, палки и огорчен претседател кој повикуваше да се апсат мирните демонстранти кои само го остваруваа своето уставно загарантирано право на протести. Двојните стандарди се очигледни: ако сте белец поддржувач на Трамп тогаш сте патриот. Ако не, тогаш сте опасен анархист на кој треба да му се пушти солзавец и да биде затворен.

Го гледаме последниот чин на претседателот кој постојано поттикнуваше насилство меѓу луѓето кои го гледаа како свој лидер. Транзицијата од администрацијата на Трамп кон онаа на Бајден мора да се случи што е можно побрзо.