1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Уставен суд на мака да избере нов претседател

ДТЗ
3 јуни 2024

Ана Павловска Данева се повлече, но тоа не ѝ го отвори патот на нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева, која не успеа да ја добие поддршката од мнозинството колеги

https://p.dw.com/p/4gZPp
Уставен суд на мака да избере нов претседател
Уставен суд на мака да избере нов претседател Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Пропаднаа десетина обиди во три дена за избор на првиот човек на Уставниот суд. Во трката беа две судијки, од кои едната - Ана Павловска Данева во понеделникот (03.06) ја повлече кандидатурата, но тоа не ѝ го отвори патот на нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева , која и покрај тоа што остана сама, не успеа да ја добие поддршката од мнозинството колеги за да ја наследи досегашната претседателка Добрила Кацарска.

Повлекување за да се избегне уставна криза

Данева вели дека ја повлекла кандидатурата за да не се доведе државата во уставна криза. „Се повлеков и побарав судот да гласа согласно принципот на меритократија, односно исклучиво согласно професионалните квалификации и менаџерските капацитети на кандидатите. Судијката Васиќ остана единствен кандидат“, изјави судијката за агенцијата МИА. 

Но, и покрај оваа одлука, Васиќ Бозаџиева, која остана како единствен кандидат за високата функција, не го доби потребниот број на шест гласови. 

Новиот претседател на Уставен суд треба да ја замени досегашната претседателка Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат истече во неделата (02.06). Според Деловникот, Уставниот суд на седница избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање. 

Тајно гласање

По завршувањето на мандатот на Кацарска и неуспешните кандидатури на Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева, се очекува кандидатура на некој од следните актуелни судии во Уставен суд кој ќе треба да ја преземе претседателската функција - Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Елизабета Дуковска и Јадранка Дабовиќ Анастасовска.

Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.