Избори во САД: (не)признаен пораз
9 ноември 2020Признавањето на изборниот пораз во САД, уште од 1796 година е дел од мирното примопредавање на власта. Тогаш за првпат партии настапиле со свои кандидати на претседателските избори и федералистот Џон Адамс го поразил Томас Џеферсон од Демократско-републиканската партија.
Традицијата, јавно да се признае изборен пораз ја започнал демократот Вилјам Џенингс Брајан во 1896 година. Откако загубил на изборите од републиканецот Вилјам МекКинли, Брајан му испратил телеграма со текстот: „Прими искрени честитки. Му го поставивме прашањето на американскиот народ и нивната волја е закон.“
Републиканскиот претседател Доналд Трамп– човек секогаш подготвен за судски спор кој никогаш не признава пораз– актуелните претседателски избори ги нарече „измама“ и најави дека ќе ги искористи сите законски средства против ваквиот резултат со цел да остане на власт. Овие изјави оставаат сомнеж дека е можно овојпат да не се испочитува традицијата за јавно признавање на изборниот пораз како дел од мирниот трансфер на власта.
Прашање на учтивост, не обврска
Поразениот претседателски кандидат не е обврзан ниту со закон, ниту со Устав да го признае поразот во форма на традиционален таканаречен Concession Speech – говор на губитникот. Повеќе станува збор за учтив потег и обичај. Со оглед дека тоа е моментот и кога едниот кандидат на своите поддржувачи им соопштува дека изборната битка е завршена и другата страна е победник, овие говори се централен елемент во драматичниот политички театар кој е дел од американските претседателски избори.
Повеќе:
-Џо Бајден: Нов претседател, но не и победник над омразата
-Џо Бајден е 46 претседател на САД
Откакко Вилјам Џенингс Брајан во 1896 година ја испрати телеграмата, технолошкиот напредок ја обликуваше улогата на овој ритуал. Зборовите на губитниците на изборите преку вестите и радио емисиите стасуваат до голем дел од публиката. Но, ниту еден друг медиум не го става толку во преден план и како дел од сценариото, како што се телевизиите. Од 1952 година, кога демократот Адлаи Стивенсон го оддржа својот говор кога загуби од републиканецот Двајт Д.Ајзенхауер, телевизијата стана доминантен медиум преку кој се пренесуваат овие говори.
Јавно признавање на изборниот пораз по правило прво е преку приватен телефонски разговор меѓу двајцата кандидати. Во 2006 кандидатката на демократите, Хилари Клинтон во изборната ноќ му се јави на Доналд Трамп, пред следниот ден да им се обрати на своите поддржувачи: „Доналд Трамп ќе биде нашиот иден претседател. Му должиме непристрасност и шанса да не води. Мирен трансфер на власта е основен дел на нашата уставна демократија. Ние не само што го почитуваме тоа, туку и го цениме.“
„За силата на нашата демократија...“
Во 2000 година сценариото не одеше по план. Кога медиумите во изборната ноќ ја најавија победата на републиканецот Џорџ В. Буш, тој го повика противкандидатот од демократите, Ал Гор да го признае поразот и да му честита. Но, потоа се појавија полемики во Флорида каде имаше тесна разлика во бројот на гласови, поради што беше неизведсно кому да му се додели оваа држава. Според законите на сојузната држава предвидено е пребројување на гласовите. По еден час Гор повторно му се јави на Буш и во жесток разговор го повлече признанието за пораз.
Врховиот суд на САД конечно на 12 деќември 2000 го запре повторното пребројување со што го направи Џорџ В. Буш претседател. Еден ден подоцна Ал Гор излезе пред новинарите и рече: „Предмалку зборував со Џорџ В. Буш и му честитав на изборот за 43. Претседател на САД. Му ветив дека овојпат нема да го повлечам признанието.„
И покрај жестокото спротивставување на одлуката на Врховниот суд, Гор на присутните им рече: „Во име на нашето единство како народ и силата на нашата демократија го признавам мојот пораз.“
Тој исто така цитираше дел од говорот на демократскиот сенатор Стивен Даглас од 1860 година, кога загубил од републиканецот Абрахам Линколн: „Партиската лојалност мора да му отстапи место на патриотизмот. Стојам зад вас господине претседателе и Бог да ве благослови“.
Заговарање на единство и демократија
Традицијата бара поразениот во неговиот говор да се осврне на четири мисли: да го прифати поразот, да повика на единство, да ја велича демократијата и да вети дека ќе продолжи со борбата. Достоинството и сериозноста се притоа важни, конечно кандидатот пред земјата и своите гласачи потврдува дека кампањата е завршена и дека Американците сега треба да се обидат да ги надминат разликите и заради поголемото заедничко добро да се обединат.
Но, не прифаќа секој пораз достоинствено. Претходникот на Трамп од Републиканците. Ричард Никсон одржа прочуен негативен говор кога ги изгуби изборите за гувернер во Калифорнија во 1962 од Демократот Пет Браун и прес-конференцијата ја напушти со зборовите: „Сега веќе нема да може да го туркате Никсон наваму-натаму бидејќи господа ова е последната пресконференција”. Никсон докажа дека признанието на пораз не значи дека се откажуваш и потоа редовно настапуваше во улога на критизер и критикуван на политичката бина пред дефинитивно да се повлече во 1974, тогаш од позиција на претседател на САД.
Страста во двата табори и длабоката поделеност кои ја обележаа кампањата 2020 се чини дека бараат силен апел за единство во поделената земја. Демократот и иден претседател Џо Бајден постојано велеше дека ќе ја почитува волјата на народот во фер и демократски избори и повека на мир и единство на сите Американци. Во неговото победничко обраќање во саботата го задржа истиот тон.
Фактот дека Доналд Трамп и во 2016 и сега цврсто се противеше да вети дека ќе ги признае изборните резултати и во случај на пораз, и емоциите кои ги предизвикува кај поддржувачите со тоа што ги негира изборите како изборна измама - сето тоа не укажува на достоинствено заминување од функцијата. Но, можеби ќе добиеме барем еден твит со признание на поразот, ако неговиот твитер профил не биде блокиран.